Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 10 мај 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 18-а став 2 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/72, 29/83, 51/88, 19/90 и 26/93), во делот “гроб или друго”.
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на преостанатиот дел од член 18-а став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 18-а став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот не била во согласност со член 9, 11 и 19 од Уставот со кои се гарантира еднаквоста на граѓаните без оглед на политичкото уверување, моралниот интегритет и слободата на вероисповеста. Се смета дека таа одредба е реликт од минатото и дека не постои критериум по кој некое лице, во повоениот период, може да се означи како непријател на НОБ или на општествено-политичкото уредување на Република Македонија, а се прашува кој “фактор” тоа би можел да го утврди. Според наводите во иницијативата, не може да се казнуваат блиските на умрениот ако сакаат да му подигнат некакво спомен обележје на гроб или друго место.
4. На седницата Судот утврди дека во оспорената одредба е предвидено со казна затвор од 40-60 дена да се казни тој што на гроб или друго јавно место постави натпис, фотографија или подигне спомен обележје на лице кое го изгубило животот како непријател на НОБ или општествено политичкото уредување на Република Македонија.
5. Во член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, е утврден и хуманизмот.
Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и се еднакви пред Уставот и законите.
Согласно член 11 став 1 од Уставот физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Во член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
6. Разгледувајќи ја оспорената одредба од законот во контекст на изнесените уставни одредби, Судот оцени дека таа, во делот со кој како казниво поведение го определува истакнувањето фотографија, натпис или спомен обележје на гробот на лицето што го изгубило животот како непријател на НОБ или на општествено-политичкото уредување, има импликации врз респектирањето на човечкото достоинство како уставна вредност што го проткајува уставниот концепт на човековите права и слободи. Според мислењето на Судот, изнесените уставни одредби, и не само тие, ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од човековите права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и нивна претпоставка изразена во темелната вредност на хуманизмот во член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот.
Иако човечкото достоинство е вредност што во прв ред бара заштита кога се работи за живите луѓе, Уставниот суд смета дека неговиот досег секако ги опфаќа и умрените. Иако изразувањето на респектот кон умрените може да има различни нивоа и форми особено во јавната сфера, Судот смета дека елементарен услов за респект на човечкото достоинство е умрениот да биде погребан онака како што живите ги погребуваат умрените според важечките обичајни и правни правила, независно од нивните заслуги или гревови гледани од аспект на општествената заедница. Во исто време тоа го подразбира и правото на блиските (по било кој
основ) на умрениот да не бидат попречувани да го погребат на вообичаен, би се рекло, достоен начин.
Во Република Македонија достојното или вообичаеното погребување, со одредени разлики во поглед на верската или националната припадност, подразбира и истакнување знаци, фотографии, натписи, обележја или надгробни споменици, што е изречно дозволено со член 10 од Законот за гробишта (“Службен весник на СРМ” бр.18/73).
Врз основа на изнесеното, пред Судот се постави прашањето дали со тоа што оспорената одредба од Законот како казниво поведение го определува поставувањето на фотографија, натпис или спомен обележје на гроб на лице кое го изгубило животот како непријател на НОБ или на општествено-политичкото уредување на Република Македонија, не се повредува елементарното достоинство на човекот да биде погребан на начин како што се погребуваат умрените и не се повредува, без основ, исполнувањето на моралната должност на неговите блиски да го погребат на таков начин, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Во поглед на вториот дел на оспорената одредба кој се однесува на казнувањето на истите поведенија ако се сторени на јавно место, Судот не најде основа за сомневање во нејзината уставност. Според мислењето на Судот, наспроти наводите во иницијативата, формулацијата “лице што го изгубило животот како непријател на НОБ и на општествено – политичкото уредување” е јасно одредена и се однесува само на оние лица кои загинале во НОБ во акции против единиците на НОБ, како и на оние лица кои по НОБ загинале во акции насочени кон уривање на уставниот поредок односно општествено политичкото уредување, што се познати факти така што не остава простор за нејзина интерпретација и примена во насока на дискриминирање на политички или идеолошки неистомисленици. Казнувањето на јавното обележување на споменот кон тие лица има исклучива функција и смисла во заштита на јавниот ред и мир како предмет на овој закон чие загрозување не може да се оправдува со личното достоинство на тие лица, ако во исто време се навредува исто така личното достоинство на сите други лица што НОБ и уставното уредување го сметаат за вредност што заслужува респект. Поради тоа Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.32/2000
10 мај 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков