Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 мај 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на измената и дополнувањето на Детален урбанистички план за УЕ-3 во Струга, донесена од Советот на Општина Струга на 29 декември 1999 година (“Службен Гласник на Општина Струга” бр.16/99).
2. Васил Крстановски од Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената одлука биле извршени измени на Деталниот урбанистички план на УЕ-3 во Струга, според кој била вцртана доградба на семејна станбена зграда која граничела со парцелата КП бр. 2226 КО Струга, сопственост на подносителот на иницијативата. Ваквата состојба, според мислењето на подносителот би била допуштена доколку не се водела и се уште се водела управна постапка во која лицето Јовановски Глигор, на кого му е вцртана со оспорениот детален план доградба на индивидуална зграда, не го оспорувал решението за услови за доградба и надградба на неговата индивидуална станбена зграда. Од страна на соседот бил заведен и управен спор пред Врховниот суд на Република Македонија и предметот бил вратен на повторно разгледување и одлучување во ПЕ на Министерството за урбанизам иградежништво Струга.
По укажувањата на Врховниот суд од страна на ПЕ Струга на подносителот на иницијативата му било издадено решение за услови на градба бр. 08-1261/4 кое повторно било обжалено од соседот. И покрај ваквиот исход во управната постапка, со оспорената одлука во урбанистичкиот план било извршено вцртување на доградба на станбениот објект на соседот во низ на неговата парцела без негова писмена согласност и без консултација од стручната комисија поради што нејзиното донесување укажувало на неуставност и незаконитост заради тоа што е донесена и покрај тоа што не биле завршени сите фази на изработка на Деталниот урбанистички план, што јавната анкета била спроведена во затворениот влез на зградата на Собранието на Општина Струга и што менувала стварна правна ситуација.
Со иницијативата подносителот бара Уставниот суд, до донесување на конечна одлука, да донесе решение со кое ќе ги запре од извршување сите поединечни акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорениот детален план.
3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Одлуката се донесува измената и дополнувањето на ДУП за УЕ -3 -Струга. Во членот 2 е предвидено дека Деталниот урбанистички план содржи: текстуален дел (книга); графички дел; извештај за стручната консултација и јавната анкета; стручна ревизија и одговор на стручната ревизија.
Според членот 4 од Одлуката Деталниот урбанистички план за УЕ-3 – Струга ќе го спроведува Министератвото за урбанизам и градежништво ПЕ – Струга, по добивањето на согласност на ова Министерство, а според членот 5 Деталниот урбанистичкиплан се заведува со печат и потпис од изготвувачот на Советот на Општина Струга.
И на крајот, според член 6 од Одлуката, ова одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен Гласник на Општина Струга”.
Судот, исто така, утврди дека на Нацрт-Планот била извршена стручна ревизија, дека била спроведена јавна анкета со излагање на Планот на јавно место ( холот на Општина Струга), дека за јавната анкета граѓаните биле информирани преку соопштение објавено во јавните гласила, дека на Планот, без забелешки е дадена согласност за негово спроведување од надлежното Министерство.
4. Согласно член 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Според член 7 точка 2 алинеја 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97 и 18/99), во зависност од просторот кој е предмет на планирање, се донесува детален урбанистички план.
Во член 17 став 3 од Законот е предвидено дека по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета, а според член 18 од Законот, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дека во кој заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје, опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата.
Според член 18 алинеја 3 од Законот за јавната анкета Министерството надлежно за работите на урбанизмот, изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки, кои се доставуваат заедно со предлогот на планот на усвојување, а во членот 19 е предвидено дека на нацрт плановите од член 7 на овој закон пред организирањето на јавна анкета се врши стручна ревизија.
Според член 22 став 3 од Законот деталните планови ги донесува општината, а според ставот 6 на овој член деталните урбанистички планови можат да се спроведуваат по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот. Според членот 23, исто од овој закон, со согласноста се потврдува дека планот е донесен согласно со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој Закон и другите прописи.
Тргнувајќи од утврдената правна и фактичка состојба по предметот Судот утврди дека планот е донесен во постапка пропишана со означениот закон, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одлука.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека оспорениот план не требало да се донесе до завршување на управната постапка односно управниот спор помеѓу подносителот и неговиот сосед, Судот смета дека поединечните акти предмет на управна и судска постапка не можат да бидат од влијание на урбанистичкото планирање, ниту основ за поведување постапка.
5. Судот оцени дека согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд не се исполнети условите Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.46/2000
11 мај 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков