237/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јануари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 52 од Законот за осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/97 и 79/99).

2. Димитрија Атанасовски адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 52 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба Армијата на Република Македонија односно возачите на моторните и други возила со кои управуваат, а чиј краен корисник е АРМ, се ставале во понеповолна положба, односно не биле еднакви во правата и обврските од задолжителното осигурување со возилата од цивилниот сектор, односно другите граѓани кои управуваат со моторни возила, што не било во согласност со член 9 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 52 од Законот, одредбите на овој закон за задолжителните осигурувања не се однесуваат на превозните средства на Армијата на Република Македонија.

4. Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 50 од Законот задолжително се осигуруваат: патниците во јавниот сообраќај од последици на несреќен случај; сопствениците, односно корисниците на моторни возила од одговорност за штети причинети на трети лица; сопствениците односно корисниците на воздухоплови од одговорност за штети причинети на трети лица и сопствениците, односно корисниците на бродови, односно на чамци на моторен погон од одговорност за штети причинети на трети лица, а со членот 51 став 1 од Законот е предвидено дека сопствениците, односно корисниците на превозни средства на кои се применуваат одредбите за задолжително осигурување од овој закон, се должни пред да го пуштат превозното средство во сообраќај, да склучат договор за задолжително осигурување со друштвото за осигурување кое има дозвола за вршење на тие групи на осигурување.

Од наведените законски одредби произлегува дека осигурувањето на имотите и лицата во основа е доброволно осигурување. Исклучок претставува задолжителното осигурување на патниците во јавниот сообраќај од последици на несреќен случај, на корисниците односно сопствениците на моторни возила од одговорност за штета причинеата на трети лица и на корисниците, односно сопствениците на воздухоплови, бродови односно чамци на моторен погон од одговорност за штети причинети на трети лица. Според тоа, задолжителното осигурување Законот го воспоставува кога е во прашање исклучив интерес на државата преку кое се обезбедува заштита на животите и имотите на граѓаните. При тоа, во прашање се добра од поголема вредност и висок степен на ризик од користењето на превозните средства и штетите што граѓаните можат да ги претрпат при нивното користење.

Според мислењето на Судот, превозните средства на Армијата на Република Македонија се имот на Републиката со посебна намена, и во таа смисла се под посебен режим на користење и за штетите што настануваат од нивното користење Републиката обезбедува средства со Буџетот на Република Македонија. Исто така, според мислењето на Судот, Армијата на Република Македонија како корисник на превозните средства не е во иста правна положба со другите корисници на превозни средства кои подлежат на задолжително осигурување. Уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот обврзува на еднаквост на граѓаните во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законот. Во случајов, со оспорената одредба, е предвиден исклучок од задолжителното осигурување на превозните средства на Армијата што значи не станува збор за еднаква положба на граѓани, во смисла на член 9 од Уставот, поради што, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со наведеното уставно начело.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.237/99
12 јануари 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков