104/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 октомври 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 од Законот за јавните собири (“Службен весник на РМ” бр.55/95).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 8 од законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот бил несогласен со Уставот на Република Македонија затоа што им давал право на странците да можат да свикуваат јавен собир, додека според Уставот тоа право било предвидено само за граѓаните на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 8 од Законот за јавните собири странците можат да свикуваат и одржуваат јавен собир под услов да го пријават и добијат одобрение за одржување на јавниот собир од Министерството за внатрешни работи.

Согласно член 29 став 1 од Уставот на Република Македонија странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Од оваа уставна одредба произлегува дека на странците им се дава можност за свикување на јавен собир како и на граѓаните на Република Македонија со тоа што упатува условите за свикувањето на собирот да се утврдат со закон и меѓународни договори.

Во таа смисла Законот во оспорениот член 8 ги предвидел условите под кои странците можат да свикуваат и одржуваат јавен собир: 1. да го пријават собирот и 2. да добијат одобрение за негово одржување од Министерството за внатрешни работи.

Од оваа уставна одредба, исто така, произлегува дека Уставот не се впушта во набројување на правата и слободите на странските државјани, ниту ги предвидува случаите на нивно ограничување (како што тоа го прави за граѓаните на Република Македонија), туку предвидува овие права и слободи да ја добијат својата физиономија и содржина преку закон и меѓународни договори.

За разлика од оваа одредба, одредбата од членот 3 од Законот, за организаторот на јавниот собир на кој учествуваат граѓаните на Република Македонија, предвидува можност, заради интересите на безбедноста, да го извести Министерството за внатрешни работи.

Од наведените одредби се гледа дека Законот на организатрот на јавниот собир, на кој учествуваат граѓаните на Република Македонија, му дава можност самиот да одлучи дали, заради безбедносни причини, ќе го извести Министерството за внатрешни работи, додека за организаторот на јавниот собир на кој учествуваат странските државјани, свикувањето на јавниот собир е условено со негово пријавување и со добивање одобрение за негово одржување од Министерството за внатрешени работи.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека законодавецот раководен од одредбата од членот 29 од Уставот, со член 8 од Законот за јавните собири ги определил условите под кои странците можат да свикуваат и одржуваат јавни собири, поради што не може да се постави прашањето за неговата уставност.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.104/99)