159/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на
Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на
Република Македонија, на седницата одржана на 16 февруари 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување
на Детален урбанистички план на станбените единици “Карпош” И и ИИ – Скопје,
донесена од Советот на Општина Карпош на седницата одржана на 26 декември 1997
година (“Службен гласник на Град Скопје” бр.13/98).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните
акти или дејствија што се преземени врз основа на Одлуката означена во точката
1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ”
Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од
Небојша Јовановиќ и повеќе граѓани од Скопје, со Решение У.бр.159/99 од 29
декември 1999 година, поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката
означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето
за нејзината согласност со член 17 и 56 од Законот за просторно и урбанистичко
планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97 и 18/99).
5. Судот на седницата утврди дека нацртот за донесување Одлука за
изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за урбанистичките
единици ” Карпош И и ИИ “-Скопје, е утврден од Собранието на Град Скопје на
седницата одржана на 8 ноември 1996 година, по претходно добиено мислење и
извршена стручна ревизија од надлежните органи и организации.
Нацртот бил изложен на јавен увид во месните заедници Карпош И и Карпош
ИИ , а јавната расправа по Планот во месните заедници е одржана на 14 јануари
1997 година односно на 17 јануари 1997 година. По одржување на јавната расправа
е составен извештај за прифатените и за неприфатените забелешки со
образложение, врз основа на што е изготвен предлог на Одлуката кој му е
доставен на Советот на Општина Карпош на усвојување. Министерството за
урбанизам, со свој акт бр.18-493/4 од 16 април 1998 година дало согласност за
спроведување на оспорената одлука за опфат даден во графичкиот прилог на
Предлог на Планот.
6. Според член 56 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (”
Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97), урбанистичките планови
за кои постапката за нивното донесување е започната пред влегувањето во сила на
овој закон, ќе продолжи според одредбите на овој закон. Според ставот 2 на овој
член деталните урбанистички планови чија постапка за донесување е започната од
Градот Скопје ќе се донесат од општината од одрачјето на Градот Скопје за чие
подрачје се однесува планот.
Означената одредба има предвид ситуација кога постапката за донесување на
деталните урбанистички планови е започната пред стапување во сила на Законот за
просторно и урбанистичко планирање, односно регулира преоден режим.
Продолжување на постапката за донесување на деталните урбанистички планови
подразбира преземање на плановите во фазата во која се нашле пред стапувањето
во сила на Законот, што значи и со сите преземени дејствија во постапката за
донесување на плановите.
Согласно член 17 од Законот за просторно и урбанистичко планирање,
плановите од член 7 на овој закон (просторните и урбанистичките планови) се
изработуваат како нацрт и предлог на план. По нацртот на планот се организира
стручна расправа, а по нацрт на деталните планови се организира јавна анкета со
излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните
граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат
писмени забелешки (член 18 од Законот).
Во членот 52 став 2 од Законот е предвидено дека до основање на јавно
претпријатие од член 15 од Законот, изработката на плановите од член 7 на овој
закон, како и довршувањето на започнатите планови, ќе го вршат претпријатијата
регистрирани за изработка на просторни и урбанистички планови, што значи дека
изработката на плановите, од неговото порачување до утврдување на нацртот на
планот од надлежниот орган на општината претставува техничко прашање односно не
претставува фаза во постапката за донесување на планот, ниту пак може да
предизвика правни последици во поглед на донесувањето на плановите или пак во
поглед на правата и обврските на граѓаните во постапката за донесување. Според
мислењето на Судот постапката за донесување на деталните урбанистички планови
започнува со донесување одлука од надлежниот орган за прифа?ање на предлогот за
донесување на планот и утврдување на нацртот на планот.
При неспорен факт дека Законот за просторно и урбанистичко планирање стапил
во сила на 2 февруари 1996 година, а предлогот за донесување со нацртот на
оспорениот план од Советот на Град Скопје се усвоени на седницата одржана на 8
ноември 1996 година, односно по стапување во сила на Законот, во случајов не
може да се прифати мислењето дека оспорениот план претставува ситуација која го
уредува преодниот режим за донесување на деталните планови. Имено, со оглед на
тоа што постапката за донесување на плановите не започнува со изработка на
плановите од страна на овластена организација, туку со акт на надлежниот орган,
во случајов со акт за усвојување на предлогот за донесување на планот и
утврдување на нацртот планот, постапката за донесување на оспорениот план
требало целосно да се спроведе по Законот за просторно и урбанистичко
планирање, поради што Судот смета дека не е во согласност со член 17 и член 56
од Законот.
7. Судот го укина Решението за запирање на извршувањето на поединечните
акти или дејствија преземени врз основа на Одлуката, како безпредметно.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа
одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан
Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен
Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор
Џунов.

У.бр.159/99
16 февруари 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков