Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 април 2000 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ
а) член 7 став 1 алинеја 2 и член 40 став 1 алинеја 2 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/95, 51/97 и 29/98) и
б) член 2 став 1 алинеи 2 и 3 и член 9 од Правилникот за условите, начинот и постапката за издавање лиценци за вршење на авто-такси превоз во Град Скопје, донесен од Советот на Градот на 27 мај 1999 година;
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Славко Гелевски-адвокат од Скопје во својство на полномошник на повеќе авто-такси здруженија и друштва од Скопје, со Решение У.бр.170/99 од 1 март 2000 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот и Правилникот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со соодветните уставни одредби.
Доносителите на означените одредби не доставија одговор на наводите во Решението за поведување на постапката.
4. Судот, на седницата, утврди дека со член 7 став 1 алинеја 2 од Законот и со член 2 став 1 алинеја 2 од Правилникот се определува услов за вршење на јавен превоз да биде кандидатот да ги намирил јавните давачки кои му произлегле од вршењето на таа дејност. Со други зборови, оној што не ги намирил јавните давачки од вршењето на таа дејност, не може истата да ја врши.
Тргнувајќи од тоа дека граѓаните имаат обврска да ги намируваат јавните давачки (член 33 од Уставот) и дека за неизвршувањето на таа обврска постојат законски механизми за нејзино исполнување, Судот смета дека пропишувањето, покрај тие механизми, и услов граѓанинот да мора да ги подмири јавните давачки за да може да врши некоја дејност, всушност значи пречекорување на дозволениот праг и намалување на обемот на уставното право на работа и на уставното начело на достапност на секое работно место на секого под еднакви услови, определени во член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, поради што означените одредби од Законот и Правилникот не се во согласност со наведените уставни одредби.
5. Судот, на седницата, исто така утврди дека според член 40 став 1 алинеја 2 од Законот и член 2 став 1 алинеја 3 од Правилникот, услов за добивање одобрение за вршење авто-такси превоз е кандидатот да не бил осудуван за кривично дело загрозување на безбедноста на сообраќајот, како и за кривични дела против достоинството на личноста и моралот.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна. Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Согласно член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот секој има право на работа и достапност на секое работно место под еднакви услови.
Од содржината на членовите 13 и 14 од Уставот произлегува, покрај другото, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што е утврдена со закон и дека казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа, според мислењето на Судот, значи дека казнивото дело завршува со судски изречената казна и не се допуштени други последици од осудата, согласно член 54 став 1 од Уставот.
Со оглед дека членот 40 став 1 алинеја 2 од Законот и членот 2 став 1 алинеја 3 од Правилникот определуваат услов за вршење на авто-такси превоз да биде и неосудуваност на кандидатот за одредени кривични дела односно осудените за наброените кривични дела да не можат да ја вршат таа дејност, што значи дека тие таа дејност не можат да ја вршат како последица од осудата по сила на законот, а не како казна изречена од суд, Судот оцени дека тие одредби од Законот и Правилникот не се во согласност со наведените уставни одредби.
6. Судот, на седницата, понатаму утврди дека со член 9 од Правилникот се определува трошоците на постапката за издавање на лиценца да бидат на товар на барателот (став 1), а износот на трошоците за постапката за издавање на лиценца да го утврдува градоначалникот на Градот (став 2).
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со други зборови, со закон се утврдуваат јавните давачки и начинот на нивното намирување.
Тргнувајќи од тоа дека наведените трошоци всушност претставуваат административна такса, што е вид на јавна давачка, а не е надоместок за реално направени трошоци, Судот оцени дека членот 9 од Правилникот не е во согласност со означената уставна одредба според која со закон (а не со подзаконски прописи) се утврдуваат јавните давачки.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.170/99
19 април 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков