241/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 април 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

а) Член 4 од Законот за комуналните такси (“Службен весник на РМ” бр. 45/72, 39/77, 42/80, 51/88, 11/91, 28/91, 34/92, 4/93, 17/93, 45/93, 33/95, 19/96 и 71/96), и

б) Член 17 од Законот за трговија (“Службен весник на РМ” бр.23/95, 43/95, 23/99 и 43/99).

2. Петар Бошевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 под а) и б) од ова решение, затоа што смета дека тие не биле во согласност со Уставот а посебно со член 30, со оглед на тоа што тие воопшто не воделе сметка дали трговецот работи или не, туку воспоставувале обврска за истакнување фирма и плаќање такса за истакната фирма се додека трговецот не биде правно ликвидиран. Смета дека кога трговецот од оправдани причини не работи односно работата ја ставил во “мирување” не треба да плаќа такса за истакната фирма. Инаку бара Судот да ги преиспита овие одредби во однос на нашиот актуелен Устав, а особено со член 30.

3. На седницата Судот утврди дека во член 4 од Законот за комунални такси се определени правата, предметите и услугите на кои се плаќа комунална такса, помеѓу кои и такса за секоја фирма односно назив истакнат на деловна просторија.

Во член 17 од Законот за трговија е предвидено дека трговецот е должен фирмата да ја истакне на видно место во деловните простории и продажните објекти согласно со законските прописи.

Притоа, Судот утврди дека Законот за трговија, во член 2, пропишува дека трговијата во смисла на овој закон може да ја вршат претпријатија и други правни и физички лица, регистрирани за вршење на трговија (трговец).

4. Во член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според член 55 став 2 од Уставот Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Согласно член 33 од Уставот јавните давачки се утврдуваат со закон.

5. Уставниот суд тргнува од правно неспорниот основ дека регистрацијата односно уписот во трговскиот регистар (која во себе опфаќа и фирма, дејност и седиште) е елементарниот услов за стекнување на правен субјективитет и учество во правниот промет и основ за остварување на правата и обврските што од тоа произлегуваат. Обврската да се икстакне фирмата на регистрираниот трговец (воопшто на секое трговско друштво во смисла на Законот за трговските друштва), според тоа е непосредно поврзана со статусот на трговецот, а не со резултатите од неговото работење или неговата активност или неактивност. Таа обврска на регистрираниот трговец е елементарен услов за остварување на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот од член 55 став 2 од Уставот, но и на принципот на правната сигурност во правниот промет.

Неактивноста односно мирувањето, како што го означува иницијаторот, на деловниот субјект односно трговецот може да има одраз на неговиот деловен резултат, но не може да влијае на неговиот правен субјективитет и обврските што призлегуваат од него.

Врз основа на изнесеното, Судот смета дека обврската за истакнување на фирмата на регистрираниот трговец од член 17 од Законот за трговија не е во несогласност со член 55 став 2 од Уставот. Исто така, Судот смета дека во тој контекст не може да се постави прашањето и за согласноста на член 4 од Законот за комуналните такси со член 33 од Уставот.

Судот посебно ги разгледа наводите во иницијативата дека со оспорените законски одредби се повредува правото на сопственост гарантирано со член 30 од Уставот, но оцени дека тие не засегаат во правото на сопственост на трговецот и неговото користење на било каков начин, поради што и не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.241/99
12 април 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков