Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен веник на РМ” бр.70/92), на седницата одржана на 17 мај 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Уредбата за висината на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната (“Службен весник на РМ” бр.35/93, 36/94, 2/97, 7/98, 22/98 и 27/98).
2. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законистоста на Упатството за условите, начинот и постапката за остварување на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната (“Службен весник на РМ” бр.46/94, 36/98).
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста посебно на член 2 став 2 и на член 7 став 3 од Уредбата означеноа во точката 1 од оваа решение, како и на уставноста на истата Уредба во целина.
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Уредбата не биле во согланост со член 91 алинеја 5 од Уставот, затоа што според ова уставна одредба Владата на РМ донесува уредби и други прописи за извршување на законите, па затоа ова свое уставно овластување таа не можела со уредба да го пренесува на органите на управата, во случајот на министерот за одрбрана. Исто така, овие одредби не биле во согласност ни со член 96 од Уставот според кој органите на државната управа, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите, што значи не и врз основа и во рамките на други прописи, како што е тоа во случајот со Уредбата.
Имено, согласно член 16 став 1 точка 4 алинеја 13 од Законот за одбрана, Владата е овластена да ја пропишува висината за сите надоместоци и во тие рамки таа била должна со Уредбата да ги предвиди и условите, начинот и постапката за остварување на предвидените надоместоци, а не тоа свое уставно и законско овластување да го пренесува на министерот за одбрана, со што фактички во случајот на него му е дадена и изворна законодавна функција, што согласно Уставот и законот не било допуштено.
Понатаму, со оглед дека условите за остварување на одредени права на граѓаните согласно член 164 од Законот за органите на управата, можеле да се пропишуваат само со закон, според подносителот на иницијативата, предметните права, односно видовите на надоместоците што им припаѓаат на граѓаните повикани за извршување на правата и должностите од областа на одбраната, како и нивната висина, не можеле да се предвидуваат ниту со Уредба на Владата, бидејќи таа според член 91 алинеја 5 од Уставот, со Уредба била овластена само да го уредува извршувањето на законите, што не било случај со конкретната уредба, со која се утврдувале и права на граѓаните.
3. Судот на седницата утврди дека според став 1 на член 2 од Уредбата, на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната им припаѓаат следните надоместоци: плата, односно надоместоци на плата или други парични примања; трошоци за превоз, исхрана и сместување; еднократна парична помош во случај на смрт, повреда или оштетување на организмот; стварни погребни и др. трошоци; трошоци во обучувањето за одбрана и трошоци во пронаоѓањето и уништувањето на неексплодирани убојни средства.
Според посебно оспорениот став 2 од член 2 од Уредбата, условите, начинот и постапката за остварување на надоместоците од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот за одбрана.
Судот, исто така, утврди дека во натамошните членови од Уредбата,се пропишува висината посебно за секој вид од овие надоместоци утврдени во член 2 од Уредбата како и условите и критериумите под кои тие се остваруваат, односно исплатуваат на одделни категории на граѓани. Така на пример, во член 7 став 1 од Уредбата, утврдено е дека за време на служење на воениот рок на војниците им припаѓа парично примање до 10% од просечната плата по работник во стопанството на Република Македонија објавена за последниот месец од Републички Завод за статистика, во зависност од чинот и должноста што ја извршуваат во следните висини:
Според чинот, паричните примања изнесуваат: 6% на војници без чин; 7% на војници со чин разводник; 8% на војници со чин десетар и 9% на војниците со чин помлад водник.
Според посебно оспорениот став 3 од овој член од Уредбата, за определени должности што ќе ги пропише министерот за одбрана, висината на паричните примања од став 2 на овој член може да се зголеми до 10%.
4. Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, која своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според член 91 од Уставот, Владата на Република Македонија, покрај другото, ја утврдува поликтиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, донесува уредби и други прописи за извршување на законите, утврдува начела за внатрешната организација и за работата на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа и врши и други работи утврдени со Уставот и со закон.
Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон, а според член 96, исто така, од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Органите на управата, согласно член 18 од Законот за органите на управата, покрај другото ја спроведуваат утврдената политика и ги извршуваат законите, другите прописи и општи акти на Собранието и прописите и другите општи акти на Владата, а согласно став 2 на член 19 од овој закон, тие во рамките на правата и должностите на Републиката, законите, другите прописи и општи акти на Собранието и прописите и општите акти на Владата, покрај другото ги извршуваат и со донесување на прописи за извршување на законите, другите прописи и општи акти, кога за тоа се овластени со закон, друг пропис и општ акт.
Понатаму, согласно член 160 од Законот за државната управа, функционерите кои раководат со органите на управата донесуваат правилници , наредби и упатства за извршување на законите и другите прописи и општи акти на Собранието, како и на прописите на Владата, кога за тоа се овластени со тие закони, прописи односно акти, а согласно член 164, со прописите на функционерот кој што раководи со органот на управата не можат за граѓаните, претпријатијата, установите и другите организации и заедници да се установуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на органите.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека Владата на Република Македонија, во системот на организацијата на државната власт, заснована врз принципот на поделбата на власта, е дефинирана како носител на извршната власт, и како таква таа е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, во донесувањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи, што ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Од друга страна, од наведените уставни и законски одредби, исто така, произлегува дека органите на државната управа, во кои спаѓаат и министерствата, покрај другото, се надлежни да ја спроведуваат утврдената политика и да ги извршуваат законите, другите прописи и општи акти на Собранието и прописите и општите акти на Владата. Со оглед дека согласно Законот за органите на управата, извршувањето на законите, другите прописи и општи акти на Собранието и прописите и општите акти на Владата, органите на управата, меѓу другото го вршат и со донесување на прописи за нивно извршување, кога за тоа се овластени, тоа значи дека, во остварувањето на оваа димензија на управната функција, на органите на управата, со овој закон им е делегирано вршење на нормативна дејност, односно со наведениот закон на овие органи е утврдено овластување да донесуваат акти за изрвшувањето не само на закони и други прописи на Собранието, но за извршување и на пропис на Владата на Република Македонија, кога за тоа посебно се овластени со тие прописи.
Во конкретниот случај тоа практично значи дека за утврдените овластувања на министерот за одбрана да ги пропише условите, начинот и постапката за остварување на надоместоците од став 1 на член 2 од Уредбата ( член 2 став 2), односно да ги пропише определениете должности за кои висината на паричните примања од став 2 на член 7 може да се зголемат до 10% (член 7 став 3) постои директен основ во членовите 18 и 160 од Законот за органите на управата.
Меѓутоа, кога станува збор за прашањето дали предметните права, односно видовите на надоместоците што им припаѓат на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната, како и нивната висина, може да се утврдуваат со Уредба на Владата на Република Македонија, покрај уставните одредби за положбата и надлежностите на Владата на Република Македонија, треба да се имаат предвид и другите одредби од Уставот, пред се одредбите од вториот дел за слободите и правата на човекот и граѓанинот, од кои што, исто така, произлегува уставната определба дека правата и обврските за граѓаните можат да се пропишуваат само со закон и колективен договор, а не и со уредба и други прописи што ги донесува Владата на Република Македонија и органите на државната управа заради извршување на законите и другите прописи на Собранието на Република Македонија. Имајќи го предвид наведеното, пред Уставниот суд основано се постави прашањето за согласноста на целата Уредба со Уставот, од причини што од нејзината содржина произлегува дека тоа не претставува извршен пропис во смисла на член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија, со оглед дека со неа не се врши доуредување, односно разработување, конкретизирање и допрецизирање на определи одредби од Законот за одбраната, но едноставно со неа се утврдуваат видовите, висината и условите за остарување на надоместоците што им припаѓаат на граѓаните во врска со остварувањето на одбраната на Република Македонија. Кои што, според напред наведеното, може да се утврдат само со Законот за одбрана. Инаку, овие надоместоци како вид на права, воопшто не се утврдени во самиот Закон за одбрана, но само во член 16 став 1 точка 4 алинеја 13 е утврдено Владата на Република Македонија со уредба да ја пропишува нивната висина.
Бидејќи прашањето за согласноста со Уставот се постави во однос на Уредбата во целина, Судот оцени дека е беспредметно да се впушта во оценка на уставноста и законитоста на посебно оспорените одредби од член 2 став 2 и член 7 став 3 од Уредбата.
5. Со оглед на тоа што Упатството за условите, начинот и постапката за остварување на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната е донесено врз основа на член 2 став 2 од Уредбата, а Судот изрази сомневање за согласноста со Уставот на Уредбата во целина, пред Судот се постави прашањето за согласноста со Уставот и со Законот за органите на управата и на Упатството, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од решението.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.17/2000
18 мај 2000 год.
С к о п ј е
бј
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков