133/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 130 став 3, 139 став 3, 144 став 3, 145 став 4, 146 став 4, 147 став 4, 148 став 2, 150 став 3, 151 став 3, 152 став 3, 153 став 3, 157 став 7, 184 ставовите 1, 4 и 5, 186 став 5, 187 став 4, 235 став 3, 239 став 6, 240 став 2, 241 став 2, 243 став 3, 245 став 3, 246 став 4, 247 став 7, 250 став 3, 251 став 3, 252 став 3, 253 став 3, 263, 286 став 3 и 392 став 4 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/96).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 130 став 3, 139 став 3, 144 став 3, 145 став 4, 146 став 4, 147 став 4, 148 став 2, 150 став 3, 151 став 3, 152 став 3, 153 став 3, 157 став 7, 184 ставовите 1, 4 и 5, 186 став 5, 187 став 4, 235 став 3, 239 став 6, 240 став 2, 241 став 2, 243 став 3, 245 став 3, 246 став 4, 247 став 7, 250 став 3, 251 став 3, 252 став 3, 253 став 3, 263, 286 став 3 и 392 став 4 од Законикот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби се предвидувало гонењето за кривични дела да се презема по приватна тужба или по предлог, а не исклучиво тоа да го врши јавното обвинителство, што не било во согласност со член 106 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорените одредби од Законикот, гонењето за кривичното дело се презема по приватна тужба (членовите 130 став 3, 139 став 3, 144 став 3, 145 став 4, 146 став 4, 147 став 4, 148 став 2, 150 став 3, 151 став 5, 152 став 3, 153 став 3, 157 став 7, 184 ставовите 1 и 5, 186 став 5, 187 став 4, 235 став 3, 241 став 2, 243 став 3, 245 став 3, 247 став 7, 252 став 3, 263); гонењето се презема по предлог (член 184 став 4, 240 став 2, 246 став 4, 250 став 3, 251 став 3, 253 став 3, 286 став 3), и гонењето се презема по приватна тужба или по предлог (член 239 став 6 и член 392 став 4).

4. Според член 106 став 1 од Уставот, јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон предвидени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Гонењето за кривични и други со закон утврдени казниви дела, според мислењето на Судот, се прашања на кривичната постапка и нивното евентуално посериозно оспорување, анализирање и оценување може да биде по повод на одредби од процедуралниот, а не материјалниот закон како што е во конкретниот случај. Имено, Кривичниот законик, одредувајќи ги кривичните дела во посебниот дел, само за одделни кривични дела упатува дека гонењето се презема по приватна тужба или по предлог на оштетениот со кривичното дело. Тоа се такви дела што се однесуваат на личноста на граѓанинот, односно на почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на наговото достоинство и углед, што како вредности се гарантираат со член 25 од Уставот. Анализата укажува на тоа дека гонењето е предоставено да се презема по приватна тужба или по предлог на оштетениот за одделни кривични дела против животот и телото, слободите и правата на човекот и граѓанинот, честа и угледот, половата слобода и половиот морал и имотот на граѓаните, кои инаку иманентно се поврзани за граѓанинот и чие гонење е непримерно и нецелисходно да се презема по службена должност, а да не се повредат одделни други уставно заштитени вредности.

Тргнувајќи од напред наведеното, според мислењето на Судот, членот 106 став 1 од Уставот не може да биде потпора за оценување уставноста на оспорените одредби, дотолку повеќе што со нив не се навлегува и негира уставно утврдениот статус на јавното обвинителство како единствен и самостоен државен орган во однос на другите органи во организацијата на државната власт, кој ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Кривичниот законик со член 106 став 1 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.133/99
9 септември 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков