71/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 8.12.1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија (” ;Службен весник на Република Македонија” бр.35/98).
2. Сојузот на воените инвалиди на Македонија преку секретарот Геновева Белокаповска, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Сојузот на борците по својата природа е здружение на граѓани и дека тоа може да го формираат самите граѓани по основ на доброволност, а не државата со закон. Се смета дека со овој закон се повредени уставните одредби за слобода на здружувањето од член 20 од Уставот, а ако државата сака да обезбеди посебен третман на борците од Народноослободителната војна тоа може да го прави по основ на член 36 од Уставот кој се однесува на гарантирањето на посебните социјални права на борците, воените инвалиди и прогонуваите за идеите за самобитноста на македонскиот народ, што и го направила со закон (Законот за правата на воените инвалиди и на членовите на нивните семејства и на семејствата на паднатите борци).
Исто така, се наведува дека поради овој закон може да се доведе во прашање слободата на здружување на воените инвалиди затоа што со него на Сојузот на борците му е определена и задача да се грижи за материјалната и социјалната положба и на воените инвалиди.
3. На седницата Судот утврди дека Сојзузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија, кој инаку е организација со постојан субјективитет од основањето во 1947 година, во Законот е дефинирана како доброволна, самостојна и непартиска организација на учесниците во Народноослободителната и Антифашистичка војна на Македонија во периодот од 1941 – 1945 година, но е отворена за сите граѓани што сакаат да учествуваат во остварувањето на нејзините цели и програмски задачи.
Според член 2 од Законот целите и задачите на Сојузот на борците се: негување на придобивките од Народноослободителната и Антифашистичката војна; чување на границите од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија и од Народноослободителната борба и востанијата на македонскиот народ од подалечното минато; грижа за материјалната и социјалната сигурност на учесниците во Народноослободителната и Антифашистичката војна и во сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, како и на членовите на нивните семејства и грижа за заштита на статусните права на борците.
Во останатите одредби од Законот се утврдени положбата на Сојузот на борците во правниот поредок, која соодветствува на правилата на Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/98) и тоа во поглед на дејствувањето, статутарните права, финансирањето, можноста за вршење јавни овластувања и сл.
4. Според член 20 став 1 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.
Согласно став 2 на овој член од Уставот граѓаните слободно можат да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Во член 36 од Уставот е утврдено дека Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Според став 2 на овој член од Уставот, посебните права се утврдуваат со закон.
Врз принципите од член 20 од Уставот е донесен и Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите (“Службен весник на РМ” бр.31/98) во кој недвосмислено е утврден автономиот и доброволниот карактер на здруженијата на граѓаните како во поглед на основањето, така и во поглед на утврдувањето на нивните цели.
5. Разгледувајки го Законот во контекст на означените уставни одредби, Судот оцени дека тој не претставува основачки акт за Сојузот на борците како здружение на граѓаните, туку само се регулира неговата положба со оглед на јавниот интерес, содржан и во член 36 од Уставот, за негување и заштита на придобивките од Народноослободителната и Антифашистичка војна на Македонија. Притоа, со законот не се доведува во прашање доброволниот карактер на Сојузот на борците како здружение на граѓаните, ниту неговата статутарна самостојност во согласност со член 20 од Уставот. Предвидувањето на оддредени цели и задачи на Сојузот на борците со законот, според мислењето на Судот, претставува израз на јавниот интерес во сферата на зачувување на придобивките од НОВ кои Сојузот на борците го остварува и како јавно овластување, а не само како приватна работа на членовите на здружението.
Судот смета дека на овој начин законодавецот не го исклучик принципот на слободата на здружувањето ниту во поглед на Сојузот на борците, ниту во поглед на основање други здруженија кои би остварувале специфични интереси на граѓаните во истата област.
Врз основа на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на Законот со член 20 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.71/99)