Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 51 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 април 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Панајотис Христос Калфас од Скопје, за заштита на слободите и правата по основ на национална припадност повредени со пресудите на Врховниот суд на Република Македонија Рев.бр.1390/97 од 10 септември 1997 година и Рев.бр.764/99 од 21 октомври 1999 година.
2. Панајотис Христос Калфас од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата по основ на национална припадност повредени со пресудите на Врховниот суд на Република Македонија означени во точката 1 од ова решение. Подносителот на барањето смета дека два пати бил прогласуван за вишок и тоа еднаш со прифаќање на програмата за преструктуирање на загубарите бр.23821/5 од 27.12.1994 година од страна на Владата и втор пат врз основа на критериуми и бодовни листи со решение 04-70/29 од 15.03.1995 година, донесено од органот на управување на МЗТ “ФАМ” Скопје. Подносителот смета дека во пресудите неточно е утврдена фактичката состојба и неправилно е применет Законот за преструктуирање, додека пак Законот за работните односи воопшто не бил почитуван. Во барањето се наведува дека Судот одржал 10 расправи за утврдување на фактичката состојба за на крај да констатира дека фактичката состојба во случајот е ирелевантна бидејќи со одлука на Владата и со директна примена на Законот за загубарите на работникот му престанал работниот однос. Подносителот на барањето смета дека намерното игнорирање на фактите, касапењето на вистината и правдата е во директна врска со неговата национална припадност бидејќи по татко бил грк.
3. Судот на седницата утврди дека според решението по ревизија Рев.бр.1390/97 донесено од Врховниот суд на 22.о4.1998 година, произлегува дека ревизијата се уважува. Пресудите на Апелациониот суд во Скопје ГЖ.бр. 3069/97 од 10.09.1997 година и пресудата на Основниот суд Скопје II – Скопје П.бр. 1324/95 од 20.12.1996 година, се укинуваат и предметот се враќа на Основниот суд Скопје II- Скопје на повторно судење. Според пресудата по ревизија Рев.бр. 764/99 донесена од Врховниот суд на 21.10.1999 година, ревизијата се одбива како неоснована, а во образложението на оваа пресуда е наведено дека Апелациониот суд во Скопје со пресуда ГЖ.бр. 973/99 од 18.03.1999 година, жалбата на тужителот ја одбил како неоснована и ја потврдил пресудата на Основниот суд Скопје ИИ – Скопје П.бр. 1324/95 од 8.12.1998 година.
Имајќи ги предвид деловничките одредби Судот оцени дека решението и пресудата на Врховниот суд донесени по ревизија како вонреден правен лек не можат да бидат предмет на оценување на Уставниот суд.
Уставниот суд може да ја цени само пресудата ГЖ.бр. 973/99 од 18.03.1999 година со која Апелациониот суд ја потврдил пресудата на Основниот суд Скопје II – Скопје П.бр. 1324/95 од 8.12.1998 година, со што таа станала правосилна.
4. Според член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Во член 51 од Деловникот на Уставниот суд е предвидено дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Од означената одредба на Деловникот произлегува дека основ за постапување на Уставниот суд за постапката за заштита на слободите и правата претставуваат конечните или правосилните поединечни акти со кои е сторена повредата, како и дека се определени рокови во кои граѓанинот може да бара заштита на слободите и правата пред Уставниот суд.
Во конкретниот случај пресудата на Апелациониот суд Г ж. бр. 973/99 со која ја потврдил пресудата на Основниот суд Скопје II – Скопје е донесена на 18.03.1999 година. Од тука произлегува дека барањето за заштита на слободите и правата по основ на национална припадност, повредени со правосилна пресуда е доставено до Уставниот суд по протекот на два месеци од правосилноста на актот. Со оглед на тоа што подносителот на барањето не побарал заштита на слободите и правата по основ на национална припадност во рок од 2 месеци по правосилноста на пресудата, Судот оцени дека барањето треба да се отфрли како неблаговремено.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.39/2000
12 април 2000 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков