78/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на ИИ станбена заедница – Тетово, донесена од Собранието на општина Тетово на 7 јуни 1995 година и Одлуката за усвојување на Деталниот урбанистички план за ИИ станбена заедница Тетово, донесена од Собранието на општина Тетово на 27 декември 1995 година.

2. Мердаим Зекири од Тетово преку полномошниот Крсте Ристовски адвокат од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение затоа што, оспорените одлуки за измена на Деталниот урбани-стички план не се донесени во постапка предвидена со закон, односно тие се донесени спротивно на член 17 до 27 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање. Имено, за оспорените одлуки граѓаните не биле информирани и не било објавено преку средствата за јавно информирање времето и местото на кои би биле изнесени предметните измени и дополнувања на планот.

3. Судот на седницата утврди дека во Одлуката за измени и дополнување на ДУП за втора станбена заедница донесена на 7 јуни 1995 година во член 1 е предвидено дека се вршат измени и дополнувања на ДУП, меѓу другото, и

– да се прошири улицата “Ѓорче Петров” на 5 метра,

– да се проектира изградба на индивидуални станбени згради од П+2 на делот од Населбата “Теќе” наспроти “Неметали” и ОУ “Неим Фрашери” каде што е предложено изградба на високоградба од П+4, зелени и слободни простори односно паркинг и

– да се прошири габаритот на куќата на Ул. “102” бр. 7 КП.бр.4085/48.

Понатаму во Одлуката е предвидено кои прилози ги содржи Урбанистичкиот план, што содржи текстуалниот дел на Планот кој го заверува Планот и каде се чува Планот.

Во Одлуката за усвојување на ДУП за ИИ станбена заедница е предвидено дека со оваа Одлука се усвојува ДУП за ИИ станбена заедница со извештајот за неприфатените забелешки од јавната расправа, што содржи графички и текстуални дел на Планот, кој врши заверка на Планот и каде се доверува Планот на чување.

4. Во однос на постапката што е спроведена пред донесување на оспорените одлуки Судот утврди дека Министерството за урбанизам и градежништво дало согласност на предлог-планот за измена на планот на ИИ станбена заедница врз основа на Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план, извештајот од комисијата по однос на забелешките од јавниот увид и јавната расправа, одговор на приговорите изготвен од изработувачот на планот “Комуна проект” од Тетово, и предлог-планот за измена на Деталниот урбанистички план за ИИ станбена заедница – Тетово.

При разгледување на доставените документи беше констатирано дека Извештајот од Комисијата по однос на забелешките од јавниот увид и јавната расправа е од 3 април 1995 година, а Записникот од Комисијата е од 8 мај 1995 година.

Министерството за урбанизам – Подрачна единица Тетово достави писмено известување што Месната заедница “Теќе” од Тетово го доставила до Министерството за урбанизам од кој може да се види дека ДУП за ИИ станбена заедница бил на јавна расправа и Месната заедница има одредени забелешки од аспект на сообраќајното решение предвидено во Планот.

Ова Министерство достави и записници од Претседателството на Собранието и од Извршниот одбор од кои може да се изведе заклучок дека за Урбанистичкиот план било расправано, а има и документ од страна на Електростопанство на Македонија за енергетска согласност во однос на проектираната мрежа за овој Урбанистички план.

Имајќи ги предвид наведените документи има индиции дека е одржана јавна расправа по Нацрт планот, меѓутоа со сигурност не може да се тврди бидејќи нема докази дека Собранието на Општина Тетово донело решение за отпочнување постапка за измена на Планот, решение за ставање на јавен увид и јавна расправа по Нацрт-планот, во кој рок и каде ќе се одржи јавната расправа за информирање на граѓаните.

5. Согласно член 31 од Законот за системот на просто-рното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89) кој важел во времето на донесувањето на оспорените одлуки, нацртите на плановите задопжително се ставаат на јавна расправа која се спроведува со излагање на плановите најмалку петнаесет дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот на управата за работите на урбанизмот во писмана форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог план.

Според член 33 од Законот, органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на Републичкото собрание односно на Собранието на општината предлог на просторен, односно урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.

Од изнесените одредби на Законот произлегува дека како дел од постапката во која граѓаните треба да бидат вклучени во донесување на урбанистичките планови, преставува и јавната расправа, која треба да се спроведе во определено време од петнаесет дена во соодветна просторија на месната заедница.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај по оспорените одлуки за измена на планот нема докази дека била донесена нацрт-одлука за измена и дополнување на планот, и не било донесено решение за ставање на јавен увид и јавна расправа, како задолжителни елементи на постапката за донесување на планот, основано се поставува прашањето дали оспорените одлуки се донесени во постапка предвидена со закон.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.78/99
24 ноември 1999 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков