173/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 4 април 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 2 став 2 во делот “и прописите донесени врз основа на овој закон”; член 20 став 3 во делот “надлежноста”; член 24 став 1 во делот “во висина и”; и на член 27 став 1 во делот “и прописите донесени врз основа на него”, од
Законот за здравственото осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000). .
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.173/2000 од 31.01.2001 година поведе постапка за
оценување уставноста на одредбите од Законот за здравственото осигурување означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
4. На седницата Судот утврди дека во член 2 став 2 од Законот се дефинира задолжителното здравствено осигурување кое се установува за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравстени услуги и парични
надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.Во член 20 став 3 од Законот е предвидено дека составот, надлежноста и начинот на работа на комисиите од став 1 и 2 (комисии за оценување привремена спреченост) се утврдува со општ акт на Фондот.Во член 24 став 1 од Законот е предвидено дека осигурениците имаат право на надоместок на патните трошоци ако се упатени да користат здравствени услуги надвор од Републиката, во висина и на начин утврдени со општ акт на Фондот.Во член 27 став 1 од Законот е предвидено дека правата од задолжителното здравствено осигурување во рамките на обемот на правата утврдени со овој закон и прописитедонесени врз основа на него, осигурените лица ги остваруваат врз основа на здравствена легитимација и доказ за платен придонес.
5. Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор. Согласно член 39 став 1 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.Од изнесените уставни одредби произлегува дека здравствена заштита на граѓаните се обезбедува преку систом на здравствено осигурување, како дел на социјалното осигурување во поширока смисла, и дека правата што од тоа произлегуваат се уредуваат со закон и со колективен договор. Во тој контекст, според мислењето на Судот, видот на правата, нивната содржина, траење, услови за остварување и сл. може да бидат предмет само на законски или одредби од колективни договори, но не и на подзаконски прописи со кои може само да се уреди начинот на остварување на тие права и други прашања што се однесуваат на извршување на законот односно колективниот договор.Тргнувајќи од овој принципиелен став, Судот смета дека законското овластување со подзаконски пропис да се уредат условите за остварување на правата (член 2 став 2 и член 27 став 1), висината на определени надоместоци што е содржина на самото право (член 24 став 1) и надлежноста на комисиите основани со закон, ги надминува уставните граници за такво овластување, поради што оцени дека оспорените одредби од Законот не се во согласност член 34 од Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен
Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.173/2000
4 април 2001 година
С к о п ј е