Вовед
Уставниот суд на Република македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јуни 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 162 став 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96 и 32/97).
2. Дочка Меновиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 162 став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што ја овластувал Владата на Република Македонија да ги именува членовите на управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот став 2 на член 162 од Законот управниот одбор има девет членови коигиименува Владата на Република Македонија за време од четири години.
Согласно член 58 став 2 од Уставот на Република Македонија учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на компетентност и стручност.
Од оваа одредба произлегува дека Уставот со бланкетна норма упатува со закон да се уреди учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби, при што доминантна улога имаат стручноста и компетентноста на субјектите кои учествуваат во работата на оваа установа.
Согласно оваа уставна одредба е донесен Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој предвидува во Фондот за пензиско и инвалиско осигурување да се извршува политиката на развојот на пензиското и инвалидското осигурување; да се следат и анализираат состојбите во пензиското и инвалидското осигурување; да се предлагаат мерки за унапредување на системот на пензиското и инвалидското осигурување; да се преземаат мерки за рационално користење на средствата потребни за обезбедување на правата од пензиско и инвалидско осигурување; да се донесува Буџетот на Фондот да се усвојува завршната сметка на Фондот и сл. (чл.160).
Согласно член 169 став 2 од Законот согласност на Статутот на Фондот дава Владата на Република Македонија.
Согласно член 170 став 1 од Законот Министерството за труд и социјална политика врши надзор над работењето и законитоста на работата на Фондот.
Ставот 2 на овој член од Законот предвидува Министерството за труд и социјална политика да може да запре извршување на општ акт на Фондот ако не е во согласност со овој закон или ако не е во согласност со Уставот, до донесувањето на Одлуката на Уставниот суд.
Членот 172 од Законот предвидува средствата потребни за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување да се обезбедуваат, меѓу другото, со плаќање придонес од платата на работниците и со придонесот од добивката, како и со придонес од приходот што физичкото лице, односно земјоделецот ќе го оствари со вршење на својата дејност; од Буџетот на Република Македонија, од средствата остварени на основа на трансформација на општествениот капитал во согласност со закон, од имотот на Фондот и др.
Согласно членот 174 став 1 и став 2 од Законот стапките на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување се утврдуваат за период за кој се донесува и Буџетот на Фондот, а ги утврдува Собранието на Република Македонија по предлог на Владата на Република Македонија.
Од изнесените законски одредби произлегува дека средствата на Фондот се користат строго наменски, односно исклучиво за намените утврдени во Законот (за исплата на пензиите и другите парични примања од пензиското и инвалидското осигурување, за придонес за здравствено осигурување и сл.), а кои се засноваат врз начелата на социјална праведност и солидарност како основни вредности на уставното право на граѓаните на социјално осигурување (член 34 од Уставот). Од тие причини, во надлежностите на Фондот, како институција од јавен интерес, значајно место зазема извршувањето на политиката на развојот на пензиското и инвалидското осигурување, следењето и анализирањето на состојбите во ова осигурување, предлагањето на мерки за унапредување на овој систем и сл. (член 160 од Законот).
Имајки го предвид карактерот на овие надлежности, кои државата како јавно овластување му ги доверила на Фондот, Судот оцени дека е оправдано овластувањето на Владата да именува членови на Управниот одбор, како орган кој управува со Фондот во кој се остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Имајки го предвид изнесеното, Судот оцени дека управувањето и одлучувањето во јавните установи што вршат дејност од јавен интерес и обезбедувањето на стручноста и компетентноста во истите спаѓа во доменот на надлежноста на законодавецот кој, согласно тоа овластување, во оспорената одредба од Законот предвидел Владата на Република Македонија да ги именува членовите на управниот одбор на Фондот поради што, не може да се постави прашањето за нејзината уставност од овој аспект.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.66/99
30 јуни 1999 година
С к о п ј е
ат.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков