Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на ден 29 декември 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на точка 2 од Решението за усогласување на пензиите и паричните надоместоци за јануари 1994 година, донесено од в.д. директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија на 28 февруари 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.11/94).
2. Димитрија Тодоровски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Решението означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се вршела дискриминација помеѓу граѓаните – пензионери и се загрозувала социјалната сигурност на цел од нив, како и се повредувал принципот правата од пензиското осигурување да зависат, покрај другото, и од обемот на вложените средства, поради што оспорената одредба не била во согласност со членовите 9 и 34 од Уставот и со член 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Освен тоа, точката 2 од Решението, не можела да опстојува во позитивно-правниот поредок и поради укинувањето на член 6 од Законот за исплата на платите и пензиите (со Одлука на Уставниот суд У.бр.15/94 од 7 декември 1994 година);
3. Судот, на седницата, утврди дека со точката 1 од Решението се определува пензиите (и паричните надоместоци во врска со преквалификација, доквалификација, …..) за јануари 1994 година да се усогласуваат за 10,9%, а со оспорената точка 2 од Решението се утврдува пензиите на корисниците на пензија кои се повисоки од две просечни пензии исплатени во претходниот месец, односно од 9.268,00 денари да се усогласуваат со 70% од процентот во точка 1 односно со 7,63%.
Понатаму, Судот утврди дека усогласувањето на пензиите (за месец јануари 1994 година во однос на декември 1993 година) со 10,9%, по основ на порастот на трошоците на живот, е извршено врз основа на објавата на Министерството за труд и социјална политика (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/94) донесена врз основа на член 13 од Законот за исплата на платите и пензиите, а пак усогласувањето на пензиите, кои се повисоки од две просечни пензии исплатени во претходниот месец, со 7,63% (што претставува 70% од 10,9%) било пропишано со член 6 став 4 од наведениот закон.
Судот, исто така, утврди дека член 6 (што значи и неговиот став 4) од Законот за исплата на платите и пензиите престанал да важи на 30 декември 1994 година (со објавувањето на укинувачката одлука У.бр.15/94, донесена од Уставниот суд на 7 декември 1994 година).
Од изнесената фактичка состојба произлегува дека (1) членот 6 став 4 од Законот за исплата на платите и пензиите ја создавал различната правна положба помеѓу граѓаните – пензионери, а не точката 2 од Решението (бидејки и да не постоеше оваа точка ќе настанеше последицата за наведената категорија пензионери) и дека (2) наведениот член од Законот е укинат во целина, со што последиците од неговата примена за иднина се елиминирани.
4. Имајќи го предвид претходното, Судот оцени дека Решението, всушност, претставува акт на в.д. директорот на фондот со информативно-технички карактер и дека со него не се уредуваат права и обврски на граѓаните – пензионери, поради што не претставува пропис и не може да биде предмет на оценување од овој суд.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михај ловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.129/99
29 декември 1999 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков