Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 април 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 289 став 2 и член 353 став 1 од Законот за трговските друштва (“Служен весник на РМ” бр.28/96, 7/97, 21/98, 37/98, 63/98, 39/99 и 81/99).
2. Младен Бошкоски од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата согласно Законот за трговските друштва, конкретно според неговиот член 230, сопствениците на обични акции имале право на глас во собранието на друштвото, право на исплата на дел од добивката (дивиденда) и право на исплата на дел од остатокот од ликвидациската маса, односно стечајната маса на друштвото, што значело дека споственикот на обични акции ги имал овие права по сила на Законот. Меѓутоа, со оспорената одредба на член 289 став 2 од Законот за акционер на друштвото се сметале само лицата запишани во книгата на акции, а според второоспорената одредба покана за свикување на собранието на друштвото се доставувала само до акционерите чии акции биле запишани во книгата на акции. Со тоа оспорените одредби од Законот му го ускратувале правото на глас во собранието на друштвото на сопственикот на акции кој не е запишан во книгата на акции.
Со иницијативата се бара Судот да донесе решение, како времена мерка, со кое ќе му наложи на АД “Макрогранулат” – Гостивар во книгата на акционери да го запише подносителот, на местото на предходните акционери.
3. Судот на седницата утврди дека според член 289 став 2 од Законот за трговските друштва за акционер во друштвото се смета секое лице кое е запишано во книгата на акции, а во членот 353 став 1 од Законот е предвидено дека собранието на друштвото се свикува со праќање на покана до сите акционери чии акции се запишани во книгите на акциите, на начин кој овозможува да се потврди дека поканата е испратена до секој акционер, со датумот кога е испратена и примена.
4. Согласно член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според ставот 3 на овој јчлен од Уставот никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а во ставот 4 на овој член е предвидено дека во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Во членот 58 од Уставот е предвидено дека сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.
Во членот 225 од Законот за трговските друштва е предвидено дека акциите се хартии од вредност, а спроед член 229 акционерското друштво може да издава акции со различни права, а според правата тие можат да бидат обични или приоритетни.
Според член 230 став 1 од Законот обичните акции се акции кои им даваат на нивните сопственици: право на глас во собранието на друштвото; право на исплата на дел од добивката (дивиденда) и право на исплата на дел од остатокот од ликвидациската односно стечајната маса на друштвото.
Во членот 232 став 1 од Законот е предвидено дека секоја акција дава право на глас во собранието на акционерското друштво, а според ставот 2 на овој член, приоритетните акции, согласно со одредбите на овој закон можат да бидат издадени како акции без право на глас.
Според ставот 1 на член 289 од Законот акциите се запишуваат во книгата на акции на акционерското друштво. Се запишува името и презимето, местото на живеење, државјанството и занимањето на акционерот, односно фирмата и седиштето, а според оспорениот став 2 на овој член, за акционер во друштвото се смета секое лице кое е запишано во книгата на акции. Ако друштвото изрази соменевање дека некое лице е без основа запишано во книгата на акциите, може да го избрише од уписот само ако пред тоа го извести и му даде рок за приговор. Ако лицето во поставениот рок истакне приговор, бришењето се одлага до конечноста на одлуката (став 3). На барање на секој акционер се овозможува увид во книгата на акции.
Акциите се хартии од вредност и претставуваат збир на права и обврски и не толку врзани за акционерскиот статус на акционерот во друштвото туку од поседувањето на акцијата, односно од правата кои произлегуваат од нејзиниот имотен карактер за акционерот, кој главно се состојат во тоа дека акционерот има право на учество во распределбата на добивката на друштвото (право на дивиденда), право на остатокот од ликвидациската односно стечајната маса на друштвото, но не се исклучува и правото на глас во собранието на друштвото. Оттука се поставува и прашањето зашто е од значење акциите да се запишуваат во книгата на акции на акционерското друштво.
Обврската за водење книга на акции произлегува и од Законот за издавање и тргување со хартии од вредност, дословно од членот 20 на овој Закон, според кој издавачот на акции е должен да води книга на акции, на начинот и под условите пропишани од Комисијата за хартии од вредност, а спроед член 21 од овој закон, издавачот на акции е должен да ја извести Комисијата за хартии од вредност за секоја продажба на акции со која купувачот се стекнува со повеќе од 10% учество во основната главнина во акционерското друштво во рок од десет дена од денот на купопродажбата.
Правилникот за начинот и условите за водење книга на акции (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/97), со кој се уредува начинот и условите на водење книга на акции, обврзува акционерското друштво – издавач на акции да води книга на акции во која ги запишува податоците за акциите кои ги издава, податоците за нивното тргување и други податоци од значењето на акционерското друштво, односно за акционерите.
Тргнувајќи од правата што произлегуваат од поседувањето на акцијата тие се во тесна врска со самата акција и според мислењето на Судот е потребно акциите да бидат запишани во книгата на акции. Акционерот не мора и физички да ја поседува акцијата затоа што лесно се пренесува од едно на друго лице (што е нејзината основна карактеристика), но за да може да се третира како акционер секое лице што поседува акции мора да биде запишано во книгата на акции. Оттука, акционер е само лицето кое е запишано во книгата на акции, а не лицето кое ја поседува акцијата. Според тоа сите права и обврски сврзани со акцијата се однесуваат на лицето кое е запишано во книгата на акции како акционер, а не лицето кое ја поседува акцијата. При тоа не треба да се доведуваат во прашање правата на имателите на акции стекнати со откуп, односно тргување на берзата затоа што тие исто ги остваруваат правата по основ на сопственоста на акцијата со уписот во книгата на акциите. Меѓутоа, е фактичко прашање, а што не е работа на овој суд, туку на редовниот суд, ако имателот на акции е спречен да изврши упис на акции во книгата на акционерите и да ги остварува сите права кои произлегува од акцијата, па и учеството во работата на собранието на акционерот и остварувањето право на глас. И Законот за трговските друштва, со повеќе одредби поместени во третиот пододдел на одделот четврти (одредбите од членовите 348 до 381), обезбедува правна заштита за остварување на правото за учество во работата на собранието и правото на глас на акционерот во собранието на акционерското друштво и доколку акционерот е запишан во книгата на акции не може да дојде во прашање остварувањето на правото на глас.
Од оспорениот член 353 од Законот произлегува дека собранието се свикува со испраќање на писмена покана до секој акционер во друштвото чии акции се запишани во книгата на акциите. Меѓутоа, за да може со писмена покана да се свикаат акционерите за собранието е потребно на друштвото да му се познати името и презимето на акционерите, нивните адреси и местото на живеење, а сето тоа е евидентирано во книгата на акции. Според тоа, оваа норма решава административно-техничко прашање, а тргнувајќи од значењето на уписот на акциите во книгата на акциите Судот смета дека и оваа одредба не го повредува правото на сопственост на акционерот врз акцијата, ниту правото на глас во собранието на акционерите. Од друга страна оспорената одредба, односно ставот 1 на член 353 од Законот е од диспозитивен карактер од причини што веќе наредниот став на овој член предвидува дека собранието може да биде свикано и со објавување на повик во гласилото на друштвото и најмалку во еден дневен весник.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.36/2000
12 април 2000 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков