50/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/96) во делот означен како член 19-а.

2. Ѓорѓи Божаровски и Павел Стевановски од Скопје и Ванчо Павлов од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поденесоа иницијатива за оценување уставноста на членот 5 од законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата: оспорената одредба од Законот регулирала прашања од работни односи, поради што не требала да биде содржана во овој закон, туку во соодветен закон од дејноста на работните односи; нејзината формулација давала можност за манипулирање со работниците при давањето отказ по овој основ, односно се користела за класична пресметка со кадрите од банкарскиот еснаф, кои имале долгогодишно работно искуство во оваа област и одлично го познавале банкарското работење; превработеноста во Стопанската банка, која работодавецот ја користел како образложение не резултирала од објективните услови на работење, туку од субјективните слабости на раководниот тим и лошо водената кадровска политика; додека една група работници се отпуштала, како технолошки вишок, во Банката се вршел масовен прием на нови работници; оспорената одредба имала политички, а не уставноправен основ, па претставувала покритие за лични пресметки со кадрите од банкарскиот еснаф, поради што била несогласна со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот дел од законската одредба бил предмет на оценување од аспект на неговата согласност со уставното начело на еднаквост (У.бр.102/96, У.бр.250/96 и У.бр.64/97), при што е одлучено да не се поведе постапка затоа што правата на вработените се уредуваат со закон (член 32 став 5 од Уставот) и што оспорената одредба е донесена во специфични услови, односно санација и реорганизација на Стопанска банка – АД Скопје, по што конкретната ситуација се разликува од другите ситуации, па предвидувањето на поинаков, специфичен рок и критериум за престанок на работниот однос на работниците – технолошки вишок во банката не може да се смета какок нееднаквост на тие работници во однос на работниците кај другите работодавци.

Со оглед на тоа што оспорениот дел од законската одредба бил предмет на оценување од наведениот аспект, а не наоѓа основ за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, пропишани во член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Судот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.50/99
29 септември 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков