Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 октомври 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на ставката “месечна претплата за телефонски приклучок” во сметките за телефонски услуги.
2. Петар Бошковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на ставката ” ;месечна претплата за телефонски приклучок” во сметката за телефонски услуги. Според наводите во иницијативата наплатата на определен износ на име “претплата за телефонски приклучок” секој месец однапред, без оглед дали корисникот го користел или не телефонот, покрај износот за импулсите што ги потрошил, е неосновано и спротивно на Законот за облигационите односи и се должи на монополското однесување на АД “Македонски телекомуникации” на пазарот.
3. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Разгледуваји ја иницијативата Судот утврди дека во конкретниот случај не се оспорува актот односно прописот врз основа на кој се наплатува месечната претплата за телефонски приклучок, но се оспорува истоимената ставка од сметката за телефонски услуги.
Со оглед дека сметката за телефонски услуги нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по иницијативата, поради што согласно член 28 од Деловникот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 88/99)