У.бр.186/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Киро Трајковски од Скопје за заштита на правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Киро Трајковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на правата означени во точката 1 од ова решение, затоа што во текот на 1994 година бил на двапати упатуван на принуден одмор, а потоа со решение бр.04-1819 од 21.06 1994 година бил распореден од работното место помошник магационер на работно место материјален книговодител за да на крајот, со решение бр.09-617 од 22.09.1995 година му престане работниот однос по основ на технолошки вишок. Овие дејствија и акти биле преземени, односно донесени во рамките на општиот притисок што дел од раководството на “Треска-мебел” го вршел врз синдикалните претставници, меѓу кои бил и тој како претседател на синдикалната подружница во погон “Тапетарија”, а се со цел да се оневозможи и спречи синдикалното организирање и дејствување на работниците заради остварување на нивните економски и социјални права и интереси, така што вистинскиот основ и причина за неговото распоредување, а покасно и за престанување на работниот однос, не било ништо друго туку неговите синдикални активности, како што се организирање и учество во штрајкот од 1994 година и сл..

Понатаму, во барањето се наведува дека подносителот барал и судска заштита на повредените права од работен однос, но со пресуда П.бр.2484/95 од 10.04.1996 година на тогаш Општинскиот суд Скопје И – Скопје, неговото тужбено барање било одбиено, а со пресуда ГЖ.бр.3916/96 од 19.11.1996 година на Апелациониот суд во Скопје жалбата му била одбиена, а првостепената одлука потврдена.

Подносителот смета дека во наведените одлуки судот погрешно и нецелосно ја утврдил фактичката состојба и неправилно оценил дека неговиот работен однос престанал по основ на технолошки вишок, со оглед дека бројот на работниците на кои им престанал работниот однос од страна на тужениот бил утврден по принципот на доброволност (писмена согласност на работникот), а не според утврдените критериуми, што било спротивно на Законот за работните односи, како и со оглед дека неговата писмена изјава од 26.05.1995 година не се однесувала за согласност за престанок на неговиот работен однос.

Сметајќи дека бил прогласен за технолошки вишок поради неговите синдикални активности и дејствување, а кој факт не бил доволно и правилно оценет во судската постапка, подносителот од Уставниот суд бара заштита согласно член 110 алинеја 3 од Уставот и преиначување на актите донесени од работодавецот и на судовите, како спротивни на законските одредби. При тоа подносителот не прецизира за кое право од член 110 алинеја 3 од Уставот се однесува неговото барање за заштита.

3. На седницата Судот, разгледувајќи го барањето и прилозите приложени кон барањето, утврди дека подносителот на барањето бил вработен во Претпријатието “Треска – Мебел” во Скопје, но со решение бр.09-617 од 22.02.1994 година работниот однос му престанал сметано од 28.02.1995 година поради преструктуирање на претпријатието. Против ова решение подносителот завел работен спор со поднесување тужба до Општинскиот суд Скопје И со барање за поништување на решението за престанок на работниот однос, но со правосилна пресуда П.бр.2484/95 од 10.04.1996 година тужбеното барање му е одбиено како неосновано. По правосилноста на пресудата подносителот до Основниот суд Скопје И поднел предлог за повторување на постапката, но со решение на истиот суд П.бр.2484/95 од 25.02.1999 година и овој предлог му е одбиен како неоснован, а со решение ГЖ.бр.3646/99 од 3.09.1999 година на Апелациониот суд Скопје, жалбата против наведеното решение е одбиена, а решението потврдено.

Од образложението на приложените судски одлуки (пресуди и решенија) произлегува дека работниот однос на подносителот на барањето му престанал поради преструктуирање на претпријатието, кое, со одлука на Владата на Република Македонија било определено како претпријатие кое во своето работење искажува загуби. Имено, во конкретниот случај не станувало збор за престанок на работен однос на работник со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени во смисла на членовите 125 до 130 од Законот за работните односи, но за престанок на работен однос поради преструктуирање според специјален закон – Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби, со денот на одобрувањето на Програмата за преструктуирање од страна на Владата на Република Македонија, во кој случај не се применуваат одредбите од Законот за работните односи, а со тоа ниту утврдените критериуми за определување на работниците на кои ќе им престане работниот однос, но се применува наведениот закон како леџ специалис. Инаку, во судската постапка бил ценет и фактот дека подносителот на барањето бил преставник на синдикалната организација, меѓутоа, овој факт, според мислењето на судот, исто така, не бил од значење, со оглед на тоа што во ваков случај на престанок на работниот однос синдикалните претставници немале посебна заштита, односно не биле изземени од престанок на работниот однос, ниту пак, имале предност на задржување на работното место, доколку според критериумите утврдени во Колективниот договор се наоѓале во иста положба со други работници.

4. На седницата Судот, исто така, утврди дека веќе одлучувал по барање на истиот подносител за заштита на правото на работа повредено со дискриминација по основ на синдикални активности и дека со решение У.бр.140/98 од 4 ноември 1998 година го отфрлил барањето затоа што утврдил дека истото не е поднесено во рокот предвиден во член 51 од Деловникот на Уставниот суд, односно дека од денот на доставувањето на правосилната пресуда на Апелациониот суд во Скопје ГЖ.бр.3916/96 од 9.11.1996 година до поднесувањето на барањето поминале повеќе од 2 месеци.

5. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободата и правата на граѓанинот што се однесуваат на: (1) слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, (2) политичко здружување и дејствување и (3)забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Со оглед на тоа што подносителот конкретно не прецизира на кое право односно слобода од член 110 алинеја 3 од Уставот се однесува неговото барање, а имајќи предвид дека според него донесените акти од страна на работодавецот биле со цел тој да се отстрани и да се оневозможи неговото синдикално дејствување во претпријатието, произлегува дека во конкретниот случај станува збор за заштита на правото на синдикално организирање и дејствување од член 37 од Уставот, кое што, пак, право, согласно цитираниот член 110 алинеја 3 од Уставот, не е предмет на заштита од страна на Уставниот суд.

Од друга страна, а имајќи предвид дека подносителот во барањето се повикува на генералната заштита во смисла на членот 110 алинеја 3 од Уставот, Судот оцени дека неговото барање може да се третира и како барање за заштита на правата од работен однос од дискриминација и тоа единствено по основ на социјална припадност. Меѓутоа, разгледувајќи го барањето и од овој аспект, а со оглед на тоа што вакво барање на подносителот веќе еднаш оценувал и со решение У.бр. 140/98 од 4 ноември 1998 година го отфрлил поради ненавремено поднесување, Судот утврди дека и по повод новото барање нема основи за поинакво одлучување, без оглед на ново приложеното решение на Основниот суд Скопје И П.бр.2484/95 од 25.02.1999 година и решението на Апелациониот суд во Скопје ГЖ.бр.3646/99 од 3.09.1999 година. Според оценката на Судот овие решенија, кои се донесени по повод вонреден правен лек, односно по предлог на подносителот за повторување на постапката правосилно завршена со пресуда П.бр.2484/95 од 10.04.1996 година не претставуваат, односно не можат да се третираат како правосилен акт во смисла на одредбите на член 51 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.186/1999
3 ноември 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков