16/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката на советот на Град Скопје со која е предвидено плаќање на комунална такса за користење и одржување на јавното осветление.

2. Куќниот совет на ул.”Волгоградска” Скопје преку Симо Шутиноски од Скопје му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение, затоа што покрај тоа што секое домаќинство плаќало такса за улично осветление, оваа такса се плаќала и преку сметките на куќните совети, односно за иста работа се плаќало два пати.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Град Скопје нема донесено одлука со која е предвидено плаќање на такса за улично осветление во висина од 15књ месечно по цена за јавно осветлување за секое броило за мерење на електричната енергија.

Исто така Судот утврди дека обврската за плаќање на комунална такса за користење и одржување на јавното осветление произлегува од член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за комунални такси и тарифен број 12 од тарифата за комунални такси составен дел на Законот. Во него е предвидено дека за користење и одржување на јавно осветлување се плаќа комунална такса во висина на противредност од 15књ по цена за јавно осветлување за секое броило за мерење на електрична енергија. Наплатата на таксата за користење и одржување на јавното осветление од имателите на броило ја врши ЈП за производство пренесување и дистрибуција на електрична енергија и ја уплатува на соодветна сметка кај институција за платен промен во рок од 15 дена по извршената наплата.

4. Со оглед на тоа што Советот на Град Скопје нема донесено акт со наведената содржина, Судот смета дека согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија нема процесни претпоставки за одлучување по иницијативата и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.16/00
22 март 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков