Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 март 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 179-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96 и 32/97).
2. Републичкиот одбор на Сојузот на пензионерите на Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за преоценување на Решението У.бр.174/95 донесено од Уставниот суд на 25 декември 1996 година, како и иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение (односно на член 21 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување – “Службен весник на Република Македонија” бр.14/95). Според наводите во поднесокот, означеното решение на Судот било фактички и правно неосновано, а оспорената законска одредба не била во согласност со член 30 ставовите 1 и 3 од Уставот (односно со уставно загарантирано право на сопственост и уставната определба сопственоста, и правата кои произлегуваат од неа, да можат да се ограничат или одземат само во случај ако се работи за јавен интерес утврден со закон, а не и вон тој случај), како и со член 58 став 1 од Уставот (односно со уставната определба сопственоста да е основа за управување, а не нешто друго), со тоа што таа законска одредба определувала Фондот да управува со сите пензионерски објекти, па и со оние кои се сопственост на здруженијата на пензионерите.
3. Судот на седницата, утврди дека членот 179-а од Законот определува со домовите и становите за живеење на корисниците на пензија, објектите наменети за клубови за дневен престој, објектите наменети за одмор и рекреација на корисниците на пензија и други објекти што се државна сопственост, да управува Фондот (став 1) и Фондот со општ акт да ги утврдува функцијата и
дејноста на овие објекти, како и начинот и условите на нивното работење (став 2).
Според мислењето на Судот, означената законска одредба всушност значи овластување на Фондот да управува само со оние пензионерски објекти кои се во државна сопственост, а не и со објектите над кој постои друг носител на сопственоста.
4. Имајќи го предвид изнесеното значење на оспорената законска одредба, од една страна, како и уставната определба сопственоста да е основа за управување со неа (член 58 став 1 од Уставот), од друга страна, Судот оцени дека овластувањето од страна на државата, преку законодавецот, Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, кој е институција со јавни овластувања, да управува со пензионерските објекти кои се во државна сопственост, има основа во наведената уставна определба, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на членот 179-а од Законот со означената уставна одредба.
5. Судот, исто така, ги имаше предвид наводите во иницијативата дека, според член 81 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/98), “имотот на …. здруженија на граѓани стекнат од сопствени средства е имот на здруженија на граѓани и нивните правни следбеници” (став 1) и дека “под сопствени средства од став 1 на овој член се подразбираат средствата од членарини, донации, поклони, легати, приходи добиени од поранешните ОПЗ, СИЗ-ови и од Лотарија на Македонија за редовни активности” (став 2). Но, Судот истовремено ја имаше предвид и содржината на член 82 од означениот закон дека “имотот, и средствата доделени …. на здруженија на граѓани, добиен на користење од страна на поранешните ОПЗ и СИЗ-ови се државна сопственост, а тоа, во врска со оспорената законска одредба, според мислењето на Судот значи дека законодавецот го овластил Фондот да управува со објектите кои се дадени на здруженијата на пензионерите на користење од страна на поранешните ОПЗ и СИЗ-ови. Доколку, пак, членот 179-а од Законот поинаку се применува, односно доколку управувањето од страна на Фондот се протега и врз пензионерските објекти кои не се во државна сопственост, тоа е фактичко прашање, чија правна разврска се остварува во постапки пред редовните судови и за кој домен Уставниот суд нема надлежност да постапува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 ов ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.174/99
1 март 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков