194/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за начинот на изградба во населените места во Општина Чучер-Сандево кои немаат урбанистичка документација бр.07-271/3 од 23.06.1999 година, донесена од Советот на општината, а објавена во “Службен гласник на општина Чучер-Сандево” бр.5/99.

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на евентуално донесените поединечни акти донесени во врска со изградба на објекти или преземање на други дејствија, согласно делот од графичкиот прилог за населеното место Кучевиште со кој е опфатена месноста “Кучевачка Бара”.

3. Петар Мирковиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Одлуката се оспорува затоа што графичките прилози, кои се составен дел на оспорената одлука, биле заверени со печат на управен орган и потпишани од неовластено лице, што не било во согласност со член 16 од Одлуката, како и со член 50 став 1 точка 5 од Законот за локалната самоуправа од причини што Советот на општината не му го доверил правото на управниот орган да ги заверува графичките прилози со свој печат и потпис.

Понатаму, како причини за оспорување на предметната одлука се наведува и тоа што со оваа одлука и со графичките прилози кои се однесуваат за организирање на атарот на населеното место Кучевиште била опфатена и месноста “Кучевачка Бара” која, според член 10 од Законот за територијалната поделба на

Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа и Анексот кон подеталниот опис на границите на општините на град Скопје, се наоѓала, односно територијално припаѓала на подрачјето на општина Чаир, што било во спротивност со член 25 став 1 од Законот за просторното и урбанистичко планирање.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата предлага оспорената одлука да се поништи, а исто така предлага Судот да го запре извршувањето на поединечните акти што се донесени врз основа на оваа одлука, бидејќи со нејзиното извршување би можеле да настапат тешко отстранливи последици.

4. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 25 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, а по претходно прибавена согласност од Министерството за урбанизам и градежништво бр.16-4881 од 9.06.1999 година.

Според член 1, со оваа одлука се уредува начинот на изградба на објектите во населените места: Побожје, Кучевиште, Горњани, Бањани и Чучер-Сандево.

Според член 2 став 1, со оваа одлука се определува подрачјето за изградба на објекти согласно графички прилог во мерило 1 : 2500 одделно за секое населено место од член 1 на оваа одлука со определување основни намени на површините и основна сообраќајна мрежа, а според ставот 2 на истиот член графичките прилози се составен дел на оваа одлука и не се објавуваат, а се чуваат и реализираат во соодветна подрачна единица на Министерството за урбанизам и градежништво.

Од членовите 3 до 15 од Одлуката поконкретно се утврдува начинот на изградба на објектите во наведените населени места и тоа во смисла на предвидување на зони и услови за изградба на објекти за земјоделски, сточарски и други произовдни активности, на објекти за домување, на јавни и стопански објекти, на објекти за одмор, спорт и рекреација, инфраструктурни објекти и сл.

Во член 16 од Одлуката во однос на кој се оспоруваат графичките прилози, утврдено е дека графичките прилози од член 2 и 3 на оваа одлука по нејзиното донесување, се заверуваат со печат на Советот на општина Чучер – Сандево и потпис од претседавачот на Советот и се доставуваат до соодветната подрачна единица на Министерството за урбанизам и градежништво.

Наспроти ваквата одредба на член 16 од Одлуката, од увидот во графичките прилози за населените места, Судот во претходната постапка, утврди дека тие се заверени со печат на управните органи на Општината Чучер – Сандево и со потпис на друго лице, а не на претседавачот на Советот на општина Чучер – Сандево.

Исто така, во претходната постапка, од увидот во Анексот кон подеталниот опис на границите на општините на град Скопје, според Законот за град Скопје, изготвен од Републичката геодетска управа и Министерството за урбанизам и градежништво, како и од скицата за определување на границата помеѓу Општината Чучер – Сандево и општината Чаир, приложена кон Анексот утврдено е дека спорната месност т.н. “Кучевачка Бара” припаѓа на подрачјето на општина Чаир.

5. Според член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97 и 18/99) изградба во населено место, кое нема урбанистичка документација за населено место во општината, може да се врши, до нејзино донесување, под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината. Општиот акт се донесува по претходна согласност на министерството надлежно за работите на урбанизмот. Инаку, според член 12 од Законот урбанистичка документација се донесува за населено место од селски каракер, на што се однесува и член 25.

Според член 2 од Законот за територијалната поделба и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на РМ”бр.49/96), подрачјата на општините ги опфаќаат населените места кои влегуваат во нивен состав, утврдени со овој закон, а според членот 6 од овој закон, граници на општините претставуваат границите на населените места кои се во состав на општините и истовремено претставуваат и граници на катастарските општини.

Според член 8 став 1 точка 116 од истиот закон, во состав на општината Чучер – Сандево влегуваат следните населени места: Кучевиште, Побожје, Танушевци, Мирковци, Бањане, Горњане, Блаце, Глуво, Бразда, Брест и Бродец, а согласно член 10 од истиот закон, органот на управата надлежен за работите на премерот и катстарот во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе ги утврди границите на катастарските општини на општините утврдени со овој закон со опис и скици на тие граници.

Според член 56 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95, 60/95 – исправка), во вршењето на работите од својата надлежност советот на единицата на локалната самоуправа донесува општи акти како што се статут, програми, планови, одлуки и други општи акти предвидени со статутот во согласност со закон, а според член 50 од истиот закон, управните органи на единиците на локалната самоуправа, освен таксативно наброените работи во точките 1), 2), 3) и 4), согласно точката 5) од истиот член вршат и други работи што ќе им ги довери советот, односно градоначалникот на единицата на локалната самоуправа.

Од наведените законски одредби произлегува дека општината, односно советот на општината има право да донесува општ акт, односно одлука за условите и начинот на изградба во населено место во општината, кое нема урбанистичка документација, по претходна согласност на министерството надлежно за работите на урбанизмот. Од овие одредби, исто така, произлегува дека секоја општина има свое подрачје кое ги опфаќа населените места кои влегуваат во нејзиниот остав, утврдени со закон, дека граници на општините претставуваат границите на населените места кои се во состав на општините и истовремено претставуваат и граници на катастарските општини, чии што граници пак ги утврдува органот надлежен за работите на премерот и катастарот со опис и скица на тие граници.

Имајќи го предвид наведеното, како и фактот утврден во претходната постапка врз основа на описот и скицата изготвена од Републичката геодетска управа, дека месноста “Кучевачка Бара” се наоѓа во подрачјето на општина Чаир, според мислењето на Судот Советот на општина Чучер – Сандево ги пречекорил своите овластувања кога со оспорената одлука, или поконкретно со графичкиот прилог кој се однесува за населеното место Кучевиште,

ја опфатил и оваа месност, која што не се наоѓа на подрачјето на општина Чучер – Сандево. Ова од причина што, според територијалниот принцип на важење на прописите, надлежноста на единицата на локалната самоуправа може да се протега само на нејзиното подрачје, или со други зборови општината е овластена да донесува одлуки и други општи акти кои што ќе важат и ќе се применуваат, односно ќе имаат правно дејство само на подрачјето на кои таа ја врши стварната надлежност, а кое подрачје, како што е веќе наведено, се определува согласно Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа.

Според тоа, иако е неспорно дека Советот на општина Чучер – Сандево има законско овластување за донесување на оспорената одлука, чиј составен дел се и графичките прилози, тој немал право со графичкиот прилог за населеното место Кучевиште, да ја опфати и месноста “Кучевачка Бара”, која припаѓа на друга општина, поради што Судот оцени дека за оспорената одлука во делот од графичкиот прилог што се однесува за месноста “Кучевачка Бара” основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи смислата и на овој член е да со општ акт, кој всушност ја заменува урбанистичката документација од член 12, општината може да ги утврдува условите и начинот за изградба само за населено место кое се наоѓа на нејзиното подрачје, а не и вон границите на тоа подрачје.

6. Во врска со наводите во иницијативата дека оспорената одлука не е во согласност и со Законот за локалната самоуправа поради тоа што графичките прилози, кои се составен дел на одлуката, не биле заверени со печат на Советот на општината и потпис на претседавачот на Советот, како што било предвидено во член 16 од Одлуката, Судот утврди за потпишување на оспорената одлука во целина, а тоа значи и на графичките прилози, како нејзини составни делови, согласно член 62 точка 3 од Законот за локалната самоуправа единствено овластен, во име на Советот на општината, како доносител на оваа одлука, е претседавачот на Советот, доколку се разбира ова овластување не е пренесено на друго лице.

Согласно наведеното, како и фактот дека графичките прилози од членовите 2 и 3 на оспорената одлука се заверени со печат на управните органи на општината и потпис на друго лице, а не со печат на Советот на општина Чучер – Сандево и потпис од претседавачот на Советот, како што е предвидено во член 16 од Одлуката, Судот оцени дека овие прилози се заверени и потпишани од неовластен орган и неовластено лице, поради што, основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука во делот на заверката односно потпишувањето на графичките прилози, кои се составен дел на оваа одлука, со член 62 точка 3 од Законот за локалната самоуправа.

Во прилог на ваквото мислење на Судот е и тоа што според правната наука и теорија потписот од страна на овластен субјект е формален елемент што треба да го содржи секој пропис, односно општ акт, како услов за утврдување на неговата валидност во поглед на тоа дали истиот е донесен од надлежен, овластен орган за негово донесување и за автентичноста на текстот, односно содржината на прописот.

7. Судот исто така го разгледа и предлогот во иницијативата да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука и при тоа оцени дека се исполнети условите да го запре извршувањето само на евентуално донесените поединечни акти (утврдените услови за градба и издадените одобренија за градба) кои се однесуваат на локации предвидени во графичкиот прилог за населеното место Кучевиште и тоа само за месноста “Кучевачка Бара”, со оглед дека според тежината на повредата, односно изнесените причини за неговата несогласност со член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според мислењето на Судот во тој дел можат да настанат тешко отстранливи последици. За разлика од тоа, причините изнесени за нејзината несогласност со член 62 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, според мислењето на Судот, не се од таков карактер и тежина што повредата на законитоста би била услов за запирање на извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на останатите делови од одлуката, со оглед дека со нивното извршување не би можеле да настанат тешко отстранливи последици, поради што за тие делови не го прифати предлогот.

8. Иако законитоста на одлуката беше оспорена само во одделни нејзини делови (графичките прилози), Судот одлучи да поведе постапка за оценување на одлуката во целина, при тоа имајќи го предвид фактот дека примената на текстуалниот дел на одлуката е тесно поврзана, односно условена со графичките прилози, со оглед дека тие заедно претставуваат единствена правна целина, односно еден единствен акт.

9. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.194/99
1 март 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков