146/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 октомври 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 233, 240, 301 и 303 ставовите 1 до 4 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/98).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 99 и член 303 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Панче Докузов од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 99, 233, 240, 301 и 303 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби се утврдувала можност парничниот суд да ги казнува учесниците во парничната постапка доколку констатира дека со поднесокот, односно во текот на постапката го навредуваат судот или другите учесници во постапката и не им се покоруваат на наредбите на претседтелот на советот за одржување на редот. Таквата можност во услови кога жалбата против решението за паричната казна или за отстранување од судницата не го задржувала извршувањето на решението, ги доведувала во привилегиран статус претседателот на судот (советот), за разлика од другите учесници во постапката кои се наоѓале во подредена положба, што не било во согласност со членовите 8, 9, 12, 13 и 15 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 99 став 1 од Законот, со парична казна до четири просечни плати во Републиката исплатени во последниот месец парничниот суд ќе го казни лицето кое во поднесокот го навредува судот, странката или друг учесник во постапката, според ставот 2 од овој член, изречената казна според ставот 1 од овој член не влијае врз изрекувањето на казната за кривично дело, според ставот 3 од овој член, ако лицето кое парично е казнето не може да ја плати оваа казна, таа ќе се замени со затвор, чие траење го одмерува судот сразмерно на висината на изречената казна, но кое не може да биде подолго од десет дена, а според ставот 4 од овој член на Законот одредбата на ставот 3 од овој член ќе се примени во сите случаи кога судот изрекува парична казна (членовите 233, 240, 301 и 303).

Согласно член 233 став 1 од Законот, ако сведокот кој е уредно повикан не дојде, а изостанокот не го оправда или без одобрение или оправдана причина се оддалечи од местото каде што треба да биде сослушан, судот може да нареди присилно да се доведе и да ги поднесе трошоците за доведувањето, а може и да го казни со парична казна до четири просечни плати во Републиката исплатени во последниот месец. Според став 2 од овој член, ако сведокот дојде и откако е предупреден за последиците ќе одбие да сведочи или да даде одговор на одделно прашање а судот ќе оцени дека причините за одбивањето се неоправдани, може да го казни со парична казна до четири просечни плати во Републиката исплатени во последниот месец, а ако и потоа одбие да сведочи може да го затвори. Затворот трае се додека сведокот не се согласи да сведочи или додека неговото сослушување не стане непотребно, но најдолго еден месец. Жалбата против решението за паричната казна или за затвор, според ставот 3 од овој член, не го задржува извршувањето на решението, освен ако во таа жалба се побива и одлуката на судот со која не се усвоени причините на сведокот за одбивање да сведочи или да даде одговор на одделно прашање. Според ставот 4 од овој член, судот на барање од странката ќе одлучи дека сведокот е должен да ги надомести трошоците што ги предизвикал со својот неоправдан изостанок, односно со неоправданото одбивање да сведочи, според ставот 5 од овој член, ако сведокот дополнително го оправда својот изостанок, судот ќе го отповика своето решение за казната, а може сосема или делумно да го ослободи сведокот од надомест на трошоците. Судот може да го отповика своето решение за казната и кога сведокот дополнително ќе се согласи да сведочи. Според став 6 од овој член на Законот, воените лица и вработените во полицијата не може да се затворат, но за нивното одбивање да сведочат ќе се извести нивната команда заради казнување. Ако е потребно овие лица заради сведочење присилно да се доведат, судот ќе се обрати до нивниот старешина кој ќе нареди нивно приведување во судот.

Според член 240 став 1 од Законот, судот може да го казни со парична казна до четири просечни плати во Републиката исплатени во последниот месец вештакот кој нема да дојде на рочиште иако е уредно повикан, а изостанокот нема да го оправда, како и вештакот кој без оправдана причина ќе одбие да врши вештачење. Решението за казна, според ставот 2 од овој член, судот може да го отповика под условите од членот 233 став 5 од овој закон, а според став 3 од овој член на Законот, на барање од странката судот може со решение да му наложи на вештакот да ги надомести трошоците што ги предизвикал со своето неоправдано недоаѓање или со неоправданото одбивање да врши вештачење.

Судот во текот на постапката, согласно член 301 од Законот, може со парична казна до четири просечни плати во Републиката исплатени во последниот месец да ја казни странката, законскиот застапник, полномошникот или замешувачот, што со своите парнични дејства потешко ги злоупотребиле правата признаени со овој закон.

Според член 303 став 1 од Законот, ако лицето кое учествува во постапката или лицето кое како слушател присуствува на расправата го навредува судот или другите учесници во постапката, ја попречува работата или не им се покорува на наредбите од претседателот на советот за одржување на редот, претседателот на советот ќе го опомене. Ако опомената е безуспешна, советот може опоменатото лице да го отстрани од судницата или да го казни со парична казна до четири просечни плати во Републиката исплатени во последниот месец, а може и да го отстрани и да го казни со парична казна. Согласно ставовите 2 и 3 од овој член, ако странката е отстранета од судницата, рочиштето ќе се одржи и без нејзино присуство, а ако од судницата биде отстранет полномошникот, советот на барање од странката ќе го одложи рочиштето, а ако странката не присуствувала на рочиштето, советот секогаш ќе го одложи рочиштето и ќе ја извести странката дека нејзиниот полномошник е отстранет од рочиштето поради нарушување на редот. Трошоците на одложеното рочиште паѓаат на товар на полномошникот. Според ставот 4 од овој член, кога судот ќе казни со парична казна или ќе отстрани од судница адвокат или адвокатски приправник како полномошник, за тоа ќе ја извести адвокатската комора, а според ставот 5 од овој член на Законот, жалбата против решението за паричната казна или за отстранувањето од судницата не го задржува извршувањето на решението.

5. Според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 12 став 1 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена, а според ставот 2 на овој член од Уставот, никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според ставот 2 на овој член од Уставот, лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон.

Со член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од Законот и причините за нивното оспорување наведени во иницијативата, произлегува дека Уставот јасно ги одредил границите на слободите и правата на човекот и граѓанинот, дека со Законот за парничната постапка се утврдени правилата за однесување, како на судот пред кој се води постапката, така и на сите учесници во постапката. Исто така, може да се констатира дека во парничната постапка, како впрочем и во другите постапки, судот односно органот што ја води постапката, за да го обезбеди нејзиното законито и успешно водење е овластен да презема и изрекува мерки и дејствија спрема страните во спорот и другите учесници во постапката. Во таа смисла, паричната казна и другите мерки што судот ги презема спрема учесниците во парничната постапка доколку констатира дека со поднесокот, односно во текот на постапката го навредуваат судот или другите учесници во постапката и не им се покоруваат на наредбите на претседателот на советот за одржување на редот, се всушност дисциплински мерки спрема учесниците во постапката со кои се овозможува парничната постапка да се води според правилата пропишани во Законот, обезбедувајќи ја на тој начин и еднаквата заштита на слободите и правата на граѓаните пред судот. Притоа, автономната природа на дисциплинското казнување за нарушување на редот во постапката има свој законски основ и свој засебен објект на дејствување и објект на заштита, независно од судското одлучување по главната парнична работа.

Понатаму, судот како орган што ја води парничната постапка, согласно неговата уставна положба на самостојност и независност, суди врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот и тој не е странка во спорот, поради што не може да се прифати приговорот за негова повластена положба во однос на другите учесници во постапката, односно за подредена (дискриминаторска) положба на учесниците во постапката во однос на судот, односно претседателот на советот, ниту, пак, за нарушување на принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Врз основа на наведеното, според мислењето на Судот, со оспорените одредби не се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок, ниту, пак, уставните принципи за еднаквоста, неприкосновеноста на слободата на човекот и презумцијата за невиност, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на членовите 233, 240, 301 и 303 ставовите 1 до 4 од Законот за парничната постапка со членовите 8, 9, 12 и 13 од Уставот.

Во однос на делот на иницијативата дека оспорените одредби од Законот уредувале жалбата против решението за паричната казна или за отстранување од судницата да не го задржува извршувањето на решението, со што се повредувало правото на жалба, Уставниот суд веќе се има произнесено постапувајќи по предметот У.бр.150/98, во кој ја оценувал уставноста на повеќе одредби од Законот за парничната постапка, меѓу кои и на член 99 и 303 став 5 од Законот. Притоа, Судот со Решение У.бр.150/98 од 16 декември 1998 година, не повел постапка бидејќи оценил дека тие одредби се однесуваат на управувањето и раководењето на постапката, дека со нив не се одлучува за главното барање, дека со овој вид решенија не се исклучува правото на жалба, туку дека судот односно претседателот на советот ги презема дејствијата и ги наложува мерките со кои се создаваат услови за законито водење на парничната постапка.

Со оглед на тоа што Судот за истата работа веќе одлучувал, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ја отфрли иницијативата во овој дел.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.146/99
6 октомври 1999 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков