Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 октомври 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 2 став 2 точките 3, 4 и 5 од Законот за ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби за 1999 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/99).
2. Велимир Јовановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 2 став 2 точките 3, 4 и 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба од Законот, се ограничувале изворните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување и Републичкиот завод за вработување и тоа не само на средствата што на наведените институции се обезбедувале од Буџетот на Републиката, туку и на изворните приходи, со што се доведувало во прашање нивното нормално финансирање, што не било во согласност со членовите 30 став 1 и 3, 32, 33, 34, 39 став 1 и 55 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 1 од Законот, изворните приходи (без трансферните средства) за финансирање на јавните потреби за 1999 година се ограничуваат на вкупен износ од 67.983.000.000 денари, а според ставот 2 на овој член од Законот, одделно се наведени износите на приходите од ставот 1 на овој член кои се распределуваат на Републиката, единиците на локалната самоуправа, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување, Републичкиот завод за вработување и Фондот за патишта. Оспорувањето на одредбата е во делот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Републичкиот завод за вработување.
4. Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според став 3 од овој член на Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Со член 32 од Уставот се уредува правото на работа, со член 34 од Уставот правото на социјална сигурност и социјално осигурување, со член 39 од Уставот правото на здравствена заштита, а со член 55 став 2 од Уставот грижата на Републиката за обезбедување на еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со Законот за ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби за 1999 година, се ограничуваат изворните приходи за финансирање на јавните потреби за 1999 година на вкупен износ и тој износ на приходи се распределува одделно по корисници, утврдувајќи го притоа, и начинот на нивното користење.
Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи ги предвид причините за оспорување на оспорениот дел од одредбата на член 2 од Законот, јасно произлегува дека освен одредбата на член 33 од Уставот, другите одредби од Уставот на кој се повикува подносителот на иницијативата не се во дирекна корелација со оспорената одредба, поради што оценката на уставноста не би можела да се темели на нив.
Според мислењето на Судот, јавната потрошувачка е еден од најзначајните фактори кои ја детерминираат вкупната потрошувачка на секоја земја, а со тоа и вкупната стабилност, односно нестабилност на стопанството. Оттука, поаѓајќи од местото и улогата на државата во обезбедувањето на нејзината стабилност, не е спорно правото на државата, во рамките на уставните овластувања да ја уредува фискалната политика и во тие рамки да ги утврдува изворните приходи, како и да презема правни и економски мерки, во зависност од економската состојба на државата, да го определи и квантумот на средствата од изворните приходи за финансирање на јавните потреби. Во таа смисла, државата со Законот за ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби за 1999 година ги ограничила изворните приходи како за Републиката и за единиците на локалната самоуправа, така и за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување и Републичкиот завод за вработување. Всушност, таквото ограничување претставува мерка на државата како носител на фискалната политика, што таа ја презема раководејќи се од економската состојба во земјата, создавајќи на тој начин непречено функционирање на институциите и остварување на правата на граѓаните во соодветната област.
Според тоа, тргнувајќи од правото на законодавецот да ги утврдува изворните приходи за финансирање на јавните потреби, односно од уставната обврска секој да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, неспорно е дека со закон можат да се утврдат и да се ограничат изворните приходи за финансирање и на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и на Републичкиот завод за вработување, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на член 2 став 2 точките 3, 4 и 5 од Законот со одредбите на Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.188/99
20 октомври 1999 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков