Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 декември 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 107 став 1, во делот што гласи “тој е должен да ги изнесе сите факти што можат да доведат до негово кривично гонење”, на член 108 став 2 точките 1 и 2 од Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/97).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од Законот се изнудувало признание од должникот во стечајната постапка со што се вршело и кривично дело тортура предвидено во член 142 од Кривичниот законик. Поради тоа подносителот на иницијативата смета дека тие не биле во согласност со член 12 став 3 од Уставот на Република Македонија, според кој, од лицето повикано, приведено или лишено од слобода не може да се бара изјава, дотолку повеќе што бил во прашање должник.
3. Судот на седницата утврди дека според член 107 од Законот за стечај, должникот е должен на судот, на стечајниот управник, на одборот на доверителите и по налог на судот, на собранието на доверителите да им ги дава сите потребни информации за околностите што се однесуваат на постапката. Тој е должен да ги изнесе сите факти што можат да доведат до негово кривично гонење. Меѓутоа, фактите што должникот ги открил поради обврската наложена со овој член не можат да се користат против должникот без негова согласност во судска, управна или друга постапка поведена против него (став 1). Должникот е должен да му помага на стечајниот управник при исполнувањето на неговите задачи (став 2). Должникот е должен, по налог на судот, да дава информации и да соработува во секое време. Должен е да се воздржува од сите активности со кои би се отежнало исполнувањето на тие обврски (став 3).
Според член 108 од Законот ако поради прибавување на соодветни изјави е потребно, судот може да одреди приведување на должникот (став 1). Судот може, по сослушувањето да го притвори должникот ако: 1) одбил да ги даде потребните информации или одбил да соработува со стечајниот управник во исполнувањето на неговите задачи; 2) избегнува или има намера да избегне давање на информации и соработка, а особено ако се подготвува за бегство или 3) е тоа потребно за да се спречи должникот во преземањето активности со кои би се оневозможило или отежнало прибирањето на потребните исправи и информации, а особено прибирањето и заштитата на стечајната маса.
На притворот на должникот од став 2 на овој член на соодветен начин се применуваат одредбите за притвор во кривична постапка. Притворот се укинува по службена должност, штом ќе престанат причините поради кои е определен (став 3).
4. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Според член 12 став 1, исто од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена, а според ставот 2, никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон. Во ставот 3 на овој член од Уставот е предвидено дека лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската постапка.
Според член 50 став 3 од Уставот граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други, за нивно унапредување и заштита. Според член 54 став 1 од Уставот, слободата и правата на човекот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот, гарантирајќи ја слободата на човекот како неприкосновена вредност, предвидува можност и за нејзино ограничување со одлука на суд и во случаи и во постапка утврдена со закон, што значи ограничување на слободите и правата на граѓаните и во интерес на остварувањето на функцијата на судовите и остварување на правата и слободите на другите граѓани.
Несомнено е дека, кога е во прашање заштитата и остварувањето на правата и слободите на граѓаните од т.н. корпус на слободи и права, гаранција за нивната заштита пружаат и законите од областа на граѓанското и кривичното право и другите области чии што норми судот ги применува при разгледување и одлучување на одделни прашања, со други зборови, при остварување на судската функција. Во оваа смисла и Законот за стечај и тоа во делот насловен за стечајна постапка, конкретно во член 6, предвидува дека во стечајната постапка се применуваат одредбите на Законот за парничната постапка, ако со овој закон не е поинаку определено.
Во членот 7 од Законот за стечај, во кој се утврдени начелата на стечајната постапка, во ставот 3, е утрдено начелото дека судот по службена должност ги утврдува сите факти што се од значење за стечајната постапка и поради тоа може да ги изведува сите потребни докази. При тоа е несомнено дека законодавецот мислел на утврдување на сите факти што се битни за донесување на одлука и што се утврдуваат по правилата на Законот за парничната постапка, како и други докази ако судот смета дека со добиените информации од должникот ќе се доразјаснат определени околности кои произлегуваат од постапката. Со други зборови, и начелата на стечајната постапка и начелото за утврдување на материјалната вистина во парничната постапка, го обврзува судот да ги изведе сите докази за да може наполно и вистинито да ги утврди спорните факти од кои зависи праведната одлука.
Според начелата врз кои е уредена парничната постапка во врска со одлучувањето по тужбените барања, меѓу другото, и дека странките се должни да ги изнесат сите факти врз кои ги засновуваат сите барања, како доказно средство е предвидено и сослушување на странките. Според член 249 од Законот за парничната постапка спорените факти важни за одлуката судот може да ги утврдува и со сослушување на странките, како и сослушувањето на странките да се изведе како доказ кога нема други докази или кога и покрај изведените други докази ќе најде дека е тоа потребно за утврдување на важни факти.
Според мислењето на Судот, преку пропишаната обврска на должникот, на судот и другите субјекти на стечајната постапка, должникот да им ги дава сите потребни информации за околностите што се однесуваат на постапката, се овозможува тие да добијат потребни сознанија за факти и околности важни за стечајната постапка, за кои инаку не е во можност да ги добијат, што му оди во прилог на должникот, а судот би бил оневозможен да донесе праведна одлука. Со други зборови во стечајната постапка се одлучува за вредности од јавен интерес и интерес на граѓаните, и поаѓајќи од начелото на материјалната вистина при нејзиното утврдување судот може да ги изведува сите потребни докази па и да обезбеди присуство на должникот и наложи да ги даде сите потребни информации што има за цел успешно завршување на стечајната постапка и намирување на доверителите. При тоа, треба да се има предвид дека должникот е должен така да постапи само во случаите ако за тоа судот одлучи. Според тоа, обврската должникот во стечајната постап ка по налог на судот, да ги даде сите потребни информации за околностите што се однесуваат на постапката и да ги изнесе сите факти што можат да доведат до негово кривично гонење не може да се поистовети со изнудување изјава од должникот, односно со вршење тортура над должникот, затоа што фактите што должникот ги открил не можат да се користат против должникот без негова согласност во судска, управна или друга постапка, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот.
Поаѓајќи од ваквото сфаќање на оспорената одредба таа не може да се подведе под квалификацијата на кривичното дело “тортура” утврдено во член 142 од Кривичниот законик, ниту пак ги содржи елементите за битието на ова кривично дело.
5. Оспорените одредби на членот 108 од Законот за стечај го уредува прашањето за изрекување на мерката притвор и паричната казна за должникот за исполнување на должностите од членот 107, исто од овој закон, или ако не ги исполнува должностите од овој член.
Во врска со оваа одредба се поставува прашањето дали приведувањето, притворот и паричната казна како мерка на принуда во функција на обезбедување соодветна изјава од должникот, односно да ги даде или да избегне да ги даде потребните информации, како и да ги обезбеди должностите од член 107 на Законот, може да се сметаат како средство во стечајната постапка.
Според член 12 став 5 од Уставот, изменет со Амандман III на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/98), притвор до подигнувањето на обвинението, по одлука на суд може да трае најдолго 180 дена од денот на притворувањето.
По подигнување на обвинението притворот го продолжува или го определува надлежниот суд во случај и во постапка утврдена со закон.
Според член 183 став 1 од Законот за кривичната постапка притвор може да се определи само под условите предвидени со овој закон, а според членот 184, притвор може да се определи ако постои основано сомнение дека определено лице сторило кривично дело и тоа ако: 1) се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство; 2) постои основан страв дека ќе ги уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците, соучесниците или прикривачите; и 3) особени околности го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело или дека ќе стори кривично дело со кое се заканува.
Од Уставот и означените одредби на Законот за кривичната постапка притворот претпоставува сторување на кривично дело и е најстрога мерка од сите други мерки за обезбедување присуство на обвинетиот во кривичната постапка и значи лишување од слобода и тоа врз основа на решение на надлежен суд и кога се исполнети условите утврдени со овој закон. Притворот ќе се определи само ако постојат некои од наведените основи, а причините за негово определување треба да се со голем степен на веројатност дека ќе настапат.
Меѓутоа, тргнувајќи од содржината на оспорените одредби и покрај тоа што се востановува притвор во стечајната постапка, по својата суштина оваа мерка е насочена кон обезбедување на присуството на должникот во стечајната постапка и тоа во случаите ако одбил да ги даде потребните информации или да соработува со стечајниот управник во исполнувањето на неговите задачи, избегнува или има намера да избегне давање на инфромации и соработка, а особено ако се подготвува за бегство или со свои активности оневозможи и отежни прибирање на потребни исправи и информации, а особено за заштита на стечајната маса. Оттука, и покрај упатната норма дека на притворот на должникот на соодветен начин ќе се применуваат одредбите за притвор во кривичната постапка, што значи дека притворот се определува за должникот со одлука на суд и ако постојат основите за изрекување на оваа мерка, притворот во стечајната постапка се определува поради противење на законски налог на судот или со цел да се обезбеди извршување на со закон пропишана обврска.
Според мислењето на Судот притворот како присилна мерка во стечајната постапка има за цел да го обезбеди должникот, а со тоа да се овозможи успешно завршување на стечајната постапка и заштита на стечајната маса и стечајните доверители. Според тоа, притворот во стечајната постапка не може да се поистовети со притворот во кривично-правна смисла туку како мерка на принуда во функција на обезбедување присуство на должникот заради прибавување на потребни информации и соработка со стечајниот суд и другите стечајни органи и со оглед на тоа што е предвиден со закон, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби на член 108 од Законот со член 12 став 5 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со м нозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.220/1998
22 декември 1999 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков