82/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 13 став 4, 22 и 48 од Законот за прекршоците (“Службен весник на РМ” бр.15/97).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот за прекршоците означени во точка 1 од ова решение, затоа што предвидуваат мандатно казнување за сторител на прекршок од страна на службено лице, со што се воспоставува парасудска власт во изрекувањето на казни за казниви дела што не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 , со член 13, 14, 51 став 1 и член 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

Членот 48 во целина се оспорува затоа што предвидува, покрај јавниот обвинител, барање за поведување прекршочна постапка да може да поднесат и други органи односно субјекти, што не било во согласност со член 106 став 1 од Уставот според кој, според мислењето на иницијаторот, само јавниот обвинител бил овластен да ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени казниви дела.

3. На седницата судот утврди дека според член 13 став 4 од Законот, со законот за прекршокот за мандатно казнување може да се пропише парична казна во определен износ кој: – за физички лица не може да биде поголем од 10.000 денари; – за правни лица не може да биде поголем од 100.000 денари.

Инаку, целиот член 13 ја уредува висината на паричната казна во различни ситуации.

Во член 22 од Законот, озаглавен како “Мандатно казнување” е предвидено дека сторителот затекнат при извршување на прекршок за кој е предвидена парична казна во опредлен износ (член 13 став 4) од страна на службено лице на кое со законот му е дадено такво овластување, може да ја плати казната на самото место, по негова согласност. Според ставот 2 на овој член ако сторителот доброволно не ја плати мандатната казна веднаш или во определен рок, по барање на овластен орган судот ќе го казни за прекршок со парична казна која не може да биде помала од казната пропишана за тој прекршок, ниту поголема од трикратниот износ на така пропишаната казна, но не повеќе од максимумот на паричната казна пропишана со овој закон. Според ставот 3 на овој член, за стек на прекршоци сторителот не може мандатно да се казни.

Во член 48 став 3 (во контекст на мандатното казнување) е предвидено дека во случајот од член 22 на овој закон, службеното лице на кое му е дадено законско овластување да ја наплати казната на самото место може да поднесе барање за поведување прекршочна постапка ако сторителот не ја плати казната на самото место или ако сторил прекршоци во стек.

Во став 1 на член 48 е предвидено дека прекршочната постапка се поведува по барање на овластениот орган и оштетениот, а според став 2 овластен орган, во смисла на став 1 се органи на управата, јавниот обвинител, единиците на локалната самоуправа и други органи и организации во чија надлежност спаѓа непосредното извршување или надзор над извршувањето на прописите во кои се предвидени прекршоци.

Според став 4 на овој член овластените органи од став 2 и 3 на овој член се должни да поднесат барање за поведување прекршочна постапка секогаш кога постојат основи за поведување на постапка за прекршок.

Согласно став 5 на овој член барањето за поведување на прекршочна постапка се поднесува писмено, а според став 6 оштетениот може барањето да го поднесе и усно на записник.

4. Според член 8 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија меѓу другото се и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Во член 96 од Уставот е предвидено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 98 став 1 од Уставот судската власт ја вршат судовите, а во став 2 на овој член е предвидено дека судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според член 13 став 1 од Уставот лицете обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Од наведените уставни одредби произлегува дека вината за одредено казниво дело, а во тие рамки и вината за сторениот прекршок мора да биде утврдена со судска одлука, што значи дека за сите казниви дела можат односно треба да одлучуваат судовите кои се самостојни и независни.

Имајќи ги во вид наведените уставни одредби Судот смета дека мандатното казнување е облик на државна интервенција со цел ефикасно да се дејствува во сузбивање на одредена категорија прекршоци од полесна природа. Казнената интервенција има смисла само ако се оствари во моментот кога сторителот е затекнат во вршењето на прекршокот од страна на службено лице кое има законско овластување за тоа.

Наплатата на мандатната казна значи директна примена на законот кога настанал објективен случај, при што сторителот се согласил со наплаќање на казната и спроведувањето на прекршочната постапка отпаѓа поради што отпаѓа и можноста за правото на жалба.

Доколку сторителот доброволно не ја плати казната, тогаш таа не може присилно да биде наплатена, туку против сторителот за прекршок се поднесува пријава за поведување на прекршочна постапка.

Според тоа мандатното казнување претставува определено претходно дејствие преземено пред поднесување на барањето за прекршочна постапка и не може да се третира како овластување на несудски орган да постапува во прекршочна псотапка.

Со оглед на изнесеното, Судот смета дека со изрекувањето на мандатната казна за одреден прекршок чија висина законот однапред ја утврдил и овластил одредено службено лице да ја наплати не се нарушува начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

5. Според член 106 став 1 од Уставот Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон.

Во поглед на член 48 од Законот Судот смета дека членот 106 став 1 од Уставот не може да биде потпора за оценување уставноста на оспорените одредби, затоа што со нив не се навлегува и негира уставно утврдениот статус на јавното обвинителство како единствен и самостоен државен орган во однос на другите органи во организацијата на државната власт, кој ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од член 48 од Законот со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.80/99 и У.бр.82/99
3 ноември 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков