Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 72 во делот “народниот правобранител” и член 189 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на РМ” бр.93/98).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на наведените членови од Законот за парничната постапка, затоа што тие не биле во согласност со член 77 од Уставот на Република Македонија. Имено, од Уставот и Законот за Народниот правобранител не произлегува можност народниот правобранител да може да биде странка во парничната постапка или, пак, воопшто да учествува како трето лице во парницата.
3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 72 е предвидено дека “кога народниот правобранител и јавниот обвинител се овластени со закон да поведат парнична постапка тие можат да преземат дејствија во постапката потребна за остварување на своите овластувања.
Според член 189 пак, од Законот кога народниот правобранител, врз основа на законско овалстување, учествува во парница која тече меѓу други лица, овластен е во границите на тужбеното барање да предлага да се утврдат фактите што странките не ги навеле и да се изведат докази што странките не ги приложиле, како и да изјавуват правни лекови.
Своето учествување во постапката народниот правобранител го пријавува со поднесок до судот пред кој се води парница меѓу други лица.
Ако смета дека постојат законски услови за учествување на народниот правобранител во парницата и дека неговото учество е потребно, судот за тоа ќе го извести народниот правобранител и ќе му се определи рок во кој може да го пријави своето учествување. Додека тој рок не истече, судот ќе застане со постапката, но народниот правобранител може и по истекот на тој рок да го користи своето право од став 1 на овој член.
Судот ќе го повика народниот правобранител кој учествува во парницата на сите рочишта и ќе му ги достави сите одлуки против кои е дозволен правен лек.
4. Според член 77 од Уставот, Собранието избира народен правобранител. Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органот на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител се избира за време од осум години, со право на уште еден избор. Условите за избор и разрешување, надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител се уредуваат со закон.
Народниот правобранител ги штити уставните слободи и права, но и сите други законски права на граѓаните од самоволието на државната администрација и јавните служби. При тоа, народниот правобранител, слободите и правата ги штити посредно, а не непосредно со донесување на свои одлуки или со дополнување на одлуките на другите органи надлежни за заштита на човековите слободи и права.
Тргнувајќи од наведената уставна одредба како и од Законот за народниот правобранител неспорно е дека народниот правобранител во однос на судските органи, кои според Уставот се самостојни и независни, не може да се меша во начинот на нивното одлучување.
Имено, при вградувањето на оспорените одредби во Законот за парничната постапка кој е донесен по Законот за народниот правобранител, законодавецот ја имал предвид надлежноста на народниот правобранител, меѓутоа токму во насока на што е можна поголема заштита на уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени тие права од органите на државната управа, тој се определил и утврдил дека народниот правобранител може да се јави во парницата како странка или како трето лице.
Во конкретниов случај Судот оцени дека не се работи за постапување на народниот правобранител по одлуки на судовите, туку негово учество во функција на остварување на слободите и правата на граѓаните.
Оттука, Судот смета дека со давањето на можност народниот правобранител да учествува во парница како странка или како трето лице кога тоа е утврдено со закон не значи и излегување од рамките на неговата надлежност ниту мешање во начинот на одлучувањето на судот.
5. Со оглед на изнесеното Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.158/99
13 октомври 1999 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков