81/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 11 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за насоченото образование (“Службен весник на СРМ” бр.16/85, 2/86, 29/86, 7/88, 18/89, 29/89, 12/90, 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.14/95).

2. Панче Докузов од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што тој бил донесен во уставен поредок битно различен од постојниот и се темелел на вредности (социјалистичко самоуправување и концепт на насочено образование) кои во суштина биле во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, што не било во согласност со членовите 1, 8, 44, 45, 46 и 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за насоченото образование се уредуваат прашањата за: системот и организацијата на насоченото образование и воспитание; нострификацијата на дипломите и свидетелствата стекнати во странство; самоуправните општествено-економски односи; обврската и начелата за основање на самоуправните интересни заедници; самоуправно организирање и остварување на самоуправувањето во организациите на здружениот труд за насочено образование и воспитание и надзорот над нивната работа.

Со општите одредби (чл. 1 до 13 од Законот), насоченото образование се дефинира како општествена самоуправно организирана дејност во единствениот систем на воспитувањето и образованието и се засновува врз развојот на социјалистичкото самоуправно општество, придобивките на современата наука и култура и посебно врз марксизмот како основа на научниот социјализам и дека е тоа составен дел на единствениот систем на здружениот труд и битен фактор на општествената репродукција во развојот на производствените сили, задоволувањето на образовните и кадровските потреби на здружениот труд и на општеството во целина, ослободувањето на трудот и човекот, како и во сестраниот развој на личноста и напредокот на социјалистичкото самоуправно општество. Понатаму, се определува општествената улога и целта на насоченото образование (самоуправувањето, социјализмот, марксизмот, југословенскиот патриотизам, братството и единството итн.). Со слични идеолошки премиси се најголемиот дел од одредбите од оваа глава.

Со одредбите за системот и организацијата на насоченото образование (чл. 14 до 168 од Законот) се уредуваат прашањата за: содржината и формите на воспитно образовната дејност; образование на учениците со пречки во психофизичкиот развој; оценување и напредување на учениците и студентите; организација на работата во организациите за насочено образование; ученици и студенти; ученички и студентски стандард; учебници за насоченото образование; педагошка евиденција и документација и работници во насоченото образование. Голем дел од одредбите во оваа глава уредуваат прашања со стандарден карактер од режимот на студиите и учесниците во овој процес. Во дел од нив (членовите 14, 18, 22 став 3, 25, 28, 29 став 1, 31, 32, 86, 87, 99 став 1, 100, 116 став 3, 119, 120 став 3, 141 став 2 и 153 од Законот), насоченото образование како систем се става во функција на здружениот труд и се предвидуваат права и обврски за органи, организации и заедници кои веќе не постојат во системот.

Со одредбите за нострификација на дипломи и свидетелства стекнати во странство (чл. 169 до 181 од Законот) на општ и вообичаен начин се уредуваат прашањата за нострификацијата, меѓутоа, со дел од нив (член 169, 172, 178 и 179 од Законот) се уредуваат прашања кои имале основ и логика пред распадот на поранешна Југославија, но не и по прогласувањето на независноста на Република Македонија.

Со одредбите за самоуправни општествено-економски односи во насоченото образование (чл. 182 до 204 од Законот) се уредуваат прашањата за самоуправното планирање во насоченото образование, слободната размена на трудот во насоченото образование и самоуправното интересно организирање, при што, самоуправното спогодување и општественото договарање и механизмите на слободната размена на трудот, се основи за задоволување на потребите во образованието.

Со одредбите за самоуправно организирање на здружениот труд (чл. 205 до 237 од Законот) се уредуваат прашањата за организациите за насочено образование, при што, тие се темелат на примена на Законот за здружениот труд кој престана да важи и прашањата за условите за основање и вршење на дејноста на организациите за насочено образование. Високошколските установи се третираат како сфера на здружениот труд и тие се организираат на принципите на самоуправно организирање.

Со одредбите за остварување на самоуправувањето (чл. 238 до 268 од Законот) се уредуваат прашањата од остварувањето на самоуправувањето во високо образовните организации, кои се третираат исклучиво како организации на здружениот труд и за кои важат истите принципи како и за работниците во овие организации. Во таа смисла, се уредува дека работниците во овие организации самостојно одлучуваат за меѓусебните односи на трудот, стекнувањето на доходот и распределбата на средствата за личните доходи и заедничката потрошувачка. Остварувањето на самоуправувањето преку делегатскиот систем, посебниот општествен интерес, самоуправното спогодување и општественото договарање, се основни вредности утврдени со одредбите од оваа глава.

Со одредбите од членовите 269 до 310 од Законот се уредуваат прашањата за надзорот на работата на организациите на насоченото образование и на заедниците на насоченото образование, насоченото образование во вонредни услови и казнените и преодни и завршни одредби.

Судот, исто така, констатира дека одредбите од Законот за насоченото образование што се однесуваат на средното образование, просветната инспекција и ученичкиот и студентскиот стандард, согласно член 123 од Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95), член 27 од Законот за просветната инспекција (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95) и член 72 од Законот за ученички и студентски стандард (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/98), престанале да важат. На овој начин, всушност престанале да важат една третина од одредбите на оспорениот закон.

4. Според член 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Со член 8 став 1 од Уставот се утврдуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 44 од Уставот секој има право на образование, кое е достапно секому под еднакви услови, а основното образование е задолжително и бесплатно. Според член 45 од Уставот, граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образование, освен во основното образование. Според член 46 став 1 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија, а според став 2 од овој член на Уставот, условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.

Со член 51 став 1 од Уставот се утврдува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, а според ставот 2 од овој член, секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од другите крупни промени што настанаа во правниот систем на Републиката што се одразуваат низ Уставот на Република Македонија, а имајќи предвид дека Законот за насоченото образование е донесен во сосема поинакви услови и време (федеративно уредена заедница, самоуправувањето како владеачки однос, концепт на здружен труд и другите вредности на социјалистичкото општество) што е во судир со постојните темелни вредности на уставниот поредок на Републиката и дека образованието воопшто и посебно високото образование се темели на нови вредносни принципи ослободени од идеолошките премиси, понатаму, дека оспорениот закон содржи суштински и терминолошки неусогласности, поради што Судот го постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

При донесувањето на горната оценка Судот го имаше предвид и фактот дека скоро една третина од одредбите на Законот, на вообичаен начин уредуваат стандардна материја и дека тие не се во дирекна спротивност со одредбите на Уставот, кога би се третирале надвор од контекстот на целината на Законот. Меѓутоа, имајќи го предвид фактот дека е напуштен системот на насочено образование, дека Уставот наложува битно поразличен концепт на образованието воопшто и посебно на високото образование, со нагласена компонента на автономија на универзитетот и дека за обезбедување на еден кохерентен систем би била мошне тешка примената на Законот по евентуалното отстранување на неговите одредби што не се во согласност со Уставот, се определи оценувањето на уставноста да ја врши на целината на оспорениот закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.81/99
15 септември 1999 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков