7/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија”, бр.71/96.).

2. Бранислав Михајловски од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение. Оспорената одредба не била во согласност со член 9 од Уставот бидејќи создавала нееднаквост помеѓу граѓаните на Република Македонија. Имено, корисниците на најниските и минималните пензии можеле да постапуваат неодговорно, да водат судски постапки и да предизвикуваат штети на трети лица , а сето тоа да неможе да се надомести од нивните примања. Со тоа граѓаните не можеле да ги остваруваат своите права и евентуални побарувања кон корисниците на овие пензии.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 5 од Законот, во член 158 по став 1 се додава нов став 2, според кој најнискиот износ на пензија и минималната старосна и семејна пензија не може да биде предмет на извршување и обезбедување, освен за побарување по основа на издржување утврдено со судска одлука и дадена согласност од корисникот на пензијата и тоа најмногу до една третина од нејзиниот месечен износ.

4. Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената поло-ба. Според став 2 на овој член,граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Членот 34 од Уставот, утврдува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Тргнувајќи од уставното начело дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, како и од фактот што правото на социјална сигурност и социјално осигурување се утврдува со закон, Судот смета дека е право на законодавецот да донесе законско решение со кое се обезбедува поголема заштита и сигурност на пензионерите со минимална старосна и семејна пензија. При тоа, треба да се има предвид дека животниот стандард на оваа категорија пензионери е на многу ниско ниво, а често пати поради нискиот износ на пензиите е доведена во прашање и нивната егзистенција.

Во оваа смисла е и членот 5 од Законот за извршната постапка според кој извршувањето заради остварување на парично побарување и обезбедување на такво побарување не може да се спроведе врз предмети или врз права кои се неопходни за задоволување на основните животни потреби на должникот и на лицата кои тој според законот е должен да ги издржува или за вршење на самостојна дејност која е должников главен извор на средствата за живот. При спроведувањето на извршувањето и обезбедувањето ќе се води сметка за достоинството на личноста на должникот, како и за тоа извршувањето и обезбедувањето да бидат што помалку неповолни за должникот.

Во членот 71 од овој закон е наведено што не може да биде предмет на извршување, а во неговиот последен став е утврдено дека со закон може да се определи дека и други подвижни предмети не можат да бидат предмет на извршување.

Од наведеното произлегува дека Законот за извршната постапка како специјален закон со кој се определуваат правилата според кои судот постапува заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска како и заради обезбедување на побарувања, упатува на можноста со друг закон да може да се определат и други подвижни предмети кои не можат да бидат предмет на извршување.

Оттука, со оспорената одредба од Законот за пензиското и инвалидското осигурување законодавецот определил дека најнискиот износ на пензија и минималната старосна и семејна пензија не може да биде предмет на извршување и обезбедување, освен за побарување по основа на издржување утврдено со судска одлука и дадена согласност од корисникот на пензија и тоа најмногу до една третина од нејзиниот месечен износ.

Ваквото определување на законодавецот секако дека нема за цел да ги стави во привилегирана положба пензионерите со најнизок износ на пензија и минимална старосна и семејна пензија, туку напротив заради нивните енормно ниски пензии со заштитата што им ја дава овозможува да не се доведе во прашање нивната егзистенција.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со членот 9 од Уставот, и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.7/2000
29 март 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков