Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71, 27 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 17 мај 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот бр.07-1421/15 донесен од Советот на општина Тетово на 15 декември 1999 година.
2. Стојадин Синадиновски од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на заклучокот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него Советот на општина Тетово ги става вон
сила решенијата на Министерството за урбанизам и градежништво бр.09-99/1 од 15 јуни 1999 година и бр.09-1736/1 од 15 јуни 1999 година иако согласно законот не е надлежен тоа да го прави. Имено со Законот за локалната самоуправа советот на општината со ниедна одредба не е овластен да ги става вон сила актите на органите на државната управа и да забранува нивно реализирање. Од друга страна, пак, и според Законот за просторното и урбанистичкото планирање, за доделување на земјиште на користење исклучиво е надлежно Министерството за урбанизам и градежништво, а советот не може да го оспорува тоа доделување.
Истовремено со иницијативата се бара Судот да донесе времена мерка.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот заклучок донесен на 15 декември 1999 година е предвидено дека се прифаќа информацијата на Месната заедница “Гам-Гам” од Тетово, за спречување на организирање на приватен пазар за купопродажба на стоки и земјоделски производи на КП.бр.2794 и КП.бр.4507 на м.в.”Горна Чаршија” на КО-Тетово.
На Кп.бр.2794 и КП.бр.4507 на КО-Тетово, според Деталниот урбанистички план на град Тетово, не е предвидена изградба на пазар за промет на стоки и земјоделски производи, односно на зелен пазар за земјоделски производи во овој дел на градот.
Сите акти донесени од Подрачната единица на Министерство за урбанизам и градежништво на Тетово (решение за локација, одобрение за градба и слично), кои не се во согласност со деталниот урбанистички план на овој дел на градот од истото министерство да се стават вон сила.
Овој Заклучок влегува во сила со денот на усвојувањето и ќе се објави во “Службен гласник на Општина Тетово”.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законот.
Имајќи ја предвид содржината на оспорениот Заклучок, Судот оцени дека тој не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што тој не е надлежен да ја оценува неговата согласност со законот.
5. Во однос на барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот заклучок, Судот оцени дека поаѓајќи од фактот што оспорениот заклучок не е пропис во смисла на член 110 од Уставот, не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
Врз основа на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.10/2000
17 мај 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков