127/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 50 од Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98).
2. Игор Димитровски и Милан Насковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за оценување уставноста на членот 50 од законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителите на иницијативите сметаат дека бараната предходна согласност од сопствениците на сите станови на зградата односно на влезот на зградата при пренамена на стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија за вршење на деловна дејност не било во согласност со член 30 став 3 од Уставот. Имено, согласноста можела да не биде дадена од болни побуди, како што наведуваат иницијаторите со што било повредено правото на сопственост како темелна вредност на уставниот поредок на државата. Исто така, подносителите сметаат дека бараната проектна документација била одвишна и претставувала кочница и губење време при пренамената бидејки таква проектна документација била изготвувана при изградбата на зградата.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 50 од Законот за домување, стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија врз основа на проектна документација може да се пренамени за вршење на деловна дејност на барање на сопственикот на станот ако не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, не се нанесува штета на зградата и не се оневозможуваат другите корисници во мирно користење на становите, по претходна согласност на сопствениците на сите станови на зградата односно на влезот на зградата.
Одобрението за пренамена го издава Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на човековата средина.
4. Правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Членот 1 од Законот за домување утврдува дека со овој закон се уредуваат односите во домувањето, начинот и условите за давање на становите под закуп, правата и обврските на сопствениците и корисниците на становите и одржувањето на станбените згради.
Во членот 2 од овој закон е определено значењето на одделни поими употребени во законот. Имено, стан е вкупноста на просториите наменети за домување што сочинуваат функционална градежна целина и имаат одделен влез. Помошни станбени простории се простории што припаѓаат на станот (подруми, гаражи) и други помошни простории и се наоѓаат во или надвор од станбената зграда во која се наоѓа станот. Заеднички простории во станбена зграда се скали, ходници, тавани, пералници, сушалници, заеднички подруми, засолништа, простории за домарска служба, простории за куќен совет, простории за отпадоци и други простории кои служат за зградата како целина.
Во општите одредби на овој закон е допуштена можност стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија да се пренамени за вршење на деловна дејност под услови и начин утврдени со закон.
Во главата ВИ од овој закон, која се однесува на поправки, преправки, адаптација и пренамена на становите, заедничките простории и делови на станбените згради се утврдени условите под кои стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија може да се пренамени за вршење на деловна дејност. Тие услови се: 1) потребна проектна документација, 2) да не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, 3) да не се нанесува штета на зградата, 4) да не се оневозможуваат другите корисници во мирно користење на становите, 5) претходна согласност на сопствениците на сите станови на зградата односно на влезот на зградата.
Исто така, законот утврдил дека одобрението за пренамена го издава Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.
Пред Судот се постави прашањето дали утврдените услови под кои стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија може да се пренамени за вршење на деловна дејност го ограничува уставно гарантираното право на сопственост?
Ако се има предвид членот 30 став 2 од Уставот според кој сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, произлегува дека сопственоста не може да се свати во апсолутна смисла. Имено, правото на сопственост во принцип е неприкосновено. Меѓутоа, утврдувајки ја сопственоста како категорија која создава и права и обврски, Уставот определува дека таа треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата.
Во конкретниот случај, пренамената за вршење на деловна дејност, подразбира промена на основната намена на делови од објектите, така што не станува збор за одземање или ограничување на правото на сопственост туку за исполнување на одредени со закон утврдени услови кои се потребни пред се токму заради промената на основната намена на деловите на објектите.
Оттука, Судот оцени дека бараната проектна документација како и претходната согласност на сопствениците на сите станови на зградата односно на влезот на зградата, се дел од условите кои треба да се исполнат при пренамена на објектите за вршење на деловна дејност при што во никој слу чај не се доведува во прашање уставно гарантираното право на сопственост особено поради тоа што при пренамената не би требало да се тргнува само од интересот на поединецот туку и од интересот на другите станари и на заедницата во целина.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.127/99
7 јули 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков