18/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 февруари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 74 став 1 алинеја 2 од Законот за локалните избори (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/96, 48/96 и 56/96).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 74 став 1 алинеја 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се утврдувало парична казна за прекршок доколку организатор на изборна кампања не го пријави изборниот собир, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 5 и членовите 21, 51 и 54 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 74 став 1 алинеја 2 од Законот за локалните избори, со парична казна од десет до 20 просечни плати ислатени во Републиката во последниот месец ќе се казни за прекршок организаторот на изборната кампања кој не ќе го пријави изборниот собир најдоцна 48 часа пред неговото одржување.

4. Според член 8 став 1 алинеја 5 од Уставот, политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори, се една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 21 од Уставот граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходна пријава и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на вонредна и воена состојба.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Слободите и правата на човекот и граѓанинот, согласно член 54 став 1 од Уставот, можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со Законот за локалните избори се уредуваат постапката и условите за избор на членови на советите на единиците на локалната самоуправа, Советот на градот Скопје и за избор на градоначалник на тие единици. Притоа, со член 25 од овој закон се уредува дека политичките партии, групата избирачи и кандидатите за членови на совет и за градоначалник, како организатори на изборната кампања, имаат право под еднакви услови и рамноправно на сите политичко-пропагандни известувања и други облици на политичка пропаганда чија цел е да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето за кандидати за членови на советот и за градоначалникот. Организаторите на изборната кампања можат да ги претставуваат своите програми и кандидати преку изборна кампања во јавните гласила, преку истакнување плакати и одржување на предизборни собири.

Според член 33 став 1 од Законот, предизборните собири не смеат да се одржуваат во свети објекти или други објекти кои ги користат религиозни групи, во болници, домови за стари лица, училишта, детски градинки и други јавни институции, а според став 2 од овој член, по исклучок, на организаторите ќе им биде дозволено да одржуваат предизборни собири во просториите на училиштата, детски градинки или културни центри доколку во општината нема друг објект каде што би се одржал собирот. Дозволата ја издава одговорното лице на установата. Со ставот 3 од овој член, се уредува дека за потребите на изборната кампања не е дозволено да се користат просториите, опремата или другиот имот што е наменет за работа на државните органи, а според став 4 од овој член на Законот, по исклучок, можат да се користат просториите на државните органи доколку во местото не постојат никакви други соодветни простории за потребите на изборната кампања под еднакви услови за сите организатори. Условите ги утврдува одговорното лице на органот.

Тргнувајќи од анализа на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ги предвид причините за оспорување наведени од подносителот на иницијативата и одредбите на Уставот на кои ја спротивставува оспорената одредба, како основно се поставува прашањето за карактерот на предизборните собири. Имено, според мислењето на Судот, предизборните собири се посебен облик на собири во функција на изборната кампања за спроведување на избори и таквите собири не можат да се подведат под категоријата на собир на граѓани на кој се изразува јавен протест, што како право за граѓаните произлегува од член 21 од Уставот. Според тоа, оспорената одредба од Законот не би можела да се подведе под оцена на овој член од Уставот, ниту пак, на другите наведени одредби од иницијаторот.

Покрај тоа, оспорената одредба со која се инкриминира организаторот на изборната кампања доколку не го пријави предизборниот собир, според мислењето на Судот, таквата негова обврска претставува еден од облиците за заштитата на граѓаните во остварувањето на нивното уставно избирачко право. Веројатно, целта на законодавецот е преку обврските на организаторот на кампањата да се создадат услови за мирно и организирано одржување на предизборниот собир, елиминирајќи ги можните негативни последици, во однос, како на учесниците на таквиот собир, така и на другите граѓани. Според тоа, Судот оцени дека со оспорената одредба не се повредуваат уставните слободи и права на човекот и граѓанинот, поради што не го постави прашањето за нејзината согласност со наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.18/00
16 февруари 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков