153/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 мај 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 4 став 5 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/98).

2. Климент Шуканов од Охрид, на Уставниот суд на Република Макеонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 4 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба било утврдено барањето за преиначување и укинување на одлуката со која е изречена казна конфискација на имот да се поднесува во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон, што не било во согласност со Уставот.

3. Судот на седницата уврди дека со член 4 став 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/2000), оспорената одредба е изменета, така што барањето за преиначување и укинување на одлуката со која е изречена казна конфискација на имот се поднесува до надлежниот суд според живеалиштето на осудениот во време на осудата во рок од три години од денот на влегувањето во сила на Законот за денационализација, што значи дека рокот е продолжен и завршува на 8 мај 2001 година.

4. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучувањето по иницијативата.

5. Тргнувајќи од фактот дека оспорената одредба е изменета со што престанале и причините за нејзиното оспорување, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Д-р Милан Недков, судиите Д-р Никола Крлески, Олга Лазова, Д-р Стојмен Михајловски, Д-р Јован Проевски, Бесим Селими, Д-р Јосиф Талевски и Д-р Тодор Џунов.

У.бр.153/99
10 мај 2000 год.
С к о п ј е
бј

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков