Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на
а) Член 42 од Законот за данок од добивка (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 33/95, 43/95, 71/96, 5/97 и 28/98);
б). Членовите 91, 92 и 93 од Законот за персонален данок од доход (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 3/94, 70/94, 71/96 и 28/97) и
в). Членот 50 од Законот за данок на промет на производи и услуги (“Службен весник на РМ” бр.34/92, 62/92, 63/92, 3/93, 4/93, 80/93, 42/95, 4/96, 71/96, 5/97, 10/97, 28/97 и 13/98).
2. Претпријатието за книговодствени и правни услуги, трговија на големо и мало “Руди_Комерц” ц.о. Експорт-Импорт од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законите означени под а), б) и в) во точката 1 од ова решение, затоа што го исклучувале суспензивното дејство на жалбата, како правен лек, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека:
а) членот 42 од Законот за данок од добивка предвидува во поглед на жалбената постапка, присилната наплата, каматата, застареноста на обврската за плаќање на данокот од добивка, соодветно да се применуваат одредбитге од Законот за персоналниот данок од доход;
б)
– членот 91 од Законот за персонален данок од доход предвидува против решението на органот за јавни приходи за утврдување на данокот да може да се поднесе жалба до Министерството за финансии во рок од 15 дена од денот на приемот на решението;
Жалбата се поднесува на органот за јавни приходи кој го донел решението.
– членот 92 од овој закон го задолжува органот за јавни приходи, кој го донел решението, жалбата со сите списи да ја достави до Министерството за финансии, најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата. Жалбата не ја одлага наплатата на утврдениот данок доколку со овој закон не е определено поинаку, а органот за јавни приходи што го донел решението може во оправдани случаи да ја одложи наплатата на данокот, до донесување на решение по жалбата, за што е должен да го извести Министерството за финансии;
в)
– согласно членот 50 од Законот за данок на промет против решението на органот за јавни приходи за утврдување на данокот на промет на производи и услуги може да се поднесе жалба до Министерството за финансии во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, а жалбата се поднесува преку органот за јавни приходи кој го донел решението. Жалбата не ја одлага наплатата на утврдениот данок, а против решението за утврдување на даночната обврска и за наплата на данокот на промет што го донесува царинскиот орган, жалбата се поднесува според царинските прописи.
Имајќи ја предвид содржината на оспорените членови од наведените закони, Судот утврди дека:
– членот 42 од Законот не предвидува забрана на правото на жалба, ниту, пак, го исклучува нејзиното суспензивно дејство, туку упатува жалбената постапка да се спроведува според соодветните одредби на Законот за персоналниот данок од доход, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со член 15 од Уставот на Република Македонија;
– членот 91 од Законот, не ја ускратува можноста за жалба туку, дава таква можност и ја упатува странката во постапката како тоа да го стори, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 91 од Законот со Уставот на Република Македонија;
– членот 92 од Законот содржи одредба од процедурална природа, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија од аспект на повреда на правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред управен орган;
– членот 93 од Законот, на жалбата, како правен лек, условно и го одзема суспензивното дејство, а во оправдани случаи тоа се почитува, при што со императивна норма се задолжува органот, што го донел првостепеното решение, да го извести соодветниот повисок орган,односно Министерството за финансии;
г)
– членот 50 став 1, 2 и 4 од Законот за данок на промет содржат одредби од процедурална природа, односно го определуваат органот каде се поднесува жалбата и рокот за нејзино поднесување, односно го посочуваат органот преку кој се поднесува жалбата и прописите според кои ќе се води второстепената постапка.
Според ставот 3 на член 50 од овој закон жалбата, како правен лек, е дозволена но, истата нема суспензивно дејство, односно не ја одлага наплатата на данокот.
4. Под суспензивно дејство на правните лекови се подразбира спречување на настанување на правосилноста, односно извршувањето на актот против кој е вложен правен лек.
Во управната постапка кога субјектот бара од надлежен орган да ја испита законитоста на одреден акт (решение) користи жалба како правно средство.
Жалбата на решението, по правило, има суспензивно дејство, односно додека тече рокот за жалба, решението не може да се изврши.
Исто така, кога жалбата е прописно изјавена, суспензијата на обжаленото решение трае додека решението што е донесено по жалба не и се достави на странката.
Меѓутоа, од правилото дека изјавената жалба и самиот жалбен рок го спречуваат извршувањето на решението, постојат исклучоци кои се со закон точно определени (член 231 став 2 од Законот за општа управна постапка). Тие исклучоци се однесуваат на случаи кога со посебен закон е пропишано дека жалбата не го задржува извршувањето на решението: ако одлагањето на извршувањето е во јавен интерес, ако со одлагањето на извршувањето, на странката би и се нанела неотстранлива штетна последица и сл.
Со оглед на тоа дека правото на тужба пред редовните судови, против решението на органот на управата, не е ограничено и постои можност Судот да одлучи во полза на странката, Законот не е императивен, во смисла дека решението ќе се извршува и покрај вложената жалба, туку предвидува дека жалбата не го спречува извршувањето на решението, а надлежниот орган ќе одлучи во кои случаи извршувањето на решението ќе го спроведе, а во кои ќе го одложи, раководејќи се, притоа, од заштитата на јавниот интерес.
Со други зборови, можноста на одлагањето на извршувањето на обжаленото решение, всушност се предвидува кога е во прашање јавниот интерес.
Според оценката на Судот, тие оправдани случаи се предвидени во член 91 став 2 од Законот за персонален данок од доход, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за неговата уставност.
Во однос на членот 50 од Законот за данок на промет, Судот оцени дека станува збор за исплата на данок кој влегува во буџетските средства на државата, односно станува збор за заштита на јавниот интерес, што му дава можност на законодавецот, штитејќи го тој јавен интерес да и го одземе суспензивното дејство на жалбата како правен лек.
Од изнесеното произлегува дека оспорените членови од наведените закони содржат одредби со кои не се забранува правото на жалба против поединечен правен акт донесен во постапка во прв степен пред управен орган и дека пооделни нивни одредби, кога е во прашање јавниот интерес, го дозволуваат правото на жалба против првостепениот акт, но на истата и го одземаат суспензивното дејство.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека во ниту една одредба не се доведува во прашање правото на жалба, а одземањето на нејзиното суспензивно дејство, кога е во прашање јавен интерес, не значи повреда на со Устав загарантираното право
на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.96/99
29.09.1999 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков