137/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 194 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 46/93 и 55/95), во делот што гласи

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 32 став 5 и член 34 од Уставот на Република Македонија затоа што висината на надоместокот за време на отсуство од работа поради бременост и породување и закоп можело да се определи само со закон и колективен договор, односно Уставот не допушта тоа прашање да се уредува со општ акт на Министерството за здравство.

3. Судот на седницата утврди дека според член 194 (203 е од пречистениот текст на Законот) од Законот за здравствена заштита до уредувањето на правото на надоместок на плата за време на отсутност од работа поради бременост и породување и надоместок на трошоците на закоп со друг закон, правото на овие надоместоци ќе се остварува од Фондот за здравствено осигурување во висина од 100% од основицата утврдена според член 20 од овој закон, односно со општ акт на Министерството за здравство.

4. Согласно ставот 5 на член 32 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор а според членот 34, исто од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Со Законот за здравствена заштита се уредуваат правата од здравствената заштита, односите и правата од здравственото осигурување, постапката на користењето на здравствената заштита и системот и организацијата на здравствената заштита.

Законот во рамките на задолжителното здравствено осигурување, врз начелата на взаемност и солидарност, на осигурениците им обезбедува право на основна здравствена заштита (член 11), која меѓу другото ја опфаќа здравствената заштита во врска со бременост и породување. Со Законот е воспоставено и правото на надоместок место плата за време на привремена спреченост за работа ако се исполнети условите пропишани со овој закон, а се исплатува за деновите за кои се остварува плата според прописите за работните односи.

Исто така Законот, во членот 20, ја утврдил и основицата за пресметување на надоместокот на плата за време на привремена спреченост за работа што претставува просечен износ на платата на кој е платен придонес за здравствено осигурување во последните три месеци пред настапување на случајот поради кој се стекнува правото на надоместок, а за корисниците кои вршат дејност со личен труд, основицата за која е платен придонес за здравствено осигурување Законот ја определил и висината на надоместокот и тоа најмалку во висина 70% од основицата, а во случаи спреченоста за работата кога настапила како последица од повреда за работа и професионално оболување, за време на давање на крв, ткиво или орган надоместокот изнесува 100% од основицата на надоместокот.

Правото на осигурениците на надоместок на плата за време на отсутност од работа поради бременост и породување и надоместокот на трошоците за закоп, законодавецот ги поместил во преодните и завршни одредби од Законот, односно ги издвоил како посебна категорија на права за кој се обезбедува надоместок на плата и надоместок на трошоци за закоп. При тоа изрично е нагласено дека до уредувањето на овие права со друг закон, правото на овие надоместоци ќе се остварува од Фондот за здравствено осигурување што наведува на заклучок дека ова решение е времено, односно дека овие права ќе се уредат со друг закон, но со оглед на тоа што надоместокот ќе се исплатува од Фондот за здравствено осигурување ја определил висината на надоместокот за отсуство поради бременост и породување 100% од основицата утврдена според членот 20 од Законот, што значи Законот во поглед на остварувањето на ова право не оставил простор ниту висината на надоместокот, ниту основицата да се утврдува со општ акт на Министерството за здравство, а со Правилникот за начинот на остварување на правата и обврските од здравственото осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/92, 6/95) само поблиску се уредува начинот на остварувањето на правата и обврските од здравственото осигурување утврдени со Законот. Според тоа од овој аспект Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од одредбата со членот 32 став 5 и членот 34 од Уставот, а упатувањето да се утврди висината со општ акт на Министерството за здравство се однесува само на трошоците за закоп. Имено, надоместокот на трошоците на закоп не е утврдено како право од здравствената заштита, туку дека ќе се остварува од фондот за здравствено осигурување, според општиот акт на Министерството за здравство и тоа до уредувањето на надоместокот со посебен закон. Во таа смисла Министерството за здравство со Правилникот за висината на трошоците за закоп (“Службен весник на Република Македонија” бр. 3/92), ја утврдил висината на надоместокот на трошоците за закоп на осигурениците и на членовите на нивните семејства и тоа за услугите што ги надоместува Фондот, а висината на трошоците се утврдува според договорен ценовник, што според мислењето на Судот на Правилникот му дава карактер на пропис.

Според член 95 од Уставот државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон. Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Тргнувајќи од уставната положба, органите на државната управа можат да се овластат да донесуваат прописи со кои се разработуваат законските одредби заради нивно извршување, при што со законите на чие извршување тие се однесуваат мора да се утврдат основите за уредување на односите, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа.

Според член 160 од Законот за државната управа (“Службен весник на СРМ” бр.40/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.63/94 и 63/98), функционерите кои раководат со органите на управата донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите и на другите прописи и општи акти на Собранието на Републиката, кога за тоа се овластени со тие закони.

Со оглед на тоа што членот 194 од Законот за здравствена заштита го утврдил само правото на надоместокот на трошоците за закоп кој се исплатува од Фондот за здравствено осигурување, при што Законот не утврдил ниту основи за уредување на ова право, ниту ги утврдил рамките на овластувањето на органот на државната управа, туку упатил дека таа ќе се уреди со правилник на Министерството за здравство, Судот оцени дека може да се постави прашањето за уставноста на оспорениот дел од оваа одредба што гласи: “односно со правилник на Министерството за здравство”.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.137/99
10 ноември 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков