47/1999-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.72/90), на седницата одржана на 6 октомври 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување тарифен систем за превоз во градскиот и меѓуопштинскиот (приградски) превоз на патници (“Службен гласник на град Скопје” бр.3/99), донесена од Советот на град Скопје под бр.09-262/1 од 15 февруари 1999 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.47/99 од 14 јули 1999 година поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/95 и 29/98).
4. Во одговорот на наводите содржани во решението за поведување постапка доносителот на актот (Советот на градот Скопје) начелно се согласува со ставот на Судот во однос на суштината на поимот “тарифен систем”, но го оспорува сфаќањето односно мислењето на Судот дека со осп орената одлука, меѓу другото, се утврдува и цената, односно тарифата на услугите во градскиот и приградскиот превоз. Имено, тоа што за Судот претставувало цена на услугите, за градот Скопје всушност било вредноста на зоната, како елемент на тарифниот систем, и дека така утврдената вредност на зоната од членот 5 на Одлуката им овозможувала на превозниците да ја утврдат (дефинираат) поединечната цена на пре воз во рамките на една зона или од една во друга или трета зона, а во овој контекст била и одредбата на член 7 од оспорената одлука. Очигледно е дека ваквото различно мислење произлегува од различното читање односно толкување на одредбите на член 4, а особено на член 5 од оспорената одлука.
5. На седницата Судот утврди дека основ за донесување на оспорената одлука е член 18 став 1 точка 15 од Статутот на град Скопје, член 6 став 1 точка 15 од Законот за градот Скопје и член 33 став 1 алинеја 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај.
Според член 1 од Одлуката, со неа се утврдува тарифниот систем за превоз во градскиот и меѓуопштинскиот (приградски) превоз на патници, а особено се утврдуваат зоните и тарифата за секоја зона.
Во член 2 е утврдено дека на подрачјето на градот Скопје и општините на чие подрачје се врши превоз на патници согласно Одлуката за условите за вршење на линискиот градски и приградски превоз на подрачјето на Град Скопје (” Службен гласник на Град Скопје” бр.9/91, 4/93, 8/94 и 6/96), се утврдуваат три зони за наплата на услугата за извршен превоз на патници и тоа:
И ЗОНА ги опфаќа сите утврдени линии во градскиот превоз и деловите на трасите на сите линии во приградскиот (меѓуопштински) превоз од терминалите на локациите Гранд хотел и Транспортниот центар Скопје до автобуските стојалишта кои ги означуваат границите на првата зона.
ИИ ЗОНА ги опфаќа деловите на трасите на сите утврдени линии во приградскиот (меѓуопштински) превоз од автобуските стојалишта кои ги означуваат границите на првата зона до автобуските стојалишта кои ги означуваат границите на втората зона.
ИИИ ЗОНА ги опфаќа деловите на трасите на сите утврдени линии во приградскиот (меѓуопштински) превоз од автобуските стојалишта кои ги означуваат границите на втората зона до крајот на утврдената линија.
Во член 3 се утврдени автобуските стојалишта кои ги означуваат границите на секоја од трите зони поодделно, а во членот 4 се утврдени тарифните броеви и тоа тарифен број 1 = 15 денари, тарифен број 2 = 25 денари и тарифен број 3 = 35 денари.
Во членот 5 став 1 од Одлуката е утврдено дека за извршени услуги во превозот на сите линии во рамките на И ЗОНА, како и за превоз на релација само во рамките на една иста зона (само во ИИ ЗОНА или само во ИИИ ЗОНА), се наплатува единствена цена по Тарифен број 1. Според ставот 2 од истиот член, за извршени услуги во превозот на релација која преминуа во две зони се наплатува по Тарифен број 2, а според ставот 3 исто така од истиот член, за извршени услуги во превозот на релација која преминува во трите зони се наплатува по Тарифен број 3.
Според членот 6 став 1 од Одлуката превозот на патници може да се врши само врз основа на билет на кој е означена цената на услугата за соодветната зона и бројот на зони во кои патува корисникот на услугата. Според ставот 2 од овој член, за непочитување на одредбата од претходниот став по вина на превозникот, на превозникот ќе му се одземе правото на одржување на соодветната линија, а според ставот 3 за непочитување на одредбата од став 1 на овој член од страна на корисниците на услугите, надлежната контрола на превозникот ќе го задолжи корисникот да плати билет чија вредност е 10 пати поголема од пропишаната за соодветната релација.
Во членот 7 од Одлуката е утврдена обврската на превозниците во рок од 3 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука, на Градскиот комитет за урбанизам, комунално-станбени работи, сообраќај и заштита на човековата околина да му поднесат ценовник за услугите на превозот на секоја линија одделно, кој што орган исто така, согласно член 9 од Одлуката е задолжен за спроведувањето на оваа одлука.
6. Според член 115 и член 117 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа односно во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, односно од значење за градот Скопје од повеќе области утврдени со Уставот и со закон, а меѓу прашањата утврдени со Уставот се и оние од областа на комуналните дејности.
Во член 17 став 1 точка 12 од Законот за локалната самоуправа во самостојна надлежност на општините како единици на локалната самоуправа е утврдено уредувањето на начинот на превоз во градскиот, приградскиот, односно локалниот сообраќај во согласност со закон, со тоа што според ставот 2 на овој член работите од ставот 1, значи и работите утврдени во став 1 точка 17, ги вршат и единиците на локалната самоуправа на подрачјето на градот Скопје, освен оние што се во надлежност на градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа утврдени со Законот за градот Скопје.
Според членот 6 став 1 точка 15 од Законот за градот Скопје, врз чија основа е донесена и оспорената одлука, Градот Скопје самостојно го уредува начинот на превоз во градскиот и меѓуопштинскиот сообраќај во согласност со закон.
Според Законот за комуналните дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/97), јавниот градски и приградски превоз, под што се подразбира превоз на патници на линии во градови и други населени места, освен превозот со железница, е комунална дејност чие вршење е од јавен интерес (член 2 и 3 став 1 точка 5). Посебните услови и начинот на вршење на оваа дејност согласно член 6 од овој закон се уредуваат со закон па во таа смисла наведените прашања се уредени со Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/95 и 29/98). Според член 2 точка 20 од овој закон “приградски превоз” е линиски превоз што се врши на подрачјето на градот и неговата околина и е наменет за дневна миграција меѓу град и населби што гравитираат кон него и претставува целина, а според точката 21 од истиот член “градски превоз” е линиски превоз што се врши на линии на урбанизираното подрачје на градот.
Во член 33 од Законот е утврдено дека општината, односно градот Скопје го уредува превозот во градскиот и приградскиот сообраќај, при што особено ги уредуваат прашањата што се таксативно наброени во самиот овој член, а меѓу тие прашања е и утврдувањето на тарифниот систем и системот на наплата.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека градот Скопје е овластен да го уредува градскиот, и приградскиот превоз, а во тие рамки да го утврдува и тарифниот систем.
Меѓутоа, пред Судот се постави прашањето дали наведените прашања во оспорената одлука се уредени во согласност со Уставот и Законот за превоз во патниот сообраќај, односно дали со на чинот на нивното уредување Советот на градот Скопје не ги надминал своите овластувања во тој поглед. Во тој контекст како најважно се постави прашањето дали законското овластување на градот Скопје да го утврдува тарифниот систем и системот на наплата за превоз во градскиот и приградскиот сообраќај во себе го содржи и правото на градот Скопје да ја определува и поединечната цена на услугите на јавното сообраќајно претпријатие, што градот го основало за вршење на оваа дејност, како и на другите превозници ( приватни) што го вршат овој вид на превоз, имајќи предвид дека во оспорената одлука меѓу другото е утврдена и единствена цена на услугите за секој патник, во зависност од зоната во која се врши превозот, односно услугата.
Во одговор на поставеното прашање Судот најпрво тргна од самата формулација на одредбата на член 33 став 1 алинеја 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај што претставува еден од основите за донесување на оспорената одлука. Притоа, од формулацијата на наведената законска одредба произлегува дека таа зборува за утврдување на тарифен систем, а не за утврдување на тарифа на услугите, така што според јазичното толкување на оваа одредба тоа би значело дека во конкретниот случај не се работи за овластување на општината, односно градот Скопје директно да ја утврдува тарифата, односно цената на овие услуги, какво што овластување им е утврдено во однос на авто-такси превозот (член 44 став 2 од Законот), туку да го утврди само тарифниот систем, односно начинот (системот) на утврдување на цените, кој што ќе е единствен за сите превозн ици во градскиот и приградскиот превоз. Имајќи предвид дека и самиот закон за одделните овластувања на општините и Градот Скопје употребува два различни термина – тарифен систем и тарифа, произлегува дека и намерата на самиот законодавец преку овие различни термини, односно норми, била да обезбеди и различна цел односно интерес во овие два вида на јавен превоз.
Од друга страна, ваквото толкување на смислата и суштината на наведената законска одредба произлегува и од самото значење кое терминот ” тарифен систем” го има во научна, односно теориска смисла. Имено, и од научен, односно теориски аспект утврдувањето на тарифен систем претпоставува утврудвање на критериуми и елементи за определување на тарифата на услугите во јавниот градски и приградски сообраќај, односно со тарифниот систем треба да се утврдат основи и рамки во кои треба да се вклопат сите превозници при утврдување на поединечната цена на услугите што тие ги пружаат.
При тоа, според науката и теоријата, а и од практиката на земјите со развиено пазарно стопанство, кон какво стопанство се стреми и нашата држава, конкуренцијата на субјектите во јавниот сектор се ограничува со неколку методи, односно типа на интервенции и мерки од страна на државата, а со оглед дека се работи за субјекти односно претпријатија кои ги задоволуваат потребите на граѓаните, потрошувачи и корисници на нивните стоки и услуги, кои се од јавен интерес, кој што пак претставува и основа, а истовремено и нужност, државата да регулира и одделни сегменти од работењето н а претпријатијата што вршат јавноуслужни дејности, без оглед дали се тие државни, односно локални или приватни. Така, еден од облиците на државната регулација во овие области на стопанството е и ценовната регулација која теоретски може да е директна, со конкретно утврдување на цените (тарифите) на услугите од страна на државата или индиректна, со утврдување на критериуми и елементи, врз основа на кои овие претпријатија ќе ја утврдуваат цената на своите услуги, а за какво решение се определил и нашиот законодавец во конкретниот случај. Ова се со цел да се сугерира некое ниво на цени кои, покрај другото ќе се достапни за граѓаните и на тој начин тие да се заштитат од превисоките цени кои можат да ги репродуцираат пазарните законитости во услови на слободно пазарно стопанство, доколку државата, со вакви или слични мерки не интервенира.
Од содржината на членот 4, а поконкретно на член 5 од оспорената одлука, според мислењето на Судот јасно произлегува дека во конкретниот случај станува збор за утврдување на цена на извршени услуги на превозот, а не за вредност на зоните, како што смета доносителот на оваа одлука. Исто така, според мислењето на Судот членот 5 од Одлуката не остава простор поединечните цени на услугите да бидат различно утврдени од страна на превозниците, со ценовникот што тие согласно член 7 од Одлуката се должни да го поднесат во определениот рок, бидејќи во овој член станува збор за ценовник на превозот на секоја линија одделно, што е различно од поединечна цена на услуга по патник, која што па к во член 5 од Одлуката е утврдена за сите линии во градскиот и приградскиот сообраќај во зависност од тоа дали релацијата на превозот е во една зона или поминува низ две зони или низ сите три зони, утврдени во членот 2 од Одлуката.
7. Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека со утврдување на цените на извршените услуги кои се наплатуваат во градскиот и приградскиот превоз во оспорената одлука, градот Скопје отстапил, односно го надминал законското овластување од членот 33 став 1 алинеја 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај, поради што оцени дека оспорената одлука не е во согласност со наведениот член од Законот и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.47/99)