168/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 6 октомври 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 8 став 1 и членот 8-а став 3 и 4 од Законот за банките и штедилниците (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93, 78/93, 17/96, 29/96 и 37/98).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 8-а став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Трговското претпријатие “ВЕКТРА ПРОМ” од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот членот 8 став 1 од Законот го ограничувал учеството на поединечен основач најмногу до 20% од основачкиот капитал на банката во паричен облик со право на управување со банката, спротивно на членот 30 од Уставот според кој никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Членот 8 став 1 од Законот, бил спротивен на членот 54 од Уставот бидејќи со него се ограничувале основните слободи и права на човекот. Со лимитирањето на учеството на поединечен основач ограничена била слободата на пазарот и претприемништвото. Лимитот од 20% бил провизорен, субјективен лимит на законодавецот со кој грубо била ограничена слободата на пазарот и претприемништвото на правните и физичките лица кои имале сопствен капитал и сакале да стопанисуваат на пазарот. Во иницијативата се наведува дека утврдувањето на правото Народната банка на Македонија да дава односно недава согласност на промената на сопственичката структура на банката (член 8-а од Законот), било спротивно на член 30 став 2 и 3, член 54 и член 55 од Уставот. Иницијаторот бара, Уставниот суд да изрече времена мерка со која привремено ќе го запре извршувањето на овие одредби од Законот, бидејќи со нив се нанесувале ненадоместливи штети за сопствениците на акции и другите учесници во правниот промет.

4. Судот на седницата утврди дека според член 8 од Законот, при основање на банка, учеството на поединечен основач може да биде најмногу до 20% од основачкиот капитал на банката во паричен облик со право на управување со банката. Под поединечен основач во смисла на став 1 од овој член се подразбираат сите правни и физички лица кои се капитално, управувачки или роднински поврзани. Капиталната и управувачката поврзаност во смисла на овој закон ја утврдува Народната банка. Под роднинска поврзаност во смисла на овој закон се подразбира роднинска поврзаност до втор степен. По исклучок од став 1 на овој член, кога банка основаат домашни заедно со странски банки или две или повеќе странски банки, банките-основачи меѓу себе го утврдуваат учеството во основачкиот капитал. Кога како основач се јавува странска банка, нејзиното учество во основачкиот капитал може да биде поголемо од пропишаното со став 1 на овој член. Народната банка, при донесување на решение за издавање на дозвола за основање на банка од ставовите 5 и 6 на овој член, води грижа да се оствари оптимално учество во основачкиот капитал, при што учеството на поединечен основач не може да биде поголемо од 65% од основачкиот капитал од став 1 на овој член.

Според член 8-а од Законот, банката може да го зголемува капиталот со издавање на акции.

За промена на сопственичката структура на акциите со право на управување со банката, согласност дава Народната банка.

Банката не може да изврши промена на сопственичката структура во акционерската книга на банката, односно во регистарската влошка на надлежниот суд, без претходна согласност на Народната банка за промена на сопственичката структура на акциите со право на управување.

Промена извршена спротивно на ставот 3 од овој член се смета за ништовна.

5. Судот, исто така утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.114/97 од 19 ноември 1997 година, не поведе постапка за оценување уставноста на член 8 став 7 и член 8-а став 2 од Законот за банките и штедилниците.

6. Според член 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуват од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Членот 55 став 3 од Уставот, утврдува дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 60 став 2 од Уставот, Народната банка е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство.

За спроведување на ефикасна монетарна политика и заштита на вредноста на националната валута во рамките на националната економија неопходен е здрав и стабилен банкарски систем кој го уредува државата. Статусот на банките, штедилниците и другите финансиски институции како од аспект на важноста на банкарскиот систем за економијата и стопанството така и од аспект на заштита на интересите на оние кои по разни основи депонираат средства во банките односно штедилниците има посебен третман и е регулиран со Законот за Народна банка на Република Македонија и со Законот за банките и штедилниците.

Банките, штедилниците и другите финансиски институции во голема мера се разликуваат од акционерските друштва во класична смисла. Имено, акционерскиот капитал во банките и штедилниците во однос на вкупниот капитал на банките и штедилниците е во незначителен сооднос со останатите извори на средства со кои банките и штедилниците располагаат. Оттука и акционерите, преку свои претставници управуваат со значително поголем капитал од оној кој го вложиле за разлика од другите комитенти на банката (штедачи, депозитори и кредитори) кои не управуваат со банката. Од овие причини законодавецот се одлучил за ограничување на учеството во капиталот на банката кое дава право на управување и одлучување. При тоа, ограничувањето на учеството на поединечен основач кое не може да биде поголемо од 20% од основачкиот капитал на банката во паричен облик со право на управување со банката, не значи дека со тоа се одзема или се намалува сопственоста на вложениот капитал и правата кои произлегуваат од неа. Имено, сопствениците на вложениот капитал ги имаат сите права кои произлегуваат од сопственоста и можат да располагаат со нив неограничено по свој избор, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 8 став 1 со наведените одредби од Уставот.

7. Во однос на членот 8-а став 2 од Законот, Судот имајќи ја предвид спецификата и значењето на банкарскиот систем, оценил дека банкарското работење мора да се одвива по строго определени правила на работење. При тоа уште во фазата на основање се утврдени критериумите што се неопходни да ги исполни една банка или штедилница за да добие дозвола за работа, така што и понатаму во натамошното работење е неопходно да се врши строга контрола над нивната работа. Неможе да се очекува дека еднаш основана банка, штедилница или друга финансиска институција може да работи без контрола од страна на Народна банка како орган на државата кој е одговорен за обезбедување и одржување сигурен и стабилен банкарски систем. Оттука секоја промена на сопственичката структура на акциите со право на управување со банката мора да подлежи на согласност на Народна банка, за да не се случи отпосле да се наруши законското ограничување на правото на учество во капиталот на банката со право на управување.

Ставовите 3 и 4 на членот 8-а, всушност ги уредуваат последиците од непочитувањето на ставот 2 од истиот член. Имено без согласност на Народната банка за промена на сопственичката структруа на акциите со право на управување, банката не може да изврши промена на сопственичката структура во акционерската книга на банката односно во регистарската влошка на надлежниот суд. И понатаму, доколку таква измена сепак е извршена, таа ќе се смета за ништовна.

Оттука, со оглед на тоа што е неспорно дека Народната банка треба да дава согласност за промена на сопственичката структура на акциите со право на управување со банката, произлегува дека неприбавувањето на оваа согласност повлекува одредени последици, поради што, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 8-а став 3 и 4 од Законот со одредбите на Уставот.

8. Во врска со барањето за изрекување времена мерка, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд со оглед на тоа што пред него не се постави прашањето за согласноста на член 8 став 1 и член 8-а став 3 и 4 од Законот со Уставот.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.168/99
6 октомври 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков