170/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

а) член 7 став 1 алинеја 2 и член 40 став 1 алинеја 2 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/95, 51/97 и 29/98) и на

б) член 2 став 1 алинеи 2 и 3 и член 9 од Правилникот за условите, начинот и постапката за издавање лиценци за вршење на авто-такси превоз во Град Скопје, донесен од Советот на Градот на 27 мај 1999 година;

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на:

а) член 5 став 1, член 6, член 7 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 7-а став 1 точка 1 алинеја 4, членовите 8-12, член 44 став 1 алинеја 3, член 84 став 1 точка 5-а, член 88 став 1 точка 1, член 89 став 1 точка 9 и член 91 став 1 точка 3 од означениот закон,

б) член 1, член 9 став 1, членовите 10 и 11 и на целината на Одлуката за авто-такси превоз на патници во град Скопје, донесена од Советот на Градот на 29 јануари 1999 година, и на

в) член 3 став 1 алинеја 5 и на членовите 4 и 9 од означениот правилник;

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на:

а) член 40 став 1 алинеја 1 од наведениот закон,

б) членовите 15 и 16 од наведената одлука, и на

в) член 2 став 1 алинеја 1 и член 6 од наведениот правилник;

4. Славко Гелевски-адвокат од Скопје во својство на полномошник на повеќе авто-такси здруженија и друштва од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од актите означени во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, пропишувањето (во член 7 став 1 алинеја 2 од Законот и во член 2 став 1 алинеја 2 од Правилникот) кандидатот за авто-такси превозник, како услов за добивање одобрение за авто-такси превоз, да мора да ги намири јавните давачки во врска со вршењето на таа дејност, значело ограничување (1) на правото на работа и (2) на достапноста на секое работно место на секого под еднакви услови, како и (3) на Законот за трговските друштва кој не предвидувал таков услов за регистрација на таа дејност, поради што наведените одредби не биле во согласност со член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот и со Законот за трговските друштва.

На седницата Судот утврди дека со член 7 став 1 алинеја 2 од Законот и со член 2 став 1 алинеја 2 од Правилникот се определува услов за вршење на јавен превоз да биде кандидатот да ги намирил јавните давачки кои му произлегле од вршењето на таа дејност. Со други зборови, оној што не ги намирил јавните давачки од вршењето на таа дејност, не може истата да ја врши.

Тргнувајќи од тоа дека граѓаните имаат обврска да ги намируваат јавните давачки (член 33 од Уставот) и дека за неизвршувањето на таа обврска постојат законски механизми за нејзино исполнување, Судот смета дека пропишувањето, покрај тие механизми, и услов граѓанинот да мора да ги подмири јавните давачки за да може да врши некоја дејност, всушност значи пречекорување на дозволениот праг и намалување на обемот на уставното право на работа и на уставното начело на достапност на секое работно место на секого под еднакви услови, определени во член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, поради што пред Судот се постави прашањето за согласноста на означените одредби од Законот и Правилникот со наведените уставни одредби.

Односот, пак, помеѓу означените одредби од Законот и Правилникот, од една страна, и одредбите од Законот за трговските друштва, од друга страна, е неспоредлив како поради ненадлежност на Уставниот суд да оценува меѓусебна согласност помеѓу законите, така и поради тоа што Законот за трговските друштва воопшто не се бави со условите за вршење на одделни дејности.

5. Понатаму, според наводите во иницијативата, определувањето (во членот 40 став 1 алинеја 2 од Законот и членот 2 став 1 алинеја 3 од Правилникот) услов за вршење на авто-такси превоз да биде кандидатот да не бил осудуван за кривични дела, значело ограничување на слободата на човекот без постоење судска одлука односно ограничување кое не е правна последица од конкретно недозволено дејство, поради што означените одредби не биле во согласност со членовите 12,18 и 50 од Уставот.

Судот, на седницата, утврди дека според член 40 став 1 алинеја 2 од Законот и член 2 став 1 алинеја 3 од Правилникот, услов за добивање одобрение за вршење авто-такси превоз е кандидатот да не бил осудуван за кривично дело загрозување на безбедноста на сообраќајот, како и за кривични дела против достоинството на личноста и моралот.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна. Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Согласно член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот секој има право на работа и достапност на секое работно место под еднакви услови.

Од содржината на членовите 13 и 14 од Уставот произлегува, покрај другото, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што е утврдена со закон и дека казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа, според мислењето на Судот, значи дека казнивото дело завршува со судски изречената казна и не се допуштени други последици од осудата, согласно член 54 став 1 од Уставот.

Со оглед дека членот 40 став 1 алинеја 2 од Законот и членот 2 став 1 алинеја 3 од Правилникот определуваат услов за вршење на авто-такси превоз да биде и неосудуваност на кандидатот за одредени кривични дела односно осудените за наброените кривични дела да не можат да ја вршат таа дејност, што значи дека тие таа дејност не можат да ја вршат како последица од осудата по сила на законот, а не како казна изречена од суд, пред Судот се постави прашањето за нивната согласност со наведените уставни одредби.

6. Според наводите во иницијативата, предвидувањето (во член 9 од Правилникот) трошоците за добивање на лиценцата за вршење авто-такси превоз да паѓаат на товар на барателот и висината да ја определува градоначалникот на Скопје, значело физичкото или правното лице два пати да плаќа за иста работа (првиот пат при регистрација на дејноста во основниот суд, а вториот пат за добивање одобрение за вршење на авто-такси дејноста), за што немало ни уставна ни законска основа.

Судот, на седницата, утврди дека со член 9 од Правилникот се определува трошоците на постапката за издавање на лиценца да бидат на товар на барателот (став 1), а износот на трошоците за постапката за издавање на лиценца да го утврдува градоначалникот на Градот (став 2).

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со други зборови, со закон се утврдуваат јавните давачки и начинот на нивното намирување.

Тргнувајќи од тоа дека наведените трошоци всушност претставуваат административна такса, што е вид на јавна давачка, а не е надоместок за реално направени трошоци, пред Судот се постави прашањето за согласноста на членот 9 од Правилникот со член 33 од Уставот според кој со закон (а не со подзаконски прописи) се утврдуваат јавните давачки.

7. Според наводите во иницијативата, предвидувањето (во член 5 став 1, член 6, член 7 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 7-а став 1 точка 1 алинеја 4, членовите 8-12, член 44 став 1 алинеја 3, член 88 став 1 точка 1, член 89 став 1 точка 9 и член 91 став 1 точка 3 од Законот, потоа во член 1, член 9 став 1 и член 11 од Одлуката и во член 3 став 1 алинеја 5 и во членовите 4 и 9 од Правилникот) дополнителни услови за вршење на авто-такси дејноста покрај регистрирање на таа дејност, како и одобрувањето за вршење на дејност да зависи од општините односно Градот Скопје, а не само од судовите преку регистрирањето на дејноста, значело двојно одобрување на вршење авто-такси превоз, а тоа не било во согласност со уставните одредби за овластувањата на единиците на локалната самоуправа и со одредбите од Законот за трговските друштва кои не предвидувале постоење дополнителни услови и други органи за одобрување вршење авто-такси дејност.

Судот, на седницата, утврди дека со оспорените одредби од Законот, Одлуката и Правилникот се уредуваат прашања во врска со условите за добивање лиценца за обавување на авто-такси дејност, како и нивно применување од страна на единиците на локалната самоуправа.

Според член 440 став 3 од Законот за трговските друштва, предметот на работењето на трговското друштво се запишува во трговскиот регистар и само после тоа друштвото може да започне да ги врши дејностите. Меѓутоа, согласно член 443 став 2 од истиот закон, ако со закон е определено дека одделни дејности од предметот на работењето на друштвото можат да ги вршат само определени форми на друштва, или да можат да се вршат само врз основа на согласност, дозвола или друг акт на државен орган или некоја друга институција, тие дејности можат да ги вршат само друштвата кои се со закон определени, односно ако за тоа добијат согласност, дозвола или друг акт на државен орган или институција.

Од изнесените законски одредби произлегува дека Законот за трговските друштва остава други закони, посветени на одделни специфични дејности, да предвидат започнувањето на вршењето на некои дејности да не биде со нивното запишување во трговскиот регистар, туку со добивање согласност, дозвола или друг акт од надлежен орган. Со други зборови, Законот за трговските друштва не ги смета за неспојливи уписот на превозничките дејности на трговското друштво во трговскиот регистар, пропишан со тој закон, и одобрението за вршење на превозничките дејности, пропишано со Законот за превоз во патниот сообраќај. Оттука, понатаму произлегува дека Законот за превоз во патниот сообраќај определува основни потребни услови за обавување превознички дејности, па и за авто-такси превоз, а не дополнителни услови, а произлегува и дека нема “позитивен судир на надлежности” помеѓу тие два закони, ниту пак за дерогирање на едниот од страна на другиот закон. При таква меѓусебна релација на Законот за трговските друштва со Законот за превоз во патниот сообраќај, како и дека, според Уставот, со закон може да се уредуваат условите односно правата и обврските на авто-такси превозниците, произлегува дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со Уставот и со Законот за трговските друштва.

Исто така, определувањето тие услови да ги применува единица на локална самоуправа – општина или Градот Скопје не е неуставно бидејќи, според член 115 став 3 и член 117 став 5 од Уставот, Републиката со закон може да довери вршење на определени работи на општината и на Градот Скопје.

Освен тоа, определувањето (во член 44 став 1 алинеја 3 од Законот, во член 1 став 1 алинеја 3 и во член 9 став 1 од Одлуката, како и во член 3 став 1 алинеја 5 од Правилникот) општината односно Градот Скопје да имаат овластување да ја утврдуваат бојата на авто-такси возилата (и таа да биде жолта), исто така има уставен основ во наведените негови одредби.

8. Според наводите во иницијативата, определувањето (во член 84 став 1 точка 5-а од Законот и во член 10 од Одлуката) од авто-такси превозот да може да се исклучи превозникот кој не се придржува до утврдената тарифа, како и тарифата да ја утврдува Советот на Градот со тоа што ќе ја усогласува со соодветната групација, значело ограничување на слободата на пазарот и на претприемништвото, поради што оспорените одредби не биле во согласност со член 55 став 1 од Уставот.

На седницата, Судот утврди дека според член 84 став 1 точка 5-а од Законот инспекторот за патен сообраќај има право да донесе решение за исклучување на авто-такси возилото за превоз на патници од сообраќај, ако превозот се врши спротивно на усогласената и утврдена тарифа и начин на користење на такси станици. Исто така, Судот утврди дека според член 10 од Одлуката тарифата за авто-такси превозот надлежниот градски орган ја усогласува со Групацијата, а ја утврдува Советот на Град Скопје (став 1), потоа цената на превозот се наплатува врз основа на износот утврден со таксиметарот според утврдената тарифа (став 2), при што тарифа за пресметување на цената на превозот изнесува: старт (почеток) на превозот – 50,00 денари; изминат километар – 15,00 денари и чекање во траење на една минута – 5,00 денари (став 3), со тоа што превозникот е должен во возилото на видно место да ја истакне тарифата (став 4).

Освен тоа, Судот утврди дека тарифата е донесена во согласност со групацијата за авто-такси превоз при Стопанската комора на град Скопје.

Тргнувајќи од фактот дека тарифата односно цената е усогласена со соодветната групација, што значи дека таа не е наметната туку е прифатена од авто-такси превозниците како нивна слободно формирана цена заради избегнување на нелојална конкуренција односно негативен натпревар, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на тие одредби од Законот и Одлуката со член 55 став 1 од Уставот.

9. Според наводите во иницијативата, оспорената одлука, како целина, не била во согласност со член 44 од пречистениот текст на Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/99) бидејќи се повикувала на таа законска одредба како основ за нејзиното донесување, а уредувала сосема друга материја од онаа уредена со таа законска одредба.

Судот, на седницата, утврди дека Одлуката, како целина, е донесена врз основа на член 44 од основниот текст на Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/95, 51/97 и 29/98), а не врз основа на член 44 од пречистениот текст на Законот како што смета иницијаторот, и дека содржината на Одлуката потполно коинцидира со законската одредба на која се заснова.

Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, Судот утврди дека Одлуката, како целина, има основа во член 44 од основниот текст на Законот, поради што не може да се постави прашање за нејзината согласност од наведениот аспект.

10. Според наводите во иницијативата, предвидувањето (во член 40 став 1 алинеја 1 од Законот и во член 2 став 1 алинеја 1 од Правилникот) авто-такси превозник да може да биде само сопственик на моторно возило или лице кое има возило на лизинг, а не и лице кое има моторно возило под закуп, не било во согласност со член 7 од истиот закон според кој другите видови на превоз можеле да се вршат и со моторно возило кое превозникот го користи под закуп.

Имајќи го предвид аспектот на оспорувањето на наведените одредби од Законот и Правилникот, а тој е меѓусебна согласност на две одредби од ист закон, Судот утврди дека, согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, тој сооднос не е од надлежност на Уставниот суд, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот, ја отфрли иницијативата во тој дел.

11. Што се однесува до наводот во иницијативата за несогласноста на роковите утврдени во членовите 15 и 16 од Одлуката (девет месеци за усогласување на бојата на авто-такси возилата и 60 дена за да се донесе Правилникот, сметано од денот на влегувањето во сила на Одлуката, што значи на 10 ноември и 8 август 1999 година) со рокот за усогласување на работењето на стопанските субјекти со Законот за трговските друштва (31 декември 1999 година), Судот утврди дека споредените норми уредуваат рокови за различна материја, па нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, ја отфрли иницијативата во тој дел.

12. Во врска со наводот во иницијативата дека не можело да се врши преглед на возилото за обавување авто-такси превоз пред да се издаде лиценцата бидејќи не бил донесен посебен правилник за техничко-експлоатациони услови (член 6 од оспорениот правилник), Судот утврди дека со иницијативата всушност се оспорува примената на наведената одредба од Правилникот, а не содржината на нормата, а тоа не е во надлежност на Уставниот суд, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот, Судот ја отфрли иницијативата во тој дел.

13. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

14. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство во однос на точките 6 и 10 и едногласно во однос на останатите точки од ова решение, во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.170/99
1 март 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков