У.бр.195/1999

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на актот бр.10-3445/1 од 24.08.1999 година на Министерството за образование, со кој се пропишува во основните и средните училишта да се одржи верски благослов на почетокот на учебната 1999/2000 година.

2. Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права во Република Македонија од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во т.1 од ова решение, поради неколку причини:

Прво, се смета дека со оспорениот акт учениците во основните и средните училишта биле изложени на следење верски активности без одобрение од страна на нивните родители односно без нивна консултација во случаите кога имаат повеќе од 10 години, што не било во согласност со член 9, 16 и 19 од Уставот со кои се гарантира слободата на уверувањето и вероисповеста и со член 24 од Законот за верските заедници и религиозни групи. Притоа, иницијативата се повикува и на член 14 од Конвенцијата за правата на детето, член 18 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и член 9 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, во кои исто така се гарантира оваа слобода и правото на родителите да одлучуваат за верското образование на своите деца во согласност со нивните сопствени убедувања. Се смета дека ваквиот начин на наметнување на верските активности е повреда на слободата на вероисповеста на сите ученици и родители, па и на оние кои се припадници на една од вероисповестите чии свештени лица одржале проповед.

Второ, со оспорениот акт била повредена слободата на уверувањето и вероисповеста на лицата што се припадници на други вери односно се атеисти и забраната за наметнување на сопствените верски уверувања врз други верници односно атеисти поаѓајќи од фактот дека благослов извршиле само свештени лица на Македонската православна црква и на Исламската верска заедница. Се смета дека тоа не е во согласност со член 13 од Законот за основно образование и член 7 од Законот за средно образование кои го забрануваат верското организирање и дејствување односно организацијата на верско образование во училиштата, како и со член 4 став 2 од Законот за верските заедници и религиозни групи кој забранува граѓанинот да се принудува да учествува или да не учствува на верски обреди или други видови изразување на верата.

Трето, се смета дека со оспорениот акт е направена дискриминација помеѓу верските заедници затоа што само Македонската православна црква и Исламската верска заедница биле поканети да одржат богослужба.

Четврто, оспорениот акт бил спротивен на уставниот принцип на одвоеност на државата од религијата, како и на одредбите од Законот за верските заедници и религиозни групи со кои се регулира можноста за одржување на верски обреди или други верски работи надвор од верските објекти, но само по одобрение од Министерството за внатрешни работи и мислење на органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозни групи, што во конкретниот случај не било сторено. Се смета дека на тој начин, со превидување на законски обврски на државните органи, религијата е внесена во сфера која е целосно регулирана од и е во надлежност на државата.

3. На седницата Судот утврди дека оспорениот акт, кој има форма на известување за постапување, е утврдено дека директорите на основните и средните училишта од Република Македонија на 1.09.1999 г. на првиот училишен ден во учебната 1999/2000 г., треба во училишните дворови (или холови, сали и сл.) да ги повикаат своите ученици, наставници и другите вработени работници и воедно да ги поканат парохиските свештеници да ги благословат сите за среќен почеток и успех во новата учебна година.

Понатаму е определено дека во средините со хетероген национален состав, односно со различна вероисповест на населението, потребно е благослов – дува да одржат свештени лица од соодветната конфесија (христијанска-католичка, православна, муслиманска или друга), што е во согласност со уставните начела за слобода и право на вероисповест на граѓаните на Република Македонија.

4. Уставниот суд најпрво го разгледа прашањето за природата на оспорениот акт. Притоа, Судот заклучи дека, иако неговата форма не ги задоволува барањата на еден пропис, неговата содржина несомнено претставува задолжителна правна норма со општо дејство во правниот поредок, пропишана од државен орган и затоа поткрепена со авторитет на јавната власт. На тој начин, со оспорениот акт во РМ се воведува верска активност во основните и средните училишта како регулиран и траен правен однос кој треба да важи и да се применува, независно од тоа што актот непосредно се однесува само за 1 септември 1999 г. Впрочем, ефикасноста на примената на оспорениот акт е непосреден доказ за неговата општа правна важност. Од тие причини Судот оцени дека оспорениот акт има суштински карактеристики на пропис, поради што и ја прифати надлежноста за неговото оценување.

5. Според чл.16 ст.1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Како посебен случај на слободата на уверувањето и совеста, Уставот во чл.19 ст.1 и 2 ја гарантира слободата на вероисповеста и слободата на јавното, поединечно или во заедница со други изразување на верата.

Според член 19 став 3 од Уставот, Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.

Согласно член 13 став 1 од Законот за основното образование (“Службен весник на РМ” бр.44/95) во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување, а согласно член 7 став 1 од Законот за средно образование (“Службен весник на РМ” бр.44/95) во средното училиште е забрането секакво политичко и верско организирање и дејствување.

6. Слободата на вероисповеста односно на верското уверување и принципот на одвоеноста на државата од верските заедници и религиозните групи се однесуваат на крајно комплексни и темелни прашања, не само во уставниот поредок на РМ, туку и во оние на другите држави во светот, кои несомнено имаат различни аспекти, како што се и оние изнесени во иницијативата на Хелсиншкиот комитет за човековите права, но не само тие. Во тој контекст за Уставниот суд на РМ од првенствено значење е да се одредат вистинските импликации на оспорениот акт и да се оцени нивната уставност и законитост од аспект на принципите што се релевантни за тие импликации.

Потпирајќи се на тој методолошки пристап Уставниот суд на РМ во оспорениот акт согледа два клучни факти: прво, дека со оспорениот акт се воведува верска активност односно верско дејствување во основните и средните училишта и второ, дека тоа се прави по налог на државен орган. Според тоа, релевантниот контекст за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт е принципот на одвоеноста на државата од верските заедници и религиозните групи и димензиите на нејзината неутралност, како еден од суштинските услови за реализација на слободата на вероисповеста.

Слободата на вероисповеста нужно во себе ги содржи принципите дека секој има слобода, без влијание од никого, да го определи своето верско уверување, да прифати или да не прифати одредена вера или да прифати друга вера, или да не прифати никаква вера, да ја исповеда или да не ја исповеда својата вера, да учествува или да не учествува во верски обреди и т.н. Државата во тој контекст, од своја страна, согласно со принципот на одвоеност и неутралност, не смее да се меша во прашањата на верата, односно на верските заедници и религиозни групи, да го поттикнува определувањето за определена вера или за вера воопшто, ниту да го попречува изразувањето на верата, ниту пак да наметнува верски конформизам или верски активности или обреди како општествено пожелно поведение.

Не навлегувајќи во можните облици на уредување на односите помеѓу државата и верските заедници и религиозните групи, или воопшто за односот на државата кон верската слобода, од изнесените уставни одредби несомнено произлегува еден основен принцип, а тоа е дека државата не може и не смее да бара или да наредува религиозни активности било каде и во било кој вид.

Разгледувајќи го оспорениот акт од овој аспект, имајќи предвид дека со него државата наложува верска активност, пред Судот се постави прашањето за неговата согласност со чл.19 ст.3, во врска со ст.1 и 2 од тој член од Уставот.

Од друга страна, имајќи предвид дека со оспорениот акт се овозможуваат верски активности односно верско дејствување во основните и средните училишта, пред Судот се постави и прашањето за неговата согласност со означените одредби од законите за основното и средното образование, кои тоа изречно го забрануваат.

7. Судот ги имаше предвид и другите аспекти на иницијативата но, врз основа на изнесениот пристап, оцени дека тие, иако се исклучително значајни, не се релевантни за уставно-правниот контекст во кој оспорениот акт може и треба да се оценува.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во т.1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.195/99
1 март 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков