Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 мај 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 од Законот за изменување на Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2000) и член 2 став 4 од Законот за изменување на Законот за акцизите во делот “излезната рафинериска цена ја утврдува Владата на Република Македонија” (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/99).
2. СЕ ЗАПИРААТ од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените членови.
3. Борис Кондарко и Никола Поповски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на член 1 од Законот за изменување на Законот за акцизи (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2000).
Подносителите на иницијативата сметаат дека со оспорениот член кој уследил по интервенција на Уставниот суд на Република Македонија односно по укинувањето на член 3 од Законот за изменување на Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/99) не е направена суштинска промена во содржината на законот, односно повторно е овозможено Владата да ја утврдува акцизата за нафтените деривати.
Истовремено со иницијативата се бара Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот член.
При проучување на предметот Судот по сопствена иницијатива одлучи да поведе постапка за оценување уставноста на член 2 став 4 од Законот за изменување на Законот за акцизи (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/99) во делот “излезната рафинериска цена ја утврдува Владата на Република Македонија”.
4. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Законот за изменување на Законот за акцизи (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2000) член 10 став 2 се менува и гласи: “Акцизата од став 1 на овој член се утврдува периодично како разлика меѓу изелзната рафинерсика и производната рафинериска цена, при што пропишаната акциза во тарифен број 1 за одделните нафтени деривати од точките 1), 2), 3) и 7) претставува просечен износ на акциза во даночниот период на годишно ниво.
Судот исто така утврди дека во членот 2 став 4 од Законот за изменување на Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/99) со кој се менува член 10 од Законот за акцизите е предвидено дека “излезната рафинерсика цена за секој дериват од став 2 на овој член е производна рафинериска цена за секој дериват плус акцизата. Излезната рафинериска цена ја утврдува Владата на Република Македонија.
Од анализата на содржината на наведената одредба произлегува дека акцизата како јавна давачка не е утврдена во фиксен износ туку претставува просечен износ во даночниот период на годишно ниво односно таа варира во определени даночни периоди како разлика меѓу излезната рафинериска цена и производната рафинериска цена, а излезната рафинериска цена ја утврдува Владата на Република Македонија.
5. Според член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.
Во член 1 став 2 од Законот за акцизата е предвидено дека акццизата претставува посебен вид на данок на промет на производи определени со овој закон.
Од наведените одредби произлегува дека акцизата е јавна давачка која ја утврдува Собранието.
6. Имајќи ги предвид наведените одредби произлегува дека акцизата е јавна давачка која ја утврдува Собранието. Утврдувањето односно воведувањето на јавните давачки, како и утврдувањето на нивните битни елементи (обврзник, основица, стапка, олеснување и ослободување) треба да бидат утврдени со закон од страна на Собранието. Според тоа даночните обврски мора да бидат утврдени јасно и разбирливо за даночниот обврзник, а утврдувањето на даночната обврска опфаќа не само воведување на јавната давачка туку утврдување и на елементите на јавната давачка меѓу кои елементи спаѓа и висината на даночната стапка.
Висината на стапката на јавната давачка односно на акцизата во конкретниот случај не е утврдена со закон туку тоа е допуштено да го прави Владата врз основа на просечниот износ на акцизата поради што се поставува прашањето дали на Владата не и се пренесени овластувања кои се во исклучува надлежност на Собранието.
Притоа Судот смета дека Владата може да предвидува механизми односно да му предлага на Собранието инструменти за т.н. упросечување на висината на акцизата меѓутоа самото утврдување на акцизата треба да го направи законодавното тело односно Собранието. Од одредбата на член 2 став 4 произлегува дека Владата ја утврдува излезната рафинериска цена која содржи производна рафинериска цена плус акциза. Во другите ставови на член 2 од Законот за изменување на Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/99), регулирано е што претставува производна рафинериска цена, а тоа е цената на прагот на рафинеријата за секој дериват утоварен во превозно средство, а што претставува излезна рафинериска цена, а тоа е производна рафинериска цена плус акциза.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај во законот акцизата како јавна давачка не е утврдена во фиксен износ, туку таа претставува просечен износ на акциза во даночниот период на годишно ниво, односно таа варира во одделни даночни периоди, Судот смета дека од ова решение во краен случај сепак произлегува дека Владата ја утврдува акцизата периодично.
Имајќи предвид дека во оспорениот член 1 од Законот за изменување на Законот за акцизи (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2000) не е наведено кој ја утврдува акцизата периодично, Судот смета дека наведената одредба и од тој аспект е нејасна и неприменлива што е спротивно на член 33 и 68 од Уставот на Република Македонија, поради што основано може да се постави
прашањето за согласноста на наведените членови со Уставот на Република Македонија.
7. Во однос на барањето за времена мерка, Судот смета дека се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.35/2000
17 мај 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков