Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.70/92), на седницата одржана на 17 мај 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на:
а) Заклучокот за повлекување на Заклучокот на Владата на Република Македонија од 2 септември 1996 година и за задолжување на Министерството за образование согласно член 8 од Законот за основно образование да даде одобрение за изведување на настава на мајчин турски јазик во ОУ “Моша Пијаде” и “Неџати Зекирија”- Општина Центар Жупа, донесен од Владата на Република Македонија на 10 август 1999 година и
б) Решението за изведување на настава на мајчин турски јазик за учениците од Општина Центар Жупа во ОУ “Моша Пијаде” – Центар Жупа, бр.10-62/19, донесено од Министерот за образование на 31 август 1999 година.
2. Политичката партија “Лига за демократија” и здруженијата на граѓани “Светски македонски конгрес” и “Сојуз на Македонците со исламска религија на Македонија”, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа одвоени иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата на политичката партија, оспорените акти биле во спротивност со член 48 став 4 од Уставот затоа што изразот “својот јазик” употребен во наведената уставна одредба бил синоним за “мајчин јазик”, кој пак израз не бил врзан за националното чувство на родителите, туку за јазикот што родителите го зборуваат со децата дома.
Оттука, иницијаторот смета дека оспорените акти потполно го запоставуваат ноторниот факт дека во Република Македонија постојат луѓе кои се декларираат како Турци (што било нивно неприкосновено уставно право), но чиј мајчин јазик е македонскиот. Тој факт, пак, можел да се утврди преку проверка на знаењата (тест), што било најелементарна форма на која подлежат децата во секоја земја за да се види каде и како ќе учат.
Инаку, иницијаторот смета дека изнесеното прашање има начелно значење, во смисла да не може декларирањето на граѓанинот за неговата национална припадност да биде основа за негово образување на соодветниот малцински јазик и дека нема значење само за конкретниот случај.
Во иницијативите, пак, на наведените две здруженија на граѓани, се укажува дека странски и домашни експертизи потврдувале оти населението во Дебарска Жупа припаѓало на етничките Македонци, дека тоа произлегувало од објективни критериуми (нивните културни карактеристики, нивната традиција, ….) и дека децата, како и нивните родители, ниту го разбирале, ниту го зборувале турскиот јазик.
Притоа, сметаат иницијаторите, таквата фактичка состојба била негирана од повеќе причини, меѓу кои и поради припадноста на тоа население на исламската религија, потоа поради влијанија и притисоци над тоа население од одредени политички партии, како и од надвор, па дури и од инает на дел од тоа население. Под такво влијание биле донесени и оспорените прописи, поради што тие не биле во согласност со членот 8 ставовите 1 и 2 (односно со основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како и со слободното изразување на националната припадност), со член 9 (односно уставното начело на еднаквост), со член 11 ставовите 1 и 2 (односно со недопирливоста на човековиот физички и морален интегритет, како и со забраната на неговото мачење….), со член 16 ставовите 1 и 2 (односно со слободата на уверувањето, совеста, мислата…., како и на говорот….), со член 42 став 1 (односно со обврската да се заштитуваат децата), со член 44 став 2 (односно со достапноста на образованието на секого под еднакви услови), со член 48 ставовите 2 и 4 (односно со заштитата на етничкиот и јазичкиот идентитет но на националностите, како и со правото на националностите на настава на својот јазик, а не и на оние кои тоа не се), и со член 54 од Уставот (односно со можноста да се ограничуваат слободите и правата само со Уставот, а не и со други прописи). Освен тоа, се смета дека оспорените прописи не биле во согласност и со соодветните одредби од Конвенцијата за правото на детето, донесена од ООН, како и од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.
Едновремено, со овие две иницијативи се бара Судот да изрече времена мерка, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.
3. Судот, на седницата, утврди дека со оспорениот заклучок се повлекува Заклучокот на Владата, донесен на седницата одржана на 2 септември 1996 година и се задолжува Министерството за образование согласно член 8 од Законот за основно образование да даде одобрение за изведување на настава на мајчин турски јазик во ОУ “Моша Пијаде” и “Неџати Зекирија” – Општина Центар Жупа. Во член 8, пак, од Законот за основното образование (“Слуќбен весник на РМ” бр.44/95, 24/96, 34/96 и 35/97) се утврдува дека “воспитно-образовната работа во основното училиште се изведува на македонски јазик и кирилско писмо” (став 1), потоа дека “за припадниците на националностите воспитно-образовната работа се изведува на јазикот и писмото на националностите на начин утврден со овој закон” (став 2) и дека “учениците од став 2 на овој член задолжително го изучуваат и македонскиот јазик” (став 3).
Понатаму, Судот утврди дека со оспореното решение се одобрува изведување на настава на мајчин турски јазик за учениците од Општина Центар Жупа во ОУ “Моша Пијаде” – Центар Жупа (точка 1) и дека решението влегува во сила од денот на донесувањето со примена од 1 септември 1999 година (точка 2).
Од изнесената фактичка состојба, покрај другото, произлегува дека (1) со оспорените акти се утврдува дека турскиот јазик е мајчин јазик на учениците од Општина Центар Жупа и дека (2) Заклучокот и Решението не се донесени во извршување на правото на националностите на настава на малцинскиот јазик уреден со Законот за основното образование, бидејќи Законот тоа воопшто не го уредил.
4. Според член 48 став 4 од Уставот припадниците на националностите имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование, на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на јазикот на националноста, се изучува и македонскиот јазик.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека припадниците на националностите ја остваруваат наставата, во основното и средното образование, на својот јазик, а тоа, според мислењето на Судот, е јазикот што по слободен избор и меѓусебно во секојдневниот живот го користат припадниците на националностите. Според тоа, наведената уставна одредба определила објективен критериум за остварување на правото на националностите на настава на својот јазик и тоа право не зависи ниту од субјективната волја на државните органи, ниту од субјективниот однос на граѓанинот за неговата национална припадност.
Со оглед на тоа што со оспорените акти се определува настава за учениците во Општина Центар Жупа да се врши на јазик кој тие не го користат во меѓусебното секојдневно комуницирање и по слободен избор, со што всушност се попречува целта на образованието-стекнување на потребните знаења и се девалвира содржината на правото на образование, пред Судот се постави прашањето за согласноста на таквото решение од оспорените акти со наведената уставна определба.
5. Што се однесува, пак, до барањето за изрекување на времена мерка, Судот оцени дека не се исполнети условите за тоа предвидени во член 27 став 1 од Деловникот на Судот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.205/1999
17 мај 2000 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков