130/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Крушево за учество во работа на Советот, донесена од Советот на општина Крушево на 31 март 1999 година.

2. Никола Стојчески од Крушево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што според член 37 и 44 од Законот за локалната самоуправа точно е пропишано во кои случаи се исплаќа надоместок на членовите на советот, а градоначалникот не укажал на советот.

3. На седницата Судот утврди дека оспорената Одлука е донесена врз основа на член 37 од Законот за локалната самоуправа и со неа е утврден надоместок на членовите на Советот на општината за учество во работа на Советот во висина од 2000 денари по член на Советот на одржана седница.

Надоместокот на советниците ќе се исплаќа на советниците кои ќе присуствуваат на седница на Советот.

4. Имајќи ги предвид одредбите на член 114 став 4 и 115 став 2 од Уставот на Република Македонија општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и од средства на Републиката, при што општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со закон, а надзор над законитоста на нејзиното работење го врши Републиката.

5. Според член 37 од Законот за локалната самоуправа членовите на советот имаат право на надоместок на патни и дневни трошоци во со закон утврдени рамки како и на трошоци направени во извршувањето на задачите што им ги доверил советот.

Од изнесените уставни одредби како и од член 37 од Законот за локалната самоуправа произлегува дека општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со закон и таа се финансира од сопствени извори на приходи и од средства на Републиката при што со членот 37 на членовите на советот им се гарантира правото на надоместок на патни и дневни трошоци како и трошоци направени во извршувањето на задачите.

Според тоа Судот смета дека право е на советот на единициата на локалната самоуправа да донесе одлука за исплатување на одреден надоместок на советниците за ангажирање во работата на советот, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и законот.

6. Со оглед на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.130/99
22 септември 1999 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков