Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јули 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување Детален урбанистички план на урбанистичката единица бр.14 и 61 (нас. Тасино Чешмиче и Црниче) – Скопје, донесена од Советот на општина “Кисела Вода” под бр.08-228/1 од 13 мај 1998 година.
2. Илија Пулејков, Благоја Атанасовски, Блаже Стефановски и други од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Како причини за оспорување на наведената одлука, особено во второ поднесената иницијатива, се истакнува дека истата не била донесена во постапка предвидена со Законот за просторното и урбанистичко планирање, односно дека при нејзиното донесување не се почитувале одредбите особено на: член 18 став 1 и 2 (планот не бил изложен на јавно место, ниту било објавено преку јавните гласила каде е изложен); член 18 став 3 (не бил изготвен извештај, со образложение за неприфатените забелешки, кој се доставува заедно со предлогот на планот до Советот на општината); член 20 став 2 (потребата од овие измени не била утврдена со претходна ревизија на планот); член 19 став 2 и 3 (комисијата што ја извршила стручната ревизија не била компетентна и законски формирана); член 22 став 6 (не била добиена согласност од надлежното министерство, односно истата била ускратена (неиздадена) од причините наведени во иницијативата); и член 22 став 7 од Законот за просторното и урбанистичко планирање (планот иако се смета за недонесен, во практиката се применувал).
Причините за оспорување на оваа одлука во другите две иницијативи се од друга природа. Имено, со овие иницијативи одлуката се оспорува затоа што при нејзиното донесување во планот се извршени измени кои не биле предложени во првата фаза, односно во фазата на нацрт, по кој била спроведена јавна анкета, така што на подносителите на овие иницијативи не им било овозможено да се изјаснат во однос на дополнителните измени на планот што биле предложени во втората фаза, односно со предлогот на планот, а по усвоени приговори од трети лица, а кои измени биле на штета на подносителите на овие иницијативи бидејќи им се одземал односно зафаќал значителен дел од нивните парцели.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 1 од оспорената одлука се донесува измена на одлуката за донесување на Детален урбанистички план за урбанистичката единица бр.14 и 61 (Нас. Тасино Чешмиче и Црниче) (“Службен гласник на град Скопје” бр.176/65, 27/82, 15/85 и 10/93) и дека во членот 2 на оваа одлука се вршат измени и дополнувања кои се однесуваат на: разграничување на просторот што и припаѓа на општината “Кисела Вода” (Нас. Црниче) по нови катастарски парцели; на усогласување на Деталниот урбанистички план со пресудата на Врховниот суд на Македонија, усогласување на катастарска со урбанистичка парцела, односно спроведување на акт за признавање на предимствено право на користење на градежно зејиште и на делумни измени и дополнувања на планот во границите на утврдениот зафат.
Во членот 2 од Одлуката се утврдува површината што ја зафаќа населбата Црниче и се утврдуваат нејзините граници. Понатаму, во утврдените граници на зафатот се предвидува: усогласувања на конкретните урбанистички со катастарски парцели, предвидувања на нови индивидуални станбени објекти, потврдување на индивидуални станбени објекти и доградби, дефинирање на урбанистички парцели и пристапи, предвидување на доградби и надградби на индивидуални станбени згради, промена на габарит на новопредвидени објекти, предвидување и потврдување на деловни објекти, пренамена на просторот и промена на профил и траса на една улица.
Согласно член 3 од Одлуката, составен дел на оваа одлука, меѓу другото, се: текстуалниот дел, графичките прилози, одредбите за спроведувањето на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план и извештајот од јавната анкета.
Според членот 4 изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на општината “Кисела Вода” и потпис на претседавачот на Советот на општината.
Членот 5 од одлуката предвидува дека Одделението за урбанизам, во рок од 60 дена од донесувањето на оваа одлука, ?е обезбеди комплетна документација за остварување на планскиот документ, а додека во членот 6 се предвидува дека измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува, следи и за неговата реализација се грижи Одделението за урбанизам на општината.
Последниот член 7 од одлуката содржи одредба според која истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на град Скопје”.
Судот, исто така, утврди дека законитоста на оспорената одлука веќе ја оценувал по предметот У.бр.56/99, по иницијатива на други подносители, кои оваа одлука ја оспоруваа поради тоа што нивните забелешки дадени во анкетниот лист во однос на нивната градежна парцела не биле прифатени, а ниту за тоа биле известени, иако парцелата со Деталниот урбанистички план и се намалувала за десетина метри.
Со оглед дека во постапката по овој предмет е утврдено дека подносителите на оваа иницијатива учествувале во јавната анкета и преку анкетниот лист дале забелешки, од кои едната им била прифатена, а другата не и дека извештајот со образложение за неприфатените забелешки, заедно со предлог-планот бил усвоен од Советот на општината Кисела Вода, но истиот не им бил доставен на подносителите, затоа што за тоа не постои законска обврска, Судот утврди дека постапката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за населба “Црниче” била спроведена согласно Законот за просторното и урбанистичкото планирање поради што и не го постави прашањето за нејзината законитост и со Решение У.бр.56/99 од 9 јуни 1999 година не поведе постапка за оценување законитоста на оваа одлука.
4. Имајќи предвид дека законитоста на оспорената одлука во горенаведениот предмет Судот ја оценувал само од аспект на законската обврска за општината по нацртот на Деталниот урбанистички план да ја организира јавната анкета, како и од аспект на обврската по завршувањето на јавната анкета, надлежното министерство да изработи извештај со образложение за неприфатените забелешки, а не и од аспект на другите законски одредби и причини поради кои се оспорува оваа одлука со предметните три иницијативи, Судот спроведе дополнителна постапка по овие иницијативи и при тоа ја утврди следната фактичка состојба:
Постапката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план на урбанистичките единици бр.14 и 61 (Нас. Тасино Чешмиче и Црниче) – Скопје е започната со поднесување на предлогот за донесување на оваа одлука, со нацрт на одлука од страна на Извршниот одбор до Собранието на град Скопје, во април 1995 година.
Собранието на град Скопје, расправајќи по овој предлог, на 27 јуни 1995 година донело неколку заклучоци, со кои меѓу другото се усвојува Предлогот за донесување на одлука за измена на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за урбанистичката единица бр.14 и 61 (Нас. Тасино Чешмиче и Црниче) – Скопје, се утврдува Нацртот на оваа одлука и се задолжува Градскиот комитет за урбанизам, комунални-станбени работи, сообраќај и заштита на човековата околина нацртот на Одлуката, со графичките планови да ги стави на јавен увид и по истекот на рокот од 15 дена да организира јавна расправа во МЗ “Црниче”, како и нацртот на одлуката со графичките прилози да ги достави на соодветна научна и стручна институција заради ревизија.
Од страна на Советот на општина “Кисела Вода” во весникот ” Вечер” е издадено соопштение со кое заинтересираните граѓани и правни лица се известуваат дека од 9.06. до 23.06.1997 година во МЗ – Урбанистичка единица бр. 61 – Црниче ќе биде изложен Нацрт-планот за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план на Урбанистичката единица бр.61 – Црниче – Скопје.
За разгледување на барањата и забелешките и за изготвување извештај од јавната анкета од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица “Кисела Вода” е образувана комисија во состав од пет члена, од чија страна е изготвен и извештајот на 6 април 1998 година.
Од извештајот по јавната анкета видно е дека Комисијата по однос на барањето на Пулејков Илија заклучила дека: пристап до предметниот објект и поделбата на урбанистичките парцели до двојниот објект според условите кои ги нуди фактичката состојба претставува најдобро решение како што е прикажано во Нацрт-Планот, а урбанистичката парцела е дефинирана според приложената документација издадена за градба”.
Исто така од извештајот видно е и тоа дека со анкетен лист со свои забелешки и барања се јавило и Еколошкото друштво “Чешма Св. Петка” кое има забелешка на Нацрт Планот во однос на урбанистичката парцела за локацијата на “Чешма Св. Петка” која како уреден јавен простор постои на Ул. ” Црниче” бб, а се граничи со урбанистичката парцела која со Нацрт-планот припаѓала на Пулејков Илија.
Комисијата по извршениот увид на лице мсто го уважила барањето на Еколошкото друштво за зголемување на урбанистичката парцела со дефинирање на урбанистичката парцела што е соседна на парцелата од чешмата според издадената документација, се дефинира и урбанистичката парцела на чешмата.
Со вака оформената урбанистичка парцела за локалитетот “Чешма Св. Петка” се овозможува подобро искорисувње на просторот, заштита на изворот на природна проточна вода која претставува општ интерес за целиот град и е уреден од страна на населението.
Во однос на подносителите на втората иницијатива од извештајот по јавната анкета видно е дека тие барале ново дефинирање на урбанистичките парцели помеѓу нивниот објект и новопредвидениот објект во сопственост на Ацо Симоновски. Барањата не им се прифатени, со оглед дека урбанистичката парцела на Ацо Симоновски која граничела со предметната локација имотно-правно е правосилна (бр.15/122 од 14.06.1993 – пресуда на Врховниот суд во врска со неговото барање за признавање предимствено право на користење градежно неизградено земјиште за изградба на индивидуална станбена зграда) и ке се пристапи кон фактичко воведување на владение.
Од извештајот, исто така, се гледа дека барањето поднесено од Ниотис Драган и Мирослав за дефинирање на урбанистичката парцела на новопредвидениот објект врз основа на валидна документација – тапија пред национализирање е прифатено, со оглед дека предметниот простор во моментот е општонароден имот и имало можности за доделување како на поранешен сопственик.
И на крај, од прибавената документација произлегува и тоа дека Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина под бр.18-4467 од 3 јули 1998 година издало согласност за спроведување на изменувањето и дополнувањето на ДУП за населба Црниче (УЕ.бр.61) – Скопје. Од образложението на согласноста е видно дека при нејзиното издавање освен самата Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистичкиот план на Урбанистичката единица бр.61 населба Црниче – Скопје, се имала во предвид и следната документација која била приложена кон одлуката: – Предлогот за изменување и дополнување на ДУП за населба Црниче (УЕ.бр.61) – Скопје, изготвен од Д.О.О. “ЗУАС” – Скопје, со тех.бр.695/96, од мај 1998 година; – Стручна ревизија на Нацрт-измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за населба Црниче ‘ Скопје, изготвена од АД “Завод за урбанизам и станбено комунална техника на Република Македонија, од 1997 година; – Извештај од јавната анкета по Нацрт-Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување ДУП на УЕ.бр.61 – населба Црниче – Скопје, изготвен од ПОЕ на МУГЗ населба “Кисела Вода” со бр.32 с. од 6.04.1998 година и др.
5. Според член 17 став 3 од Законот за просторното и урбанистичкотол планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97, 18/99), по нацртот на Деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета, а според ставот 5 на истиот член јавната анкета ја организира општината.
Јавната анкета, според член 18 став 1 од Законот, се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретниото подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата, а според ставот 2 на истиот член за времето и местото каде ке биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.
Според ставот 3 на овој член од Законот, во однос на кој, исто така, се оспорува законитоста на Одлуката, а чија содржина со последните измени и дополнувања на Законот е трансформиран и во став 4, општината, (пред измените – надлежното министерство за урбанизам), изработува извештај за спроведената јавна анкета по нацртот на деталниот урбанистички план, со образложение за неприфатените забелешки.
Во членот 19 став 2 и 3 е предвидено дека стручната ревизија на просторните и урбанистички планови, која согласно ставот 1 се врши пред организрањето на јавната анкета на деталниот урбанистички план, ја врши стручно-научна институција или комисија што ги определува министерот надлежен за работите на урбанизмот, а комисијата се определува од претставници на органите на управата и истакнати научни и стручни работници.
Според член 20 став 2, кој што важел во времето на донесување на оспорената одлука, потребата за измени и дополнување на просторен и урбанистички план се утврдува со ревизија на планот, која задолжително се вршеше по истек на определен период за одделни видови планови.
Овој став со Законот за изменување и дополнување на Законот за просторното и урбанистичкото планирање донесен на 24 март 1999 година, а објавен во ” Службен весник на Република Македонија” бр.18/99) е изменет и е со сосема друга содржина, од предходниот. Имено, наместо ревизија сега во ставот 2 на овој член од Законот се предвидува дека во периодите од 5, 10 и 15 години се врши планирање.
Понатаму, според член 22 став 6 од Законот, деталните урбанистички планови можат да се спроведуваат по издавање на согласност од министерството надлежно за работите на урбанизмот, а според ставот 7 на истиот член плановите на кои не е издадена согласност се сметаат дека не се донесени.
И на крајот, според членот 56 став 2 од Законот, деталните урбанистички планови чија постапка е започната од градот Скопје ке се донесат од општината од порачјето на градот за чие подрачје се однесува планот.
Имајки ги предвид наведените законски одредби, од една страна, како и фактот дека во конкретниот случај оспорената одлука Советот на општината Кисела Вода ја донел во две фази, како нацрт и како предлог, дека пред спроведувањето на јавната анкета е извршена стручна ревизија на предложените измени и дополнувања и тоа од страна на стручно-научна институција определена за тоа од министерот за урбанизам, дека по нацртот на планот општината организирала јавна анкета, со излагање на планот во просториите на Месната заедница “Црниче”, а за времето и местото каде е изложен планот било објавено соопштение во весникот “Вечер”, дека по спроведената анкета бил изготвен извештај, со образложение за неприфатените забелешки, дека после тоа изменувањата и дополнувањата на планот се изработени во форма на предлог на одлуката, исто така од организација овластена за тоа и дека оваа одлука како таква е донесена од Советот на општината по која е добиена и согласност од надлежното министерство, произлегува дека оспорената одлука е донесена во согласност со постапката утврдена во Законот за просторното и урбанистичко планирање, поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените законски одредби.
Што се однесува до наводите во првоподнесената и третоподнесената иницијатива дека на нивните подносители не им било овозможено да се произнесат во однос на дополнителните измени на планот што биле предложени во втората фаза, односно со предлогот на планот, а по усвоени барања, односно забелешки на трети лица, Судот оцени дека истите се неосновани затоа што таква можност во фазата на предлогот на планот не е предвидена во Законот за просторното и урбанистичкото планирање, а во однос на наводите дека со тие измени им се зафаќало дел од нивните парцели Судот смета дека истите се од фактичка природа кои Уставниот суд не е надлежен да ги утврдува, ниту се од значење за оценување на законитоста на оспорената одлука.
Исто така, и наводите во второподнесената иницијатива дека наведените потреби во членот 1 од оспорената одлука, а особено потребата заради усогласување на Деталниот урбанистички план со пресуда на Врховниот суд на Македонија, не можат да бидат основа за изменување и дополнување на деталниот урбанистички план и дека тие потреби не биле утврдени со ревизија на планот, Судот смета дека се ирелевантни за оценување на законитоста на оспорената одлука, со оглед дека на нацртот на планот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за населба Црниче е извршена ревизија и во рамките на таа ревизија се верифицирани, односно потврдени или утврдени наведените потреби за извршените изменувања и дополнувања, така што со тоа е исполнет и условот од ставот 2 на член 20 од Законот кој што важел во времето на донесувањето на овој план.
6. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд веќе одлучувал за законитоста на оспорената одлука, а со овие три иницијативи иако се изнесуваат нови факти и околности, сепак, според мислењето на Судот, а имајќи ја предвид утврдената фктичка и правна состојба на работите по овој предмет, истите не претставуваат основи за поинакво одлучување, поради што, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.191/1998, У.бр. 201/1998 и У.бр.100/1999
14 јули 1999 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков