Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јануари 2000 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 3 во делот “а се применува од 1.05.1999 година” од Одлуката за измена на Одлуката за плати и други надоместоци на избраните лица во органите на Општина Чучер – Сандево бр.07-264/7, донесена од Советот на Општина Чучер-Сандево на 23.06.1999 година (“Службен гласник на Општина Чучер-Сандево” бр.4/99).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесената иницијатива на Петар Мирковиќ од Скопје, со решение У.бр.162/99 од 28 октомври 1999 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 3 во делот “а се применува од 1.05.1999 година” од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од одлуката се врши намалување на претходно утврдениот коефициент за утврдување на надоместокот за плати на Секретарот на Советот на Општината од 2.65 на 2.00.
Покрај тоа, со членот 3 е предвидено одлуката да влезе во сила со денот на објавувањето во “Службениот гласник на Општина Чучер – Сандево” (истата е објавена во “Службен гласник на Општина Чучер – Сандево” бр.4/99 од 25.06.1999 година), а да се применува од 1.05.1999 година.
5. Согласно член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Со членот 3 од одлуката (објавена во “Службен гласник на Општина Чучер – Сандево” бр.4 од 25.06.1999 год.) е предвидено таа да влезе во сила со денот на објавувањето во Службениот гласник, а да се применува од 1.05.1999 година.
Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука во однос на онаа чие изменување се врши, јасно произлегува нејзиниот рестриктивен, односно понеповолен карактер.
Оттука, според мислењето на Судот, членот 3 во делот “а ќе се применува од 1.05.1999 год.” од одлуката не е во согласност со членот 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав претседавач судијата д-р Никола Крлески и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.162/99
19 јануари 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков