У.бр.57/2000

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 51, 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 април 2000 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Никола Петков од Гевгелија за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, а кои се однесуваат за забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална и политичка припадност повредени со пресуда на Врховниот суд на Република Македонија У.бр.10408/98 од 26 октомври 1999 година.

2. Никола Петков од Гевгелија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, затоа што со пресуда на Врховниот суд на Република Македонија У.бр. 10408/98 од 26 октомври 1999 година, подносителот на барањето се става во подредена и дискриминаторска положба како човек и граѓанин, по основ на пол, раса, верска , национална, социјална и политичка припадност со оглед на тоа што не може да го оствари своето стекнато законско право на старосна пензија како и другите граѓани.

3. Судот на седницата утврди дека со решение 03-1-1545/90 од 7 септември 1990 година донесено од Сојузната управа за царина на подносителот на барањето му престанал работниот однос со право на пензија согласно член 47 , а во врска со член 46 и 50 од Законот за измени и дополнувања на Законот за основите на системот на државната управа и за СИС и Сојузните органи на управата .

Наведеното решение било обжалено, а тогашниот Сојузен извршен совет на СФРЈ како второстепен орган во управна постапка со решение бр.1105/1 -90 од 4 декември 1990 година ја одбил жалбата на подносителот, а документацијата во врска со жалбената постапка му била вратена на 4.01.1991 година , а работната книшка му била доставена во месец февруари 1991 година.

Понатаму подносителот со цел да оствари право на старосна пензија водел постапка пред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија по што ќе биде инициран управен спор пред Врховниот суд на Република Македонија.

Во постапката по управниот спор Врховниот суд на Република Македонија тужбата на Никола Петков од Гевгелија против решението на Владата на Република Македонија – Комисија за решавање во втор степен по предмети од пензиското и инвалидското осигурување од 5 декември 1997 година ја одбива како неоснована.

Од образложението на пресудата на Врховниот суд на Република Македонија може да се констатира дека тужителот на 17 октомври 1995 година поднел барање за признавање право на пензија како работник во Сојузната управа за царини согласно со член 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување со оглед на тоа што работниот однос му престанал со право на пензија со навршени 25 години стаж на осигурување согласно членовите 46, 47 и 50 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основите на системот на државната управа и за Сојзинот извршен совет и Сојузните органи на управата.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија Подрачна единица Гевгелија како првостепен орган и Комисијата за решавање во втор степен при Владата на Република Македонија утврдиле дека подносителот не ги исполнува условите за остварување на право на старосна пензија по член 17 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување ( “Службен весник на РМ” 80/93.14/95,71/96 и 32/97), а исто така утврдиле дека подносителот го пропуштил рокот за остварување право на пензија предвиден со наведените Сојузни прописи како работник во Сојузната управа за царини.

Понатаму во пресудата се наведува дека согласно член 37 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување работникот во Сојузниот орган на управата стекнува право на старосна пензија ако има најмалку 25 години пензискои стаж. Според став 7 од овој член одрдбите од став 1 до 5 од овој член се применуваат до 31 декември 1990 година.

Според член 4 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување кое е важност, правото од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од должната и обемот на вложвањето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој Закон.

Според член 193 став 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување корисниците кои правата од пензиското и инвалидското осигурување ги оствариле пред денот на почетокот на примената на овој закон, тие права им се обезбедуваат и по денот на почетокот на примената на овој Закон во обем и висина кои не може да бидат помали од обемот и висината утврдени според одредбите на овој закон.

Во постапката било утврдено дека на тужителот работниот однос во Сојузната управа за царини му престанал со решение на ова Управа бр.03/1 бр.Д-1545/90 од 7 септември, а тоа решение станало конечно со решение на Сојузниот извршен совет на 4.12.1990 година.

Имајќи ја предвид наведената состојба Врховниот суд констатирал дека надлежните органи правилно заклучиле дека тужителот неможе во 1995 година кога го поднел барањето да остварува право на пензија по основ на тоа што работниот однос му престанал согласно со член 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основите на системот на органите на управата, за Сојузниот извршен совет и Сојузните органи на управата, бидејќи такво право можел да оствари до 31.12 1990 година до кога важел членот 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување.

4. Според став 1 на член 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основните права од пезниското и инвалидското осигурување (“Службен лист на СФРЈ бр. 44/90) работник во сојузен орган на управата, Сојзна организација, стручна и друга служба на СИС и на Сојузен орган на управа и Сојузна организација кому ќе му престане работниот однос со право на пензија пред исполнување на општите услови за стекнување на право на старосна пензија во смисла на прописите за основите на системот на државната управа и за Сојузниот извршен совет и Сојузните органи на управат стекнува право на старосна пензија ако има најмалку 25 години пензиски стаж.

Во ставовите 2,3 и 4 од овој член се утврдува и на кои други лица работници од други Сојузни органи се применуиват одредбите од став 1 на овој член. Во ставот 5 се утврдува износот на пензијата во зависност од пензискот стаж, а во ставот 6 се утврдуваат изворите на средствата од кои ќе се исплатува разликата помеѓу пензијата што би му припаѓала на работникот без примената на ставовите од 1 до 5 на овој член, како и целиот износ на пензија определена на осигуреник кој ги исполнува условите за остварувањена правото на пензија без примена на тие одредби.

Во ставот 7 е утвредено дека одредбите на ставовите од 1 до 5 на овој член ќе се применуваат до 31 декември 1990 година.

Од наведените законски одредби произлегува дека членот 37 ставовите од 1 до 5 се применувале до 31 декември 1990 година и дека во тој рок работник во наведените Сојузни органи можел да го оствари правото на старосна пензија ако има најмалку 25 години пензиски стаж.

Во конкретниот случај подносителот на барањето како работник во Сојузен орган на управата го пропуштил тој рок и не го остварил правото на старосна пензија.

Според член 17 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 63 години живот ( маж) односно 60 години живот (жена) и најмалку 20 години пензиски стаж.

Во преодниот период од 1 јануари 1994 година до 31 декември 1998 година (маж) односно до 31 декември 2002 година (жена) старосната граница за стекнување право за старосна пензија постепено се зголемува и тоа: 1994 година 60,5 (маж) и 55,5 (жена) , 1995 година 61,00 (маж) 56,0 (жена) , 1996 година 61,5 (маж) 56,5 (жена), 1997 година 62,0 (маж) и 57,0 (жена) , 1998 година 62,5 (маж) и 57,5 (жена), 1999 година 63,0 (маж) 58,0 (жена).

Од наведената одредба произлегува дека осигуреникот може да се стекне со право на старосна пензија со наполнување на најмалку 20 години пензиски стаж при што треба да ја достигне и старосната граница во определена година.

5. Со оглед на изнесеното Судот утврди дека во конкретниот случај неможе да стане збор за дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност со оглед на тоа што подносителот не го остварил своето право на старосна пензија според Сојузниот закон затоа што тој го пропуштил рокот за остварување на тоа право, а според постојниот Закон за пениско и инвалидско осигурување на Република Македонија тој не ги исполнува условите.

Според тоа Судот оцени дека со пресудата на Врховниот суд на Република Македонија не се врши дискриминација по осонов на пол, раса, верска, национална, и социјална припадност и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.57/2000
19 април 2000 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков