Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 71 и член 78 став 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 29 септември 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување на Одлуката за именување претседател, членови на Државната изборна комисија, секретар и нивни заменици, донесена од Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/99).
2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Никола Кондарко, адвокат и Миодраг Стевановиќ, двајцата од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение затоа што со неа е извршена замена на претседателот и членовите на Државната изборна комисија од редот на судиите, што не било во согласност со член 32 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија во кој на постојните членови – судии им се гарантира вршењето на таа функција до истекот на мандатот за кој се именувани.
Истовремено се бара Судот да го запре извршувањето и примената на оспорената одлука, до конечната одлука на Судот.
4. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука претставува поединечен акт за именување на одредени лица за извршување на функцијата претседател односно член и нивни заменици во Државната изборна комисија, а не пропис или друг вид на општ акт со кој на општ нормативен начин би се утврдувале правила на однесување или определени односи.
Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите, како и да врши други работи утврдени во тој член од Уставот, но не и да ја оценува уставноста и законитоста на поединечните акти, независно од тоа кој ги донесува.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува законитоста на оспорената одлука, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение. Во согласност со тоа, барањето на подносителите на иницијативата да се запре извршувањето на оспорената одлука е безпредметно.
5. Независно од процесните пречки да одлучува за законитоста на оспорената одлука, Уставниот суд на Република Македонија, во согласност со својата уставна положба на орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, разгледувајќи ја оспорената одлука оцени дека таа има сериозни импликации на конзистентното остварување на уставноста и законитоста, односно на принципите на правната држава и владеењето на правото во Република Македонија. Според мислењето на Судот оспорената одлука не е во согласност со член 32 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за избор на пратенициво Собранието на Република Македонија затоа што со неа се врши замена на постојните членови на Државната изборна комисија од редот на судиите, што со означениот член од Законот правно е недопуштено. Околноста што оспорената одлука е донесена од Собранието на Република Македонија, односно од истиот орган што го донесува и законот засегнува во темелот на принципот на правната држава, имено, дека власта е обврзана со правото што самата го пропишува, како и во принципот на владеењето на правото според кој секој е должен да ги почитува Уставот и законите кои важат еднакво за секого, а што се обезбедува преку судството. Тоа што во конкретниот случај и во овој момент не може да се воспостави уставно-судска контрола на овој вид акти на Собранието на Република Македонија како еден од најефикасните инструменти на контрола на правните акти на јавната власт, не навлегувајќи во прашањето за надлежноста на редовните судови, не е причина Уставниот суд да го негира постоењето на овој темелен уставно-правен проблем што се отвора по повод на оспорената одлука.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.171/99
29 септември 1999 година
С к о п ј е
лк.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков