Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 октомври 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 20 став 1, во делот “буџетите на фондовите”, и став 3, во делот “на фондовите” од Законот за буџетите (Службен весник на Република Македонија” бр.79/93, 3/94, 71/96 и 15/99).
2. Велимир Јовановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение затоа што со нив се пропишува обврска фондовите задолжително да ги вградуваат ставовите и предлозите на Министерството за финансии при донесувањето на буџетите, која обврска се протега и на изворните приходи на фондовите, што значи дека членот 20 ставовите 1 и 3 од Законот фактички ја загрозува финансиската самостојност на фондовите. Притоа, иницијаторот смета дека законската одредба не е во согласност со одредбите на членовите 39, 34 и 33 од Уставот кои се однесуваат на правата на граѓанинот на здравствена заштита, на социјална сигурност и социјално осигурување и на обврската на граѓанинот да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека
иницијативата не ги содржи причините поради кои законската одредба е несогласна со наведените уставни одредби, па, поради немање процесни претпоставки, Судот одлучи иницијативата да ја отфрли согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Судот.
Покрај тоа, Судот, впуштајки се во споредување на содржините помеѓу законската и уставните одредби, оцени дека тие уредуваат различна материја, па и поради тоа иницијативата ја отфрли, со оглед дека нема процесни претпоставки.
Судот, прифаќајќи го поднесокот како иницијален (поттикнувачки) акт и анализирајќи го прашањето на самостојноста на фондовите од уставно правен аспект, надвор од посочените уставни одредби, утврди дека Уставот не се бави со фондовите и нивната правна положба, туку дека тоа е материја што се регулира со закон (на пример, членовите 8, 9 и 176 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување или, на пример, членовите 4, 62 и 63 од Законот за здравствената заштита). Оттука, аспектот од иницијативата всушност значи Судот да го оцени членот 20 од Законот за буџетите со соодветните одредби од други закони, (не неговата уставност) а тоа не е од делокругот на Уставниот суд, туку на законодавецот (значи, евентуалното загрозување на финансиската самостојност на фондовите околу нивните изворни приходи треба да го елиминира Собранието на Република Македонија)
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.187/99
20 октомври 1999 година
С к о п ј е
ат.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков