218/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставен суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за висината на цените на погребалните услуги, донесена од Работничкиот совет на Работната организација за комунални работи “Комуналец” Ц.О. Струмица, бр.02-2335/1 од 14 декември 1994 година, во делот “други услуги – издавање потврда за одобрение за изградба на споменик од физичко лице”.

2. Ѓорѓи Витанов од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Одлуката означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата воведувањето на надоместокот за издавање потврда за одобрение за изградба на споменик од физичко лице не произлегувало од прописот на Општина Струмица, односно од Одлуката за изградба, уредување, одржување и управување и употреба на гробиштата во Општина Струмица. Со оваа одлука не било дадено овластување комуналното претпријатие да воведува ваков вид надоместок што не било во согласност со член 12 од Законот за гробиштата (“Службен весник на СРМ” бр.18/73). При тоа подносителот укажува дека за овој вид надоместок јавното претпријатие не пружало никаква услуга на граѓаните, затоа што според прописот на Општината, за обликување на надгробните плочи, споменици, натписи и за уредување на гробовите одлучувале корисниците на гробовите, придржувајќи се на планот за уредување на гробовите.

3. Судот на седницата утврди дека со означената одлука е определена висината на цената на погребалните услуги, одделно за секоја услуга, а со оспорената одредба и цената за “издавање потврда за одобрение за изградба на споменик од физичко лице” (1500,00 денари), во делот на Одлуката насловена под “други услуги”.

4. Според член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 7 од Законот за гробиштата, гробиштата се изградуваат, уредуваат и одржуваат во согласност со урбанистичките и санитарните прописи и на начин предвиден со пропис на општината.

Во членот 12 од истиот закон е предвидено дека употребата на гробиштата се регулира со пропис на општината, а според ставот 2, со гробиштата се управува врз основа на правилата што ги донесува општината, односно органот или организацијата што таа ќе ја задолжи.

Од означените одредби произлегува дека Законот обврзува покрај прописите на општината при изградбата, уредувањето и одржувањето на гробиштата да се почитуваат урбанистичките и санитарните прописи, на начин предвиден со прописот на општината, но притоа не се исклучува можноста дека со гробиштата се управува не само во согласност со правилата што ги донесува општината, туку и организацијата што таа ќе ја задолжи.

Тргнувајќи од содржината на Одлуката за висината на цените на погребалните услуги на ЈП “Комуналец” – Струмица, не е спорно дека по својата суштина претставува акт на претпријатието (ценовник) со кој е определена висината на цените на погребалните услуги за што е овластено јавното претпријатие. Меѓутоа, со оспорената одредба од Одлуката е утврдена и обврска да се плаќа за издавање потврда за одобрение за изградба на споменик од физичко лице во висина од 1500,00 денари што според мислењето на Судот претставува вид на такса за што јавното претпријатие нема законско овластување, ниту да утврдува такса, ниту да ја наплатува.

Со оглед на тоа што таксата е вид на јавна давачка која согласно означената уставна одредба се утврдува само со закон, а Законот за гробиштата не го овластува претпријатието да наплатува такса за издавање одобрение за изградба споменик од физичко лице, ниту, пак, Законот за административни такси предвидел ваков вид на такса, се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одредба од Одлуката.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.218/99
8 март 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков