208/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 јануари 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 14 и 17 од Одлуката за утврдување на надоместок за употреба на градежно земјиште на територијата на Општина Пехчево, бр.08-01/88 донесена од Советот на Општина Пехчево (“Службен гласник на Општина Пехчево” бр.4/97).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесената иницијатива на Јован Кујунџиски од Пехчево, со решение У.бр.148/99 од 20 октомври 1999 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 14 и 17 од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија. Покрај тоа, Судот оцени дека не постојат основи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката во целина.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука (член 1) се определуваат обврзниците на надоместокот (физичките и правни лица), како непосредни корисници на градежно земјиште на општина Пехчево.

Во членот 2 од одлуката се утврдува намената на средствата од надоместокот, и тоа за финансирање на изградбата на комунални објекти и инсталации, при што по исклучок, 30% од тие средства може да се користат за одржување на комуналните објекти и инсталации.

Согласно членот 4, надоместокот ќе се плаќа по единица површина и тоа посебно за изградениот корисен простор, а посебно за градежното земјиште.

Согласно членот 7, висината на надоместокот се определува врз основа на неколку критериуми, и тоа: зоната во која се наоѓа градежното земјиште, во смисла на погодностите што ги нуди тоа земјиште на корисникот, намената на објектот што е изграден на земјиштето и сопственоста на предметното уредено градежно земјиште.

Во членот 8 од одлуката, одделно, според намената на објектот и зоната во која се наоѓа, утврден е во фиксен месечен износ висината на надоместокот, при што истиот е врзан за девизниот курс на денарот во однос на германската марка.

Износот на надоместокот се утврдува со Решение на Фондот за локални патишта, улици и комунална изградба при Општина Пехчево, чиј работник е овластен непречено да изврши контрола заради утврдување на површините за кои се плаќа надоместокот (членови 9 и 10 од Одлуката).

Наплатата на надоместокот ја врши Јавното комунално претпријатие преку сметките за комунална услуга при што остварените средства се приход на Фондот.

Покрај тоа, членот 14 од оспорената одлука утврдува право на општината да предвидува казниво дело (оневозможување на овластениот работник на Фондот да изврши контрола заради утврдување на површините за кои се плаќа надоместокот) и санкција, односно парична казна (1 просечна плата за физичко лице и 10 просечни плати за правно лице). Притоа, средствата од казните се приход на Буџетот на Општината.

Членот 17 од одлуката предвидува истата да стапи во сила со денот на донесувањето, а да се објави во службеното гласило на Општината.

5. Согласно член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Покрај тоа, според член 14 став 1 од Уставот на Република Македонија, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно член 5 од Законот за прекршоците (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/97), прекршокот е противправно дело што со закон е определено како прекршок и чии обележја се определени со закон.

Според член 7 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/96) кривично дело е она противправно дело што со Закон е определено како кривично дело и чии обележја се определени со закон.

Од овие одредби произлегува дека вината за одредено казниво дело мора да биде утврдена со судска одлука, што значи дека за вината на сторителите за сите казниви дела може да одлучуваат само судовите. Општината, како единица на локалната самоуправа, нема уставни, ниту законски овластувања да утврдува казниви дела и пропишува санкции за непочитување на нејзините прописи.

Покрај тоа, согласно член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, законите и прописите се објавуваат пред да влезат во сила.

Со оглед на тоа што согласно член 17 од оспорената одлука се предвидува одлуката да влезе во сила со денот на донесувањето, а не со или по објавувањето, Судот оцени дека тој член не е во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав претседавач судијата д-р Никола Крлески и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.148/99; 208/99
19 јануари 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков