Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 април 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на град Кичево за населба “Коњски ливади”, бр.07-‘686/6, донесена од Советот на Општина Кичево на 10 јуни 1999 година, во делот што се однесува на КП бр.3895/1 и КП бр.3895/2.
2. Левка Милошеска од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на делот од Одлуката означен во точката 1 од ова решение, затоа што со Планот се предвидувало одземање на сопственоста на иницијаторката над делови од КП бр.3895/1, со што се повредувало нејзиното право на сопственост, поради што Планот не бил во согласност со член 8 од Уставот. Планот, исто така, предвидувал битно намалување и одземање на делови од КП бр.3895/2 односно од дворното место на куќата на таткото од иницијаторката, изградена врз основа на предимствено право, при што тоа се правело заради докомплетирање на дворните места и на куќите на трети лица околу таа куќа, со што, (1) покрај повредата на правото на сопственост, (2) се намалувало и загрозувало нормалното, според функции, користење на куќата, но и (3) се предвидувало растојанието помеѓу куќите да изнесува помалку од 3 метри, наместо тоа да биде повеќе од 6 метри според стандардите и нормативите за планирање, поради што Планот, покрај неуставен, бил и нефункционален, како и несогласен со одредбите од Правилникот за стандардите и нормативите за планирање (“Службен весник на РМ” бр.11/97); Понатаму, во постапката на донесувањето на Планот, додека бил на јавна расправа, на иницијаторката не и била дадена можност да се произнесе по новините во нацрт-‘Планот на тој начин што не била известена дека се планира да и се одземат нејзини делови заради формирање плацеви на трети лица, поради што Планот бил донесен во незаконита постапка.
3. Судот, на седницата, утврди дека со Одлуката се донесуваат измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за населбата “Коњски ливади” – Општина Кичево, според предлог-планот изготвен од “Ин-пума” – Скопје, подружница “Комуна -проект”- Тетово кој е составен дел на оваа одлука (член 1). Планот содржи текстуално образложение, графички прилози, одредби за реализација на Планот, стручна ревизија на Планот и извештај од јавна анкета со образложение за неприфатени забелешки (член 2), Планот се заверува со потпис и печат… (член 3), Планот ќе го спроведува Подрачната единица на Министерството за урбанизам после добиената согласност (член 4), примерок од оваа одлука ќе се достави до главниот архитект на Кичево и до Министерството заради реализација (член 5) и Одлуката влегува во сила наредниот ден од објавувањето ( член 6).
Од содржината на Одлуката, вклучително и графичките прилози, произлегува дека со неа се уредува урбанистичкиот изглед на Градот, а не прашањето на (1) границите на сопственоста над КП бр.3895/1 и КП бр.3895/2 и (2) на предимството на градење на тие катастарски парцели.
Судот, исто така, утврди дека во однос на постапката на донесувањето на Одлуката, од приложените списи произлегува дека граѓаните се известени преку јавните гласила (Радио Кичево, ТВ Гура и ТВ Кале од Кичево) за спроведувањето на јавната анкета по нацрт-Планот (од 14-30 април 1999 година во просториите на Општината), во која учествувале 32 граѓани, но меѓу нив не била иницијаторката.
Во врска со оддалеченоста на новопредвидената доградба на куќата која е во соседство на куќата на КП бр.3895/2 и куќата на КП бр.3895/2, Советот на Општината, како доносител на оспорената одлука, укажа дека растојанието изнесува повеќе од 6 метри и дека се почитувани стандардите и нормативите од Правилникот за планирање.
4. Со оглед на тоа што Одлуката во целина, па и нејзиниот дел што се однесува на КП бр.3895/1 и КП бр.3895/2, не го уредува прашањето на сопственоста, а од кој аспект таа се оспорува, произлегува дека таа не го повредува правото на сопственост на иницијаторката, поради што не може да се постави прашањето за уставноста на Одлуката од тој аспект.
5. Во однос, пак, на постапката на донесувањето на Одлуката, според член 18 став 2 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на РМ” бр. 4/96, 8/96, 28/97 и 18/99) “за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила”.
Со оглед дека било објавено соопштение во јавните гласила за времето и местото каде ќе биде изложен нацрт-Планот, произлегува дека во тој сегмент била испочитувана законската постапка, па нема основи за поведување постапка по тој дел од иницијативата.
6. Што се однесува, пак, до наводите во иницијативата за непочитување на стандардите и нормативите за планирање, од дописот на Советот на Општината, кој е доносител на Планот, произлегува дека стандардот за растојанието помеѓу двата објекта е почитуван, па таквата фактичка состојба не дава основа да се постави прашањето за односот на оспорениот план со Правилникот.
7. Во врска, пак, со наводот во иницијативата за нефункционалноста на Планот, Судот оцени дека тоа прашање не влегува во доменот на неговата надлежност.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Д-р Милан Недков, судиите Д-р Никола Крлески, Олга Лазова, Д-р Стојмен Михајловски, Д-р Јован Проевски, Бесим Селими, Д-р Јосиф Талевски и Д-р Тодор Џунов.
У бр. 26/2000
19 април 2000 год.
С к о п ј е
бј
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков